Добивај вести на Viber
Дел од политичките бомби што ги објави СДСМ, а со кои како што тврди опозицијата се докажува како власта врши притисок за измени на дел од деталните урбанистички планови за лични цели, во јавноста отворија сериозни прашња. Дали за сметка сметка на бизнис и политички интереси се занемарува функционалноста на плановите и јавниот интерес? Колку честите промени на деталните урбанистички планови создаваат на терен хаос од шетите се непоправливи. Архитектите урбанисти велат дека носењето на сите урбанистички планови се одвива во фази и треба да бидат поткрепени со документација која ја одразува стварната состојба во просторот на подрачјето за кое се донесува планот и со чија стручна анализа ќе се омеѓи опсегот на можни интервенции. Многу поголема е штетата од плановите кои се спроведливи, но во кои наместо да се штити јавниот интерес се задоволуваат интересите на инвеститорите кои единствено се стремат кон максимизирање на сопствената добивка без да водат грижа за негативните последици што нивното однесување ги остава во просторот, вели во интервју за Фактор, професор д-р Влатко П. Коробар,од Архитектонскиот факултет
Фактор: Хартијата трпи се, прецртувања, бришења може и да се прават, но колку реално на терен е изводливо често менување на Деталните урбанистички планови?
Проф. Д-р Коробар: Деталните урбанистички планови, како планови со кои се уредуваат поединечните градежни парцели и се утврдуваат посебните услови за градба за секоја парцела одделно, согласно законот, имаат најкраток рок на „важење“, односно рок после кој е потребно да се изврши ревизија на нивните одредби и доколку е потребно да се интервенира во делови на планот за кои времето покажало дека важечките решенија се несоодветни.
Тоа само по себе не значи дека е потребно радикално менување на основните поставки на планот, а особено не значи дека е потребно битно да се менуваат густината и интензитетот на изграденост на просторот на начин кој со секоја нова измена на планот ќе претставува дополнително оптеретување на просторот и особено на инфраструктурата. Во нашата пракса имаме примери на екстремно кратки временски периоди во кои се вршени повеќекратни измени на плановите, како и дијаметрално спротивни случаи во кои долго по законски предвидениот рок не се вршени измени на деталните урбанистички планови.
Причините за тоа треба да се бараат во начинот на функционирање на локалната самоуправа, во чија надлежност е донесувањето на урбанистички планови, и нејзината проценка на јавниот интерес во планирањето и уредувањето на просторот на општината. За жал, во тој процес многу често поединечниот интерес доминира над општиот интерес и владее со сферата на урбанистичкото планирање.
Фактор:
Колку честите менувања на ДУП-вите создаваат хаос на терен, во смисла на неплански градби и колкави се штетите на терен?
Проф. Д-р Коробар: Непланските градби од изминатите периоди, кои порано беа познати под терминот „дива градба“, беа всушност последица и на ненавременото менување на деталните урбанистички планови кои не обезбедуваа услови за реализација на потребите за градба. Но, се разбира и пречестото менување на плановите и на сите клучни параметри во нив создава хаос во просторот и состојба на неизвесност во која жителите и инвеститорите не можат да бидат сигурни за судбината и вредноста на нивната сопственост или инвестиција.
За жал, нашето урбанистичко планирање сé уште не препознава различни видови детални планови за градски делови кои меѓусебе значително се разликуваат по својата местоположба, карактер и значење што го имаат. Имено, постојат т.н. консолидирани градски делови кај кои е досегнат оптимумот на изграденост на просторот и во чии рамки деталните урбанистички планови првенствено треба да предвидуваат реконструктивни зафати со кои се зголемува стандардот на јавните простори, се подобрува инфраструктурата, а во помал обем се врши замена на изграденото ткиво. Од друга страна постојат т.н. некосолидирани градски делови, најчесто лоцирани кон периферијата на градот, во кои е можно да се акомодира потребата за нова изградба и да се планираат поголеми градежни зафати. Центрите се најосетливиот дел на градовите, делови преку кои се легитимира градот, делови во кои најзгуснато е втисната неговата историја.
Затоа од исклучителна важност е нивното внимателно планирање со активна партиципација на јавноста. Кога тој процес не се одвива на овој начин доаѓаме до денешната состојба на скопскиот градски центар со наметнати и несоодветни решенија, со погрешно утврдени приоритети, со недозволиво бришење на слоеви на градската меморија, со простори и објекти со кои жителите не се идентификуваат, со еден збор до состојба која е суштинска негација на самиот градски центар.
Фактор: Може ли и дали треба локалната власт поточно општините да реагираат кога сметаат дека еден ДУП не е соодвтено изготвен,не може да се спроведе на терен или крајно доколку забележат дека постои некои лични бизнис интереси, а кои се спротивни на јавниот интерес?
Проф. Д-р Коробар: Не само што можат туку и мораат зашто кај нив е делегирана ингеренцијата за донесување на деталните урбанистичките планови. Доколку дојде до таква состојба и покрај вградените контролни механизми во процедурата на донесување на плановите, ако планот е навистина неспроведлив, тој и нема да може да се спроведе, па единствената штета ќе биде одложувањето на реализацијата на потребните зафати во просторот што ќе треба да се планираат со нов план.
Многу поголема е штетата од плановите кои се спроведливи, но во кои наместо да се штити јавниот интерес се задоволуваат интересите на инвеститорите кои единствено се стремат кон максимизирање на сопствената добивка без да водат грижа за негативните последици што нивното однесување ги остава во просторот. Заради донесувањето на такви планови денес имаме претворање на простори наменети за зеленило во парцели наменети за градба, енормно зголемување на интензитетот на изграденост над капацитетот на постојната инфраструктура, па општиот стандард на градско живеење постојано е во опаѓање, бесправно присвојување на јавни површини за реализација на индивидуални интереси и безброј други слични ситуации за кои сведочиме низ секојдневното живеење во градот.
Фактор: Во рок од колку време теоретски и практично можат да се интервенира и да се менуваат деталните урбанистички планови ?
Проф. Д-р Коробар: Законски предвидениот рок за измена на деталните урбанистички планови изнесува пет години. Од многу причини во редовната пракса овој период е подолг, пред сé заради процедурата низ која се донесуваат плановите и сложеното усогласување на различните интереси на учесниците во овој процес. Затоа не случајно и со право, брзите измени на деталните урбанистички планови во краток временски рок, јавноста ги толкува како јасен сигнал за задоволување на нечии поединечни интереси.
Фактор: На што се поддлежи носењето на ДУП-вите, дали за да се изработи и донесе еден ДУП се потребни специјални студии и истражувања, за кога планот ќе се спроведе на терен да го даде очекуваниот ефект?
Проф. Д-р Коробар: Сите урбанистички планови, а не само деталните урбанистички планови, минуваат низ слични фази на нивна изработка. Првата фаза е поврзана со утврдувањето на потребата да се измени планот и прецизно да се дефинираат целите кои со планот треба да се постигнат. Потоа следи утврдувањето на програмските елементи на планот со кои поблиску се утврдува обемот и начинот на користење и уредување просторот, преку кои треба да се постигнат утврдените целите кои секогаш како своја премиса треба да ја имаат заштитата на јавниот интерес во просторот.
Сите овие фази треба да се поткрепени со документација која ја одразува стварната состојба во просторот на подрачјето за кое се донесува планот и со чија стручна анализа ќе се омеѓи опсегот на можни интервенции. Дури потоа следат фазите во кои се работи на планските решенија, кои во праксата на некои земји задолжително вклучуваат изработка на алтернативи преку кои се оценуваат реперкусиите врз просторот од различните плански решенија. Од исклучителна важност е покрај високите професионални стандарди што треба да бидат почитувани, овој процес во сите фази да биде отворен за јавноста и да е овозможена нејзина партиципација и влијание врз планерските одлуки. Само на тој начин ќе се постигне целосна транспарентност на процесот и ќе се овозможи врамнотежување на јавниот и приватниот интерес во просторот.
Ј.С