Интервју Кекеновски: ДПМНЕ создаде зависни граѓани, ние ќе ги казниме за злоделата
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016
На два месеца до изборите се прават сериозни обиди за окрупнување на опозицијата и наоѓање на вистинската формула за спротиставување на партискиот бедем на ВМРО-ДПМНЕ. Една од најпосакуваните варијанти е да произлезе десничарски блок кој ќе понуди замена на популизмот на Груевски, ќе ја презентира идеологијата во чиста форма и ќе ги „украде“ традиционалните и поконзервативните гласачи.
Се говори за големо незадоволство во ВМРО кое се преќутува бидејќи и нема друг избор во десницата кој е спремен да истапи. Токму за овие теми разговараме со проф. Д-р Јове Кекеновски, еден од предводниците на ФРОДЕМ и иницијатор за реформи во ВМРО-ДПМНЕ кој смета дека со широк фронт има шанси за успех на следните избори како и да воспостави нов вредносен систем.
Фактор: Можно ли е окрупнување на опозициската десница пред изборите. Како помали партии според изборниот модел не може да очекувате голем успех, неопходна ли е широка коалиција на десните партии?
Кекеновски: Јас и ние во ФРОДЕМ со оглед на сите анкети, како и од сопственото согледување и искуство одамна укажуваме и настојуваме да дојде до окрупнување на сите опозициони политички партии и останати субјекти на позицијата десно – центар. Со оглед на се поголемиот број на незадоволни членови во партијата на власт како и околу 45 % од гласачите кои сеуште не се определиле за која партија ќе гласаат ни дава за право да бидеме сериозни оптимисти дека оваа опција е реално остварлива и потребна заради промена на оваа дваесет и пет годишната црно-бела слика.
Фактор: Кој се би влегол во ваков блок, како би настапиле по изборни единици, кои би биле носители на избирачките листи. Во игра се смета дека се Достоинство на Стојанче Ангелов, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски и други?
Кекеновски: Ние од ФРОДЕМ веќе подолго време заедно со ДС, МОРО РП и ДЕМОС функционираме како Коалиција за Промени и Правда. Од пред две недели ги започнавме преговорите за окрупнување со ВМРО НП и можам да кажам дека имаме и делиме исти начелниставови по однос на ова прашање и со Обединети за Македонија и Љубе Бошковски. За носители на изборни листи сеуште не сме разговарале од причина што сметаме дека тоа е последно прашање за кое лесно можеме и треба да се договориме, затоа што приоритетна цел ни е спас на државата од оваа злокоб и ова злосторничко здружение на власт. Инаку вратата за соработка е ширум отворена и за сите останати добронамерни и патриотски настроени личности и партиски субјекти кои се спремни да се осојузиме и со здружени сили да се обидеме да ја разбудиме свеста и совеста кај граѓаните, да го ресетираме деформираниот систем, да ја ремоделираме внатрепартиската демократија и со заеднички сили да воспоставиме нов вредносен модел на управување со државата.
Фактор: Искуството од претходните избори покажа дека опозициските десничари потоа се вратија во матичната партија ВМРО-ДПМНЕ, имате ли доверба во вашите соборци дека одат на избори со чист мотив, а не за потоа „скапо“ да ја продадат кожата?
Кекеновски: После сето што се слушна од објавените прислушувани разговори, начинот на кој се владеело и управувало со партијата и државата, безочното и дрско богатење на сметка на грбот на граѓаните, урнисувањето на државата и се друго што е неморално и незаконско, сметам дека бројот на таквите луѓе во иднина во политиката ќе биде се помал и помал. Ова го велам од причина што таквите изроди денес се веќе доволно познати и јасно обележани како од наша страна така и од страна на граѓаните. Второ поучени од досегашното искуство секако дека нема да им оставиме простор за нивно делување или вовлекување на мала врата во нашата потесна или поширока структура. Нашиот минат труд и макотрпно политичко патешествие не ни дава за право да дозволиме повторно такви политички первертити воопшто да помислат во иднина да се занимаваат со политика и да ги претставуваат граѓаните. Такви амали на туѓиот срам, сервилни и бескарактерни личности во политиката едноставно за сите нас треба да биде само едно мрачно минато кое не смее да ни се повтори.
Фактор: Што може да понуди една нова десничарска коалиција, дали би го нагласиле идеолошкиот момент, дали би оделе повеќе на картата на патриотското чуство или пак сме во состојба кога идеологијата е надмината и на граѓаните им е потребна јасна визија за начинот на кој ќе се води државата?
Кекеновски: Партија без иделогија е како човек без облека. Платформата и програмата на една центро -десничарска коалиција мора да биде комбинација на идеологија, принципи и вредности како и јасна и реална визија за поубаво утре. И затоа ваквата коалиција најенергично ќе се спротистави и ќесе бори против воспоставениот „систем без вредности“, односно антисистем само по мерка на владејачката партиска вршушка. Ќе се бори против обидите авторитаризмот и тоталитаризмот да се протуркаат како секојдневна демократска практика. Ова опција нема да дозволи во иднина нестручноста да се нуди со етикетата на авангардност, злоупотребата на државните и на партиските функции да се претстават како производ на светските цивилизациски трендови, а сиромаштијата на нашиот народ како продукт на идејата за колективно жртвување во името на некакви ,,повисоки” државни (читај лични и алчни) интереси. Оваа коалиција ќе ја сопре системската корупција и ќе ја прекине неприродната симбиоза помеѓу државата и организираниот криминал. Ќе ги врати сите украдени пари и ќе ги подели подеднакво на секое семејство во државата, а арамиите најстрого ќе бидат казнети.
Фактор: Кои се главните недостатоци на владејачката, што мислите кои гласачи најлесно би им ги „украле“ на следните избори или пак ВМРО-ДПМНЕ создаде премногу лојални следбеници кои без оглед на се нема да го сменат гласот?
Кекеновски: Не e точна констатацијата дека ДПМНЕ има премногу лојални следбеници. Поточно би била констатација дека таа создаде премногу зависни граѓани по разни основи за дадени помали или поголеми услуги и истите тие зависни луѓе безочно сe уценувани и искористувани исклучиво само за личен интерес на врхушката. Па оттаму освен оние кои дебело се офајдиле од власта сите останати се потенцијални и сериозни наши гласачи и подржувачи. Гласот на овие сироти и од макаодносно од зорт ,,лојални” следбеници одамна не им ,,припаѓа” на бездушните властодршци и лажни патриоти.
Фактор: Какви се релациите со опозициската СДСМ која на овие избори нема да ги меша лончињата и нема да настапи со коалициони партии од десницата?
Кекеновски: Главно нашите односи се коректни од причина што за разлика од партиите на власт ние во нив не гледаме крвни непријатели туку политички конкуретни. Тоа што и едните и другите ќе атакуваме на оние гласачи кои сеуште се неопределени не ни дава за право да го спуштиме нивото на комуникација и да се мразиме.
Фактор: Најлошото сценарио кое кружи периодов е дека постои закана да се укине СЈО, а со тоа сигурно ќе има големи политички судири пред изборите. Ако одлуката стигне во цајт-нот што понатаму, каков ќе биде одговорот?
Кекеновски: Доколку се случи тоа сигурно е дека судирите нема да бидат само политички туку мошне е веројатно ситуацијата и да ескалира. Се повеќе станувам сигурен и убеден дека тоа е најпосакуваното сценарио за оние кои досега се осомничени и обвинетите за сериозни кривични дела. И затоа Уставниот суд и сите останати институции мора да бидат на висината на задачата и грижата за опстанокот на државата. Сите решенија и постапки на било која институција кои се осмислени и се во полза на обвинетите за сторени кривични дела, сите нив ги ставаат во улога на соучесници за кое тога тогаш ќе одговараат.
Автор: Христијан Станоевиќ