08 Декември, 2024
0.0296

Киев и Москва чекаат – Харис или Трамп

Објавено во: Колумни 04 Ноември, 2024

Добивај вести на Viber

Претседателските избори што ќе се одржат утре во САД, можеби се најважниот настан годинава на меѓународната сцена. Резултатот од нив ќе има големо влијание врз актуелните воено-политички настани во светот. Во прв ред врз војната во Украина. Но не помалку и врз конфликтот на Блискиот Исток. Конечно, и врз глобалната економија во светлината на економската криза со која се соочуваат некои земји, пред се’ во Европа, но и пошироко. Камала Харис или Доналд Трамп. Кој ќе биде новиот кормилар на САД, кој што ќе треба да го води американскиот брод низ морето од мноштво предизвици?

Името  на новиот американски претседател со нетрпение ќе биде чекано ширум светот. Но, се чини, тоа посебно ќе биде нагласено во Украина и во Русија. Иако последниве месеци, за тоа, кој ќе биде новиот американски претседател, во двете земји и нема многу јавни произнесувања од политичарите, особено во Украина, сепак тоа прашање лебди во воздухот. Киев не сака многу гласно да зборува и потајно како да навива за Камала Харис. Сегашната власт има лошо искуство со Доналд Трамп, особено претседателот Владимир Зеленски. Оттука и стравот дека победата на Трамп би значела и враќање „мило за драго“ за она што (не) го направи Зеленски во предвечерието на минатите претседателски избори во САД.

Летото во 2019 година Трамп побара од Зеленски „мала услуга“. Стануваше збор за компромитирачки материјал за синот на Џо Бајден, за кој постоеја сомненија дека заработува пари во Украина во компанијата „Буризма“, благодарејќи на влијанието на неговиот татко. Бајден беше задолжен за Украина во времето кога беше потпретседател на САД. Го обвинуваа дека дури менувал украински функционери, државен обвинител, кои воделе истрага за работењето на компанијата „Буризма“. Зеленски во 2019 година не ја исполни желбата на Трамп и помошта на Украина времено беше замрзната, имаше притисоци, уцени, а конечно и слушања во американскиот Конгрес, па и барања за отповикување на Трамп.

Украина беше актуелна и во 2016 година. Во текот на изборната кампања информација добиена од Украина им овозможи на демократите зад решетки да го стават шефот на изборниот штаб на Трамп, Пол Манафорт. Тогаш на големо се зборуваше за руско влијание врз изборите. Се појавуваа разни документи, па Трамп својот претседателски мандат речиси го помина во докажување дека не е близок ни со Русија, ниту со претседателот Владимир Путин и дека таа не работела за него.  Се спомнуваше „Досието Стил“ според кое Русите го „имаат во раце“ Трамп и многу други работи. Сето тоа падна во вода. Желбата на Трамп за подобрување на односите со Русија доведе до оставка на неговиот советник за безбедност Мајл Флин. Сето ова секако влијаеше врз Трамп да си создаде слики за Украина. Една од нив е дека Зеленски не е човек од доверба. А со него ги поистоветува и Украинците.

СОЦИЈАЛНА БАЗА

Во минативе години Трамп ги обвинуваше Украинците за војната. Републиканците во Претставничкиот дома се поделија, а мнозинството го поддржуваше неговиот став за војната во Украина. Со месеци се одолговлекуваше воената помош за Украина. Па велеше дека Европа е таа која треба да ја помага Украина.  Па дека ќе ја заврши војната за еден ден, дека Украина е корумпирана земја. Републиканците ги прифаќаа овие ставови и ги промовираа. Ова не е ништо ново и деновиве за тоа пишуваат украински експерти. За републиканските тези за диктатура во Украина, за притисоците врз медиумите и опозицијата, за несакањето да се спроведат избори, за притисоци врз православните верници од УПЦ и многу други работи. Се тврди дека Трамп создал социјална база која ја мрази Украина. И изјавите на Трамп за „мировен план“ се сметаат за сведоштво дека таков план не постои, туку има согласност за руските барања. За фактот дека Трамп беше првиот кој им предаде смртоносно оружје на Ураинците, уште пред руската агресија, се тврди дека тоа е плод на положбата во која што се нашол тој за време на претседателствувањето. Не можел да направи чекор кон Москва, бидејќи кон неговата работа биле свртени со големо внимание и медиумите и политичките опоненти. Па кога чиновниците од администрацијата побарале од него да и даде летално оружје на Украина, тој се согласил. Трамп, исто така, се опишува како човек кој има подобри односи со авторитарни, отколку со демократски лидери.

И додека за Трамп се пишуваат текстови со негативна конотација, во смисла дека ако дојде на власт ќе ја „продаде“ Украина на Русите, за Харис нема ништо подробно, освен она што доаѓа како нејзина изјава за  време на нејзините интервјуа. Ниту како се однесува, ниту како се очекува да се однесува кон Украина. За Харис се пишува дека пред почетокот на  војната им се обратила на украинските власти со фразата: „Војната се приближува и вие ќе изгубите“. Таков бил ставот на САД тогаш. Харис му рекла на Зеленски да подготви влада во прогонство и да бара некакви воени решенија за да ја подготви Украина за партизанска војна. Во Украина повеќе се пренесуваат изјави од Џеј ди Венс, попретседателскиот кандидат на републиканците, кој се опишува како човек кој води јавен крстоносен поход против помошта на Украина и за негов неодамнешен отказ да го нарече Путин – непријател.

Во Украина се сомневаат дека позицијата на Трамп кон неа може да се промени, доколку тој се врати во Белата куќа. Неговата позиција е вкоренета и стабилна. Тој е популист и демагог, па неговите зборови можат да се разидуваат со делата, но не и во случајот со Украина. Сега, засега, никој не знае што може да побара Трамп од Русија. Некои нему блиски генерали пишуваа, па и Џеј ди Венс изјавуваше,  дека Трамп ќе барал од Русија да ја сопре војната и да преговара, па дека ќе дава оружје на Украина, па дека ќе уценувал...Но украински експерти велат дека на Трамп многу полесну му е „да ја прекине поддршката на Украина и на тој начин да ја натера да ги прифати руските барања“.

ПАТОТ ДО ПЕКОЛОТ

За разлика од Украина во Русија политичари даваат изјави и зборуваат за односите со САД по изборите. Независно кој ќе биде претседател. Најгласен е Димитриј Медведев. Човекот кој во САД го сметаа за либерал во време кога беше претседател на Русија. А сега е „лошиот“, која постојано дава жешки изјави, па се заканува дури и со нуклеарно оружје. Во едно интервју минатата недела изјави дека „Камала или Доналд, навистина не ни е грижа. Апсолутно искрено велиме дека тоа е избор на Американците. Тие мора да изберат“. Тој ја нагласува улогата на „длабоката држава“, и тврди дека, кој и да биде избран за претседател нема да прави работи кои ќе предизвикаат негативен однос на таа „држава“. Медведев додава:„ Доколку новиот лидер лудо се ангажира да долева масло во огнот на руско-украинскиот конфликт, тоа ќе биде многу лош избор. Затоа што тоа е патот до пеколот. Тоа е реален пат кон третата светска војна. И секој кандидат од овие двајца мора да го разбере тоа“.

Медведев во својот телеграм-канал вчера му предвиде на Трамп, судбина како на Џон Кенеди. Пишувајќи дека Русија нема повод за големи очекувања од изборите, тој додаде дека позициите на двајцата кандидати во целост го одразуваат двопартискиот консензус за неопходноста од пораз на Русија. Па додава: „Камала е глупа, неискусна, управувана и ќе се плаши од сите околу неа. Ќе управува собрание од најважни министри и помошници, и посредно семејството Обама“. За Трамп ќе додаде:„ Изморенот Трамп, кој се расфрла со флоскули како: „Ќе понудам договор“ и „Имам одличен однос со...“, исто така ќе биде принуден да ги почитува сите правила на системот. Тој не може да ја запре војната. Ниту за еден ден, ниту за три дена, ниту за три месеци. И ако навистина се обиде, може да стане новиот JFK“. 

Деновиве интервју имаше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој изјави дека :„Без разлика на исходот од изборите, ние ќе останеме, ако не непријател, тогаш секако противник на САД. Во секој случај, конкурент. Американците го гледаат кој било меѓународен проблем, кој било нивен меѓународен соговорник, пред сè, од гледна точка на недозволивоста (како што пишува во нивните доктринарни документи), кој било на оваа планета да стане посилен од САД. Во поглед на кандидатите за претседател на САД и кого го претпочитаат во Русија, Лавров вели:„ Можам само да кажам дека мора да се подготвиме за тоа дека нападите врз нашите интереси и активностите за ограничување на нашиот развој ќе продолжат под која било администрација. Од друга страна, ние сме подготвени да работиме со секоја администрација што американскиот народ на крајот ќе ја избере, но само доколку таквиот разговор е взаемно почитуван и рамноправен и заснован на меѓусебно слушање. Засега ја следиме изборната борба во САД и во моментов не гледаме знаци дека ќе се вратиме на таков разговор. Трамп и неговиот потпретседател велат дека е неопходно да се продолжи дијалогот за да се реши „еден проблем за 24 часа, друг за 72 часа“. Ќе разбереме за што ќе стане збор, дури кога новата администрација официјално ќе ги преземе своите должности и ќе го формулира својот став. Повторувам дека ние никогаш не бегавме од дијалогот и не бевме тие што го прекинавме. Како ќе се градат руско-американските односи по изборите, пред се’ зависи од САД. Ако САД се отворени за градење нормални односи со Русија, тогаш и ние ќе го сториме истото. Ако не сакаат, не треба. Но, тоа е избор за идната администрација“.

РАМНОДУШНА РУСИЈА

Се добива впечаток дека на Русите не им е важно, кој ќе биде иден американски претседател. На конференцијата во Владивосток во септември, Путин иронично рече дека ја поддржува Харис, ценејќи ја нејзината „заразна“ смеа. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров подоцна појасни дека Путин се шегувал, додавајќи дека руско-американските односи се влошени до тој степен што не е важно кој ја зазема Овалната соба, бидејќи сите најважни одлуки ги носи „длабоката држава“ ( воено-индустрискиот комплекс и разузнавачката заедница), обезбедувајќи конзистентна надворешна политика независна од врховниот командант.

Во таков случај за Русите Харис е „попредвидлив“ противник. Таа ќе ја продолжи досегашната американска политика кон конфликтот во Украина. Иако може да се случи републиканците да даваат отпор, како што правеа со Џо Бајден и помошта за Украина. Од друга страна никој не знае како би се однесувал Трамп. Тој досега даваше разни изјави, но не треба да заборави дека од другата страна на масата во случај на давање предлози ќе биде политичар, а не трговец или продавач, како што Трамп го нарекува Зеленски. Предлогот ќе треба да биде упатен до Путин. И тука може да дојде до несогласувања и повреда на суетата на Трамп, по што никој не знае какви потези тој ќе повлече. Тој и ден денес се фали дека бил човекот кој прв ја вооружил Украина и вовел остри санкции кон Русија. Така што Русите и не играат многу на картата на Трамп. Овој пат сигурно, доколку победи Трамп, во Државната дума ќе нема аплаузи, како во 2016 година.

Дека на Русите не им е важно кој ќе биде идниот претседател, спори Washington Post. Тој пишува:„Русија се преправа дека е рамнодушна кон изборите во САД, но тивко навива за Трамп“. Дали е така, тешко може да се тврди. Дотолку повеќе што и самиот весник пишува дека „Русија малку добила од првиот мандат на Трамп во кој кон неа бе воведени редица жестоки санкции, а почнаа и споровите околу „Северниот поток“, за кој пак Трамп деновиве рече дека „тој го кренал во воздух“. Руски научник за весникот изјавил дека:„Претседателот на САД не е исто што и рускиот претседател. Тој ја нема истата власт и некои од неговите одлуки може да бидат коригирани или оспорени на Капитол Хил. Тоа нас не тера да се однесуваме повнимателно кон изгледите Трамп да дојде на власт“. Весникот тврди дека дел од руската елита и експерти сепак не исклучуваат дека Русија и САД, при Трамп, ќе дојдат до заемно разбирање, барем околу војната во Украина. Во спротивно односите меѓу САД и Русија ќе се влошат уште повеќе. Исто така весникот пишува дека „најдобро сценарио за Москва “ е хаос во Америка после изборите.

Се разбира, само Американците можат да одлучат кој ќе биде нивниот следен претседател. Киев и Москва од страна ќе чекаат на изборните резултати. И ќе стегаат палци за фаворитите во сенка, ако навистина ги имаат. Но и на едните и на другите треба да им е јасно дека ни со Харис, ни со Трамп работите нема да бидат како што беа досега. Нема потреба од големи очекувања. Се’ ќе зависи од тоа како ќе одлучи оној што досега одлучуваше. Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, во авторски текст во Foreign Affairs повика на продолжување на воените дејства и засилена воена поддршка на Украина. Што значи дека ќе нема ништо од најавите на некои западни медиуми за тоа дека Украинците се истоштени, дека се потрошени многу пари од сојузниците, кои се соочуваат со економски кризи, па Американците сакаат завршување на војната во Украина. Остин е јасен и вели:„ Путин нема да победи во Украина“. А што со ветувањето на Трамп дека за еден ден ќе стави крај на војната? И Русите и Украинците немаат доволна основа да веруваат дека промената во Белата куќа ќе биде од полза за едните или за другите. Барем се додека новиот претседател не ги земе уздите во раце.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии