Доналд Трамп го проби мразот околу војната во Украина
Објавено во: Колумни 11 Ноември, 2024
Избраниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател, Владимир Путин, веќе разговарале во четвртокот. Темата на разговор – можното прекинување на војната во Украина. Ова го тврдат извори на „Вашингтон пост“, во текст објавен вчера. Со ова се реализира едно од ветувањата на Трамп во предизборието дека ќе разговара со Путин за решавање на конфликтот во Украина. Трамп, иако не е стапнат на функцијата, е првиот западен политичар кој го проби мразот и директно разговара со Путин.
Вчера и германскиот канцелар Олаф Шолц, во интервју за ARD, изјави дека наскоро ќе дојде „вистинско време“ за разговор сорускиот претседател.Лидерот на германската опозиција и кандидат за нов канцелар, Фридрих Мерц, во интервју за Stern изјави дека е подготвен да разговара со Путин, после неговиот избор за канцелар. Овде да не зборуваме за унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот словачки колега Роберт Фицо. Тие поодамна се за дијалог со Путин. И посредно го поддржуваа со самиот факт што се против нови санкции кон Русија. Орбан сега лета во воздух повторувајќи дека не е изолиран и дека има силен сојузник во Трамп. Наредниве денови сигурно ќе се јават и некои други политичари. Освен Полска, земјите од Балтикот, Шведска и Финска, кои како да градат „сојуз“ за заеднички настап во решавањето на украинскиот конфликт во ЕУ. Секако ако ги прашаат за тоа.
ТЕРИТОРИИ ЗА МИР
Текстот во „Вашингтон пост“ е насловен:„ Трамп позборува со Путин, му кажа на рускиот лидер да не ја заострува ситуацијата во Украина“. Разговорот најверојатно е воден после јавната честитка од Путин до Трамп за победата и кога го пофали за „машкиот“ одговор на обидот за атентат во Пенсилванија, при што рече дека е подготвен за разговор со Трамп. Во текот на разговорот, кој Трамп го водел од својот ресорт на Флорида, тој го посоветувал рускиот претседател да не ја заострува ситуацијата во Украина и му спомнал за значајното воено присуство на Вашингтон во Европа. Двајцата ги разгледале можностите за постигнување мир на европскиот континент, а Трамп изразил заинтересираност за наредни разговори за да се разгледа „скорешното разрешување на војната во Украина“. Новоизбраниот американски претседател изразил загриженост за американските даночни обврзници поради трошоците за поддршка на Украина и претпоставил дека мирот можеби ќе бара од Украина да отстапи дел од териториите, на пример Крим. Лично од себе Трамп, дал до знаење дека ќе поддржи зделка, според која, Русија ќе задржи дел од заземените територии. Во време на раговорот со Путин кратко се разговарало за прашањето на земјиштата.
Од Русија вчера немаше никаква реакција на пишувањето на американскиот весник. Во Кремљ после изборите во САД беше соопштено дека Путин нема намера да му ѕвони за Трамп, претседател на „непријателска земја, која директно или индиректно е вклучена во војната против нашата држава“. Но откако Путин му честиташе на Трамп, почна да се менува и реториката на Кремљ. Па, Димитриј Песков, портпаролот на Путин,во едно интервју за рускиот државен канал „Русија“, изјави дека се „позитивни знаците за подобрување на односите при претседателствувањето на Трамп“. Тој тоа го образложи со фактот дека Трамп во својата кампања зборуваше за склучување зделка, која ќе доведе до мир. „Во крајна линија тој говори за мир, а не за конфронтација и желба да нанесе стратешки пораз на Русија“, рече Песков. За него, стратегијата на Џо Бајден и на Камала Харис за Украина беше предвидлива, а Трамп е понепредвидлив и понепредвидливо е до кој степен тој ќе се придржува до изјавите што ги даваше во предизборната кампања. Оттука и пораката, „да почекаме и да видиме“.
Знаеја ли Украинците за намерата на Трамп да води разговор со Путин и дали знаеја за овој разговор. Ако се суди според предизборната кампања на Трамп, во Киев сигурно претпоставувале дека, кога, тогаш, Трамп ќе се чуе со Путин, иако потајно би присакувале да не дојде до таков разговор. Не од друго, туку од фактот дека со тоа ќе се отвори вратата за други контакти на Путин со западни политичари. А уште повеќе со реализацијата на планот на Кина и Бразил за мир во Украина. На кој се спротивставува официјален Киев. „Вашингтон пост“ пишува дека владата на Украина била информирана за телефонскиот разговор и немала ништо против разговорот. Но, претставник на украинското Министерство за надворешни работи за „Ројтерс“ изјавил дека Украина не била однапред информирана за телефонскиот разговор на Трамп и Путин. „Соопштенијата дека украинската страна бил претходно информирана за разговорот не се точни. Оттука, Украина не можела да го одобри или да истапи против него“, изјавиле од украинското МНР.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ЕСКАЛАЦИЈА
Што значи разговорот на Путин и Трамп? Независно од тоа, знаеле ли Украинците или не знаеле за разговорот однапред, од она што е обнародено во јавноста може да се заклучи дека Трамп не се откажува од својата позиција за брзо завршување на војната во Украина. Со некаков територијален компромис со Русија. Дали со примирје на сегашната линија на фронтот или некоја друга варијанта? Русија ги бара сите територии кои се под нејзина контрола и тоа во административните граници. Што значи Украина да изгуби и нови територии. На каква ескалација го предупреди Трамп рускиот претседател. Русите сега воено напредуваат на истокот од Украина. Собираат војска во Курската област со намера да ги истиснат Украинаците од таа територија. На помош се дојдени околу 10 илјади северно корејски војници. Тука не се гледа некоја ескалација. Русија ќе рече дека војува на своја територија. Но постои опасност, а на која укажуваше и Владимир Зеленски, Русите зимава да ги уништат енергетските извори на атомските централи. Со што практично Украина ќе остане без електрична енергија на цела територија. По ова тие ќе треба да ја прекинат својата работа, народот ќе мрзне, индустријата нема да работи, училиштата, болниците, институциите... Веројатно Трамп е запознат со ова опасност и оттука барањето да нема заострување на ситуацијата и натамошна ескалација. Американски извори велат, пак, дека „Трамп не сака да стапи на должност во услови на нова криза во Украина, предизвикана од руска ескалација, што ќе му даде стимул да не дозволи заострување на војната“.
Сега е прашање колку Путин има намера да го послуша Трамп и што побарал од него да не дојде до ескалирање на војната? Или пак, ќе вага што ќе му донесе евентуалниот удар за разурнување на украинската енергетика во предвечерието на инаугурацијата на Трамп. Особено ако дојде до преговори на кои Русија би го користела тоа како адут во нив. Секако оваа варијанта е помалку веројатна, но ништо не се знае. Особено што во САД, Франција и Британија се залагаат за натамошна воена поддршка на Украина, која исто би довела до ескалација. Може да се случи наместо руска, да имаме украинска ескалација, поддржана од тие три земји, но и други членки на НАТО.
Веќе за среда е најавена средба на Џо Бајден и Доналд Трамп. Џејк Саливен, советникот за национална безбедност изјави дека Бајден ќе го замоли Трамп, да не ја прекинува помошта за Украина. “Претседателот ќе има можност да му објасни на Трамп, како ја гледа ситуацијата, во каква положба се наоѓаат, и да разгледаат како Трамп планира да ги решава тие проблеми, кога ќе стапи на должност“, рече Саливен. Бајден во наредните 70 дена ќе има можност да му докаже на Конгресот и на следната администрација, дека САД се должни да не ја отфрлаат Украина, бидејќи „тоа ќе доведе до уште поголема нестабилност во Европа“, најави Саливен. Ќе видиме каква ќе биде реакцијата на Трамп. Посебно со оглед на неговите сегашни и досегашни ставови за војната во Украина. Неодамна WSJ, напиша дека опкружувањето на Трамп предложило план со кој се замрзнува конфликтот, се создава демилитаризирана зона, продолжува вооружвањето на Украина, а таа се откажува од влез во НАТО,најмалку 20 години. Трамп, исто така, не еднаш го нарече Зеленски „трговец“, чија секоја посета на САД се завршува со милијарди долари помош од Вашингтон.
ЧИСТКА НА РАДИКАЛНИТЕ
Кон намерите на Бајден, но и порадикално ќе се приклучат и Франција и Велика Британија. Премиерот Кир Стармер и претседателот Емануел Макрон ќе разговараат дали можат да го убедат Џо Бајден да и дозволи на Украина да ја бомбардира Русија со ракетите Storm Shadow, длабоко на нејзина територија. Според „Телеграф“, тие очекуваат дека Бајден ќе се согласи сакајќи да го сочува своето политичко наследство. Ова би се направило за да се преземе „последен обид“ за спречување на САД да ја намалат својата воена помош на Украина со враќање на Доналд Трамп на претседателска функција. Рускиот претседател во септември изјави дека решението да се даде дозвола на Киев да користи западно оружје со далечен дострел за удари врз Русија ќе ги направи земјите на НАТО учесници во конфликтот.
Во меѓувреме продолжуваат разните коментари за ноа што ќе донесе претседателствувањето на Трамп. Синот на Трамп, Доналд Трамп – помладиот изјави дека Зеленски „ за 38 дена ќе го загуби својот додаток“. Сето ова проследено со меме на кое се гледаат Трамп и Зеленски на последната средба, а врз главата на Зеленски паѓаат доларски банкноти. 38 дена е моментот кога електорите во САД ќе треба да ја потврдат победата на Трамп, на 17 декември. Илон Маск, пак, се согласи со тврдењето на поддржувачот на Трамп, милијардерот Дејвид Сакс, дека во САД има поткуп, со украински корупциски пари, за влијание. И не само Хантер Бајден, синот на претседателот. Туку на многу потпалувачи на војната им се плаќа. Илон Маск, одовори „Да“ на својот ѕид на Х(Твитер).
Трамп вчера најави дека нема да смета на Ники Хејли, поранешната постојана претставничка на САД во ОН, но и на некогашниот негов државен секретар, Мајк Помпео. И двајцата беа силни поддржувачи на Украина. И се залагаа за силен притисок врз Русија. Ники Хејли беше и единствениот посериозен противкандидат на Трамп за претседателската номинација на републиканците. Ова може да се толкува и како некоја доследност на Трамп во поглед на Украина, но има една работа која зборува дека, најверојатно тимот на Трамп сака да расчисти со корумпираните поддржувачи на Украина. Помпео, очекуваа да стане дел од тимот на Трамп, па го „ставаа“ и на функцијата државен секретар или специјален пратеник за Украина. Но од лани во ноември тој е член на Надзорниот одбор на операторот „Киевстар“. Во Украина тврдат дека таму го зеле за да ги лобира интересите на компанијата, и по победата на Трамп, Украина би имала „свој“ човек во неговата околина и би можела да ги поткопува обидите на новата Администрација за промена на курсот кон Украина. Веднаш паѓа в очи аналогијата со синот на Бајден кој беше дел Светот на директори на компанијата „Буризма“, околу што се крена голема врева во САД, за тргување со влијание. Во Украина се пишува дека и поранешниот специјален претставник на Стејт департментот за Украина, Курт Волкер протуркан на таа позиција преку лоби групи, не малку напори вложил за „замрзнување на процесот на реализација на политичкиот дел од Минските договори“. Со потегот на Трамп уште отсега се пресекуваат можностите такви луѓе да влезат кај него во администрацијата.
ПРИТИСОЦИ
Секако, ова не значи дека Трамп ќе успее да ги оддалечи од себе „јастребите“, кои би му попречиле во спроведувањето на неговите намери за мир во Украина. Едно е да даваш изјави додека си кандидат за претседател, а сосема друго кога ќе седнеш во фотелјата. Трамп ќе биде сервисиран и од служби кои не се дел од неговата администрација, а на кои тој им е многу кивен за се’ она што истрпи за време на неговиот прв мандат. Оттука се’ многу ќе зависи од балансот што ќе биде воспоставен или пак од намерите на Трамп да „расчисти“ со службите кои му го „загорчуваа“ мандатот. Ако се суди според досегашните најави, Трамп засега е опкружен со луѓе кои се залагаат за брзо завршување на војната и кои не го „мирисаат“ многу Зеленски. Тоа го видовме погоре со ставовите на синот на Трамп, на милијардерот Сакс, на Илон Маск, а да не го споменуваме потпретсеателот Џеј ди Венс.
Многу работи за иднината на конфликтот во Украина ќе зависат од тоа каков ќе биде или каков бил одговорот на Путин на барањата или на предлозите на Трамп. Сега, кога детали од разговорот излегоа во јавноста, можеби да очекуваме наредниве денови да се јави Кремљ, со некаков став или коментар. Иако Песков веќе кажа дека Трамп не е за „разрушување на Русија“. Секако ќе влијае и развојот на ситуацијата на воено поле. Дали Русија ќе оди на ескалација на војната. Или пак Украина, се’ со цел да покаже дека е се’ уште способна да војува и евентуално, да победува.
Што и да се случи, јасно е дека Трамп ќе презема нагли чекори. Ќе ги притиска и Русија и Украина, но прашање е што ќе прави со сојузниците на САД кои се воинствено настроени? Едно е јасно. Трамп не смее никој да го излаже. Тој е лош и злопамтило и сигурно ќе преземе радикални чекори. Затоа многу ќе биде важно какви ќе бидат и што ќе донесат идните потези на Трамп. Начелниот договор со Путин, а можеби и со Зеленски, може да ги отвори вратите за дипломатијата. Но, како прво, војната мора да запре, за да настапи дипломатијата. А таа можеби ќе работи со месеци и години. Засега е неизвесно што ќе се случува и кога ќе се случува. Пред сите е период на неопределеност, а за кој никој не знае колку долго ќе трае.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.