28 Април, 2024
0.0149

ИНТЕРВЈУ Виолета Ачкоска: Време е да си ја сакаме сопствената историја!

Објавено во: 21 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Во југословенските истории за Илинденското востание и за Гоце Делчев имаше само три реченици. Во големата Историја на југословенските народи од која учев на факултет имаше само неколку реда за Александар Македонски. Е сега на таквите генерации вие ќе му претставувате „патриотска уметност“. Време е како и соседите да си ја запознаеме и засакаме сопствената историја, вели во интервју за Фактор историчарката Виолета Ачкоска. Таа зборува и за улогата на Тито, велејќи дека директно наредувaл ликвидации. За контроверзните Александров и Михајлов, Ачкоска вели дека неможе да разговараме со анимозитет.  Фактор: На Денот на самостојноста, по јавен политички говор се проблематизира државотоворниот карактер на АСНОМ со тезата дека Македонија е држава од и по 8 септември? Дали тоа не значи потврда на тезите од некои историчари дека Македонија е творба на Тито и Коминтерната? Ачкоска: Често пати во политичките говори кои се куси и имаат друга намена, постои недоискажаност во однос на одделни историски настани, личности и појави, па потоа сето се злоупотребува за политички препукувања на луѓе кои многу површно го знаат и толкуваат нашето сложено минато. Како историчар никогаш не го прифаќам дисконтинуитетот во историјата. Ниту една појава не почнала од мигот и часот кој го одбележуваме, туку е резултат на процес на зреење. Датумите – 2 август, 11 октомври, 8 септември итн. (до денешниот „спор за името“) се само ознаки на патот на движењето на свеста и борбата за реализација на правото на државотворност кое на македонскиот народ му беше одземено од страна на големите сили во периодот од Берлинскиот конгрес (1878) до Букурешкиот (1913) и Версајскиот мировен договор (1919). Името Македонија е дел од античката традиција која тука се негувала и чувала во колективната меморија до формирањето на асномска Македонија како дел од југословенската федерација. Јазикот е дел од старословенската традиција на Кирил, Методиј, Климент, Наум кои од Македонија ја ширеле словенската писменост. Македонската револуционерна организација делува на територијата на етногеографска Македонија, па по нејзината поделба од страна на балканските сојузници, основна цел на македонското националноослободително движење од 1913 до 1944 година е обединување на македонскиот народ и негово државотворно конституирање во рамките на некоја федерална или независна држава, зависно од политичките програми на одделни одранизации и партии и дадениот историски момент. Илинденското востание најдлабоко се врежа во свеста на Македонецот како симбол на неговата вековна борба за слобода, па нашите партизански одреди во Втората светска војна ги носеа имињата на најбележитите припадници на македонската револуционерна организација.
1944 ДОБИВМЕ ДРЖАВА СО СВОЕ СОБРАНИЕ, ВЛАДА, ЈАЗИК
Творците на современата македонска држава 1944 година имаа високо изразена свест за државотворност и асномска Македонија е самостоен чин на борбата на македонскиот народ. Тоа е држава со ограничен суверенитет и во рамките на една комунистичка федерацијата, но  држава со свое собрание, влада, државен јазик, институции и признаено право на државотворност (за прв пат во современта историја).   Уставот од 1974 година беше огромен чекор кон национална држава. Во тој континуитет 8-ми септември 1991 година е само момент на довршување на процесот на целосна сувереност на државата и тој процес ќе трае се додека трае меѓународниот притисок за уништување на нашата држава под наводниот „спор за името“ со Република Грција, но и со другите балкански сеништа од исток, запад, север (јазик, народ, црква, рамковни клаузули итн.). Фактор: Кога историчарите ќе ги оценуваат улогите и релевантноста на личностите и настаните во дисолуцијата со Југославија и осамостојувањето? Што кријат депоата на УДБА, дали информации само старо-новите инсталции на Белград во македонските партиско-политички елити? Ачкоска: Силниот организиран отпор против спроведувањето на лустрацијата во РМ, зборува за тоа дека огромен број од поранешните соработници (или нивни блиски, или актуелни нововрбувани од надвор) се се уште моќни и инсталирани во РМ.  Се додека не ги добиеме документите кои од тука до 1966 година редовно се испраќале во Белград на службата на Ранковиќ, а од таму во некое тајно депо, потоа архивите на КОС итн., тешко ќе може да се доврши овој процес. За жал многу од полициските архиви систематски се уништуваа при крајот на 80-те и првите 90-ти години на 20 век, па сега имаме само дел од досијеата кои, исто така, внатре се фризирани и со бројни  подметнувања на документи од други досијеа. Што се однесува до јавноста, се прави обид за манипулација па лустрацијата и целото откривање на жртвите на комунизмот се поставува како чин на непријателство против учесниците во НОБ и оние кои биле функционери (со заслуги или само рентиери на револуцијата). На ваков начин се навредуваат вистинските македонски борци, оние кои се бореле за слободна Македонија, така што тие се изедначуваат со оние личности кои го кршеле правото и правната држава, вршејќи неоправдани злодела врз своите сограѓани. Треба да се сфати историскиот факт – НОБ е организрана од малубројната КП но нејзин носител и борбена сила беше македонскиот народ кој се бореше за слобода, обединување, држава и социјална правда, а не за комунизам. Во првите 10 повоени години, години на сталинизмот во ФНРЈ и НРМ, беа ставени во немилост и репресирани различни категории население - од иматели на сопственост, до селани и носители на идејата за интегрално решавање на македонското прашање на Балканот, автономисти, сепаратисти, вмроовци, информбировци итн. Секако дека имало и непријателско делување, но најголемиот број не биле непријатели на државата и не постоела основа за нивно кривичнио гоење, а камо ли казни со 10-тици години тежок затвор, па и смрт. Историјата како учителка на животот има задача да пренесе порака, дека демократијата и почитувањето на правото се основа за градење на државата.
СПИСОЦИТЕ ЗА СМРТ НА ЈОСИП БРОЗ ТИТО
Фактор: Кои се спорни одлуки, постапки и личностите што ги носеле или креирале, а што се архивирани како строга државна тајна, а чија демистификација би променила некои текови во најновата македонска историја? Ачкоска: Најголемиот дел од  документите секој ден се обелоденуваат, барем оние кои не се уништени. Ние се уште ги немаме сите документи од Белград, не само од УДБА и КОС, туку и на пр. Фондот на Државната контролна комисија кој до 1992 година не го даваа за користење во Белград, а во Државниот архив на РМ е крајно исчистен. Многу записници и стенограми на ЦК од првите повоени години ги нема. Документите за Голи Оток во 1963 година од Загреб се предадени по републиките. Тој фонд го нема во РМ итн.  Инаку,  овие 20-тина години,  откако го отворивме процесот  на демистификација, могу личности кои беа осудени како непријатели на државата  го добија вистинското толкување и место во историјата. Шарло, Ченто, Брашнаров, Шатев, Пирузе и многу други македонски дејци (комунисти и вонпартиски) беа жртви на политиката и амбициите Тито и Колишевски и на нивните следбеници, бидејќи во првите повоени години од македонската политичка сцена се одстрануваа личностите познати и блиски до народот, а низ репресијата и агит-пропот се градеа нови комунистички култови. Инаку сега се интересни новите документи за Јосип Броз Тито со кои се демистифицира неговата личност, се откриваа списоците на луѓе за чија смрт тој е директен виновник, а уште повеќе за илјадници убиени под неговата власт. Понатаму ликот на Стане Доланц - „куварот“ во титовата политичка кујна, за Јованка Броз и други титови соработници итн. Ние мора да се соочиме со фактот дека Тито и Југословенската војска  со помош на меѓународниот фактор ја одржуваа и ја распаднаа СФРЈ. Многу аналитичари се неподелени во тврдењето дека Тито се интересирал само зе своето владеење – а после него потоп. По расчистувањето со либералите се опкружи со голем број неспособни и прегазени од времето  политичари и не остави наследник. Умре Тито, заврши студената војна, умре Југославија меѓу Истокот и Западот. Во РМ, исто така, треба да се истражуваат и демистифицираат бројни личности кои ја злоупотребиле власта, или заради кариера, функции и пари, биле вклучени во системот на доушништво. Интересна и се уште недоволно допрена е улогата на Колишевски, Цветко Узуновски. Љупчо Арсов, Страхил Гигов и ред други челници, кои биле повеќе лојални кон Белград отколку кон својот народ.
АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ СЕ МЕШАЛЕ СО НОВОДОЈДЕНИТЕ НАРОДИ
Фактор: Како започнува процесот на формирање на идентитетот на македонскиот народ и од кога и како се загрозува неговиот национален идентитет? Ачкоска: Македонскиот народ како и сите балкански народи има долга етногенеза во која учествувале различни етничи елементи, од антиката до денес, нема дисконтинуитет.  Античките Македонци се мешале со новодојдените народи и племиња, со оглед на фактот дека Балканот е особено мигрантно подрачје низ историјата. И денешните ДНК анализи направени од врвни институции го потврдуваат  тој факт. Сепак, несреќа за македонскиот народ е тоа што тој се наоѓа токму во средината на Балканот, заокружен со народи до кои поблиску и побрзо допреле директните контакти од надвор (од Европа и Русија). Така Грција, Србија, Бугарија, Албанија, односно народите на македонското опкружување  добија држави признати од големите сили. Во рамките на прифаќањето на европскиот национализам и во процесот на зацврснување на нивните нации, овие мали држави (Грција, Србија и Бугарија)  истакнаа политички програми насочени кон територијално освојување на Македонија (како неослободен дел од Османлиското царство). Така се раѓаат фикциите за „Мегало Грција“, „Велика Србија“ и „Санстефанска Бугарија“. Црковните, просветните и на крај оружените пропаганди на овие држави во Македонија, покрај суровиот османлиски федудален режим во кој македонскиот народ беше сведен на положба на раја, го уништија во голем степен малубројното интелектуално јадро, образувано во  бугарски, српски или грчки школи. Во овие рамки можеби најпогубно беше укинувањето на Охридската архиепископија и појавата на Егзархијата која го замени грцизмот, но која создаваше бугарска свест кај македонскиот народ или кај најголемиот дел  остануваше локалната свест. Сепак поставувањето на политичката цел - автономија за Македонија, ги плашеше сите соседи, особено бугарските владини кругови, бидејќи политичката автономија водеше кон своја држава, а државата отвора широк процес на изградување на нацијата и посебната национална свест. Тој пат го поминале и балканските и други држави. Но, и покрај сите туѓоименувања посебноста на македонскиот народ никогаш не можела да се доведе во прашање. Македонкиот народ немал своја црква, немал образование на свој јазик, институции, држава итн., но тој имал песни, музика, вез копаничарство, една уникатна народна култура која со автентичноста го одделувала од другите народи на Балканот. И имал своја поробена и опеана земја Македонија.
НИТУ ЕДНА ВЛАДА НЕМА ПРАВО, НИТУ ВО ИМЕТО НА ИСТОРИЈАТА, НИТУ ВО ИМЕТО НА ОНИЕ КОИ СЕ НАДВОР ОД ДРЖАВАТА, ДА ГО МЕНУВА УСТАВНОТО ИМЕ
Фактор: Дали името на државата е браник пред можното обезличување на нацијата и етногенезата на македонскиот народ? Кој, кого и како штити - државата нацијата или нацијата државотворниот карактер на една земја? Ачкоска: Името Македонија е име на континуитетот и посебноста на овој народ – територијата, историјата, културните специфичности, јазикот, сето тоа е дел од етногенезата на македонскиот народ и создавањето на македонската нација и држава. Под тоа име се формирале национално-ослободителни организации, и под тоа име се бореле и гинеле нашите предци од  Кресна, Илинден до НОБ. Македонскиот народ е раселен народ, народ кој доживеал етничко чистење и асимилација во првата половина на 20 век, па наша судбина е да имаме повеќе Македонци надвор ор државата отколку во самата држава. А тие Македонци потекнуваат од деловите на Македонија кои ги освоија соседите во 1913г. Република Македонија не е само држава на граѓаните кои живеат во неа или надвор од неа, туку матична држава и дом на сите раселени и отселени Македонци во светот. Затоа ниту една влада нема право ниту во името на историјата, ниту во името на оние кои се надвор од државата да го менува уставното име. Нашата држава во нејзиниот процес на развој од ограничен до целосен суверенитет ги имала имињата во кои секогаш стои Македонија  (Демократска Федерална Македонија, НР Македонија, СР Македонија Р Македонија) – тоа е континуитетот за кој зборувам. Секое менување значи губење и бришење на се што сме поминале, откажување од нашиот идентитет содржан во историјата, јазикот, културата ... Не постои „северномакедонска историја“, „северно македонски јазик“, „фиромска култура“, „вардарска поезија“ итн. со безброј бесмислени преименувања, туку само МАКЕДОНСКО-а -и... Од првиот ден на „спорот“  до денес го тврдам истото – нема спор за името има само долгорочна стратегија на големите насочена против државотворноста на македонскиот народ – од Букурешт до денес. Фактор: Во еден јавен настап ја протежиравте идејата за национално обединување. Зошто е потребно, за какви стратегиски приоритети и како да се реализира во една мултиетничка држава? Ачкоска: За мене е многу неприродно да нема коалиција помеѓу македонските партии во Парламентот во време кога сите сили треба да бидат насочени кон постигнување на консензус за клучните национални прашања и презентирање пред светот единство  во однос на битката за името, јазикот, црквата, историјата, она кое го прави нашиот идентитет. Не можам да разберам какво чувство имаат и каде припаѓаат оние кои одат по меѓународните форуми, кај странски амбсадори, надворешни емисари итн. и зборуваат против својата држава. Без оглед кој е на власт, таа власт е избрана на парламентарни избори и треба да се почитува волјата на народот. И токму се темпираат немили настани тогаш кога треба да покажеме  државотворна зрелост и да добиеме некакви оценки. Сè се негира и омаловажува. Се разбира дека има многу работи  и решенија кои се механички преземни од надвор и кои не се содветни за нашата држава,  има нешта кои не се добри, но кога се критикува треба да се нуди подобра алтернатива и решение и да се има чист образ. И не треба да се потценува и навредува сопствениот народ. Тој знае да препознае.  Во однос на вториот дел од прашањето,  страшно е кога во една држава се врши етнизација. Тоа е Рамковиот договор, кој наместо граѓански концепт, наместо индивидуална свест нуди колективна свест, етнички заедници, бадентерово мнозинство и низа небулози. И сето тоа се спроведе под диктатот на еден сомнителен попис и насилна територијална поделба кое создаде револт кај мнозинската „заедница“. Но, без оглед на рамковиот концепт и без оглед на етничката припадност секој лојален граѓанин треба да работи за доброто на државата каде живее, каде одгледува семејство, воспитува деца. Не треба да се бара вработување на Албанец, Турчин или Македонец, туку квалитетен кадар во администрацијата, образованието, културата, здравството. Тоа е едната страна, а другата е зацврстување на економијата, понуда на економски програми и просперитет во кои функционирањето на пазарот и економијата ќе создаде поцврсти врски, посилна кохезија на нацијата. Значи мултуетничка држава може да функционира само тогаш кога сите граѓани работат за нејзиното добро и се борат за подобар квалитет на животот, кога интересот на државата е над етничкиот и партискиот интерес.
МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА СЕ УШТЕ НЕ ГО ПОСЕТИЛЕ ДОБАР ДЕЛ ОД НЕГОВИТЕ КРИТИЧАРИ
Фактор: Дневно-политичките поделби на патриоти и предавници, медиумски и партиски форсирани, како да ги враќаат на политичката сцена старите фракционерства и поделби во македонското национално ткиво од почетоците на ТМРО, а потоа и раната фаза на ВМРО? Ачкоска: Со таквите дневно-политички препукувања, штетни за државата, се соочивме кога го  концепиравме Музејот на македонската борба. И што е најтрагично, многу од неговите жестоки критичари се уште не го посетиле. Мене не ми се прифатливи ниту својствени етикетирањата од било која провиниенција бидејќи тие се изрекуваат, во недостиг на други аргументи, да се девалвира одредена личност. „Македонскиот синдром“ на делбите вграден од времето на пропагандите на 19 век, продолжително со делбите и чистките на идеолошка основа во 20 век и со инкорпорирање на надворешните служби во истиот век, многу пари кои се даваат од надвор за разбивање на единството на политичката и етничката сцена во РМ, сето тоа е смислена програма за дефинитивна делба и уништување на македонската држава. Колку побрзо тоа го сфатиме, толку подобро ќе ги препознаваме таквите појави и ќе бараме начини да изградиме единство. Оваа држава е нашиот дом кој треба да го чуваме за идните генерации. Потребно е да се научиме на дијалог, на толеренција, на размена на различни мислења кои може да ги докажуваме без да го навредуваме другиот. Фактор: “Македонија денес се соочува со една нова амплитуда - егеизација“ . Овој личен став на генералот Атанасовски предизвика лавина од реакции. Како Вие гледате на овој нов политички-национален топоним? Дали ја плаќаме цената на погрешната реакција на Главниот штаб на НОБ кој не го прифати барањето наместо на Сремски да се замине на Солунскиот фронт и можеше ли таа идеја та се реализира? Ачкоска: Бев непријатно изненадена од недоличниот настап на нашиот почитуван генерал. Но и не толку, бидејќи кога ќе ги читате записниците на ЦК КПМ во првите повоени години тие се воделе на српски јазик, потоа во партиската евиденција за етничкиот состав на членовите, покрај другите националности стои: Македонци, Шќиптари, Срби,  Турци, Егејци. Значи во тие структури од тоа време постоел сомнеж кон нашите Македонци кои по 1944 година доаѓале тука бегајќи од колежот на грчката десница и паравоени егзекутори. Голем дел од овие Македонци не се откажувале од идејата за обединета Македонија, а тоа не било  пожелно пред одржувањето на Париската мировна конференција  и пред меѓународното признавање на Титова Југославија. Во разговори со многумина наши Македонци од југот, од Беломорието, зошто се води кампања против „Егејците“, одоговорот беше едноставен – тоа е пропаганда против разбивањето на единството на македонскиот народ, па тој во сопствената држава да се дели на вардарци, егејци, пиринци. (Подели па владеј, што би кажале Римјаните). Жално! Инаку на Балканот најчесто главен збор имале ГОЛЕМИТЕ. Идејата за обединување не била во агендата на Тито, КПЈ и на Британија. Сепак многу е  неблагодарно да даваме виртуелни решенија за минатите настани. Можно или не шансата се пропуштила. Македонците наместо на Солун беа свртени кон Срем и со тоа почна чистката на оние кои бараа обединување на Македонија. Сремскиот фронт беше касапница создадена заради тоа Тито да покаже повеќе жртви на фашизмот пред Черчил и сојузниците. Илјадници луѓе беа жртвувани, иако беше видлив крајот и се знаеше исходот на војната. Денешната историографија веќе не го смета Сремскиот фронт  за „епопеја“ туку за една од епизодите во кои Тито жртвувал невини луѓе, невични на оружје и на фронтална борба на бришан простор на таа рамнина. Фактор: Има ли уште многу тајни архиви или спорни видео материјали и арте факти во Македонија што се недостапни за историчарите во изминативе 70 години? Ачкоска: Навистина не знам колку материјали уништија во Службите за внатрешни работи, колку чуваат, колку сега шкартираат. Во периодот пред 1991г. само на неколку историчари им дозволија увид. Доста документи се загубија и за време на земјотресот во Скопје 1963. Исчезнале цели шкафови во ЦК и во други институции. Некои материјали беа уништени  со наводно прередување на фондовите во Државниот архив. На пр. некои документи кои ги гледав во Архивот во Охрид, многу интересни, потоа ги „прераспределија“ за време на директорувањето на К. Дојчиновски. За жал, ние ги немаме докуметите кои 40-50 години беа депонирани во Белград. Јас одев во Државниот архив во Љубљана (2001-2002 г.) каде уште пред распадот на СФРЈ ги  пренеле сите документи на ЦК КПЈ, така што користев од нив дел и за Македонија. Во Белград веројтно има и досијеа за некои личности кои овде се уништени. Се сеќавам, исто така, дека на времето, во Архивот на Југославија имаше микро филм со сите судења за ВМРО по Втората светска војна. За жал  кога го побарав (1992г.) ми рекоа дека го нема итн.
АКТУЕЛНАТА „ПАТРИОТСКА УМЕТНОСТ“ Е ЗАДОЦНЕТА ИСТОРИСКА ШКОЛА ЗА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД
Фактор: Во напливот на актуелната патриотската уметност, колку осамнувањето на спомениците за одредени личности е врз основа на научното валоризирање и на нивните контроверзни историски улоги? Ачкоска: Многу е релативно да се оценува контроверзноста на некоја историска личност, бидејќи секоја нова генерација поставува нови прашања пред историјата и бара одговори во зависност од степенот на достигната свест и развојот на историската наука, поврзано со пронаоѓање на нови неоткриени документи. Како што ја нарекувате  актуелната „патриотска уметност“ таа  е задоцнета историска школа за македонскиот народ. И секако поставените личности се дел од  нашата историја, личности за кои историчарите имаат неподелени мислења. Ние со децении бевме во една идеолошка матрица на црно-бела историја во која се величаа само личностите на левицата, историја крајно осиромашена и направена со цел да се пренасочи македонската идентификација со југословенската (во неуспешниот обид за градење на интегрално југослвенство). Па мојата генерација титови пионери и јас како диломиран историчар, додека не ги започнав последипломските студии, повеќе знаев за Иво Лола Рибар,  Николетина Бурсаќ, Жикица Шпанац, Твртко први, Крбава, Цар Душан итн., ама не за еден Шарло, за еден Ченто за Шатев, Брашнаров, за Андон Ќосето, Чакаларов, Узунов инт. оние кои до коренот на својата душа ја сакале Македонија и се бореле за нејзината слобода, или за еден Гологанов, Петре Поп Арсов итн. Учевме од српски и хрватски  учебници во кои половината историја беше српска, односно хрватска, а половината за остантите југословенски народи и народности. За Илинденското востание и за Гоце Делчев имаше само три реченици. Во големата Историја на југословенските народи од која учев на факултет имаше само неколку реда за Александар Македонски. Е сега на таквите генерации вие ќе му претставувате „патриотска уметност“. Време е како и соседите да си ја запознаеме и засакаме сопствената историја. Во тој однос сите се многу, многу пред нас. Во еден период бугарската држава имаше поголем фонд за преведување историски книги на странски јазици отколку воен буџет. За Република Грција да не зборувам, цели институти и тимови следат сè што се пишува и кај нас и во светот за грчката и македонската историја итн.
ЗАБРАНЕТИТЕ И ТАБУ ТЕМИ СЕ СЕКОГАШ ШТЕТНИ ЗА БИЛО КОЈА ИСТОРИОГРАФИЈА
Фактор: Тодор Александров се врати во Македонија, дали престои и (пре)вреднување на улогата на Ванчо Михајлов и посебно неговата идеа за Македонија како– Швајцарија на Балканот? Дали македонската историографија е заробеник на антибугарството што е креирано во комунистичкиот период и од научници кои изградија кариери врз таквите основи? Ачкоска: Забранетите и табу теми се секогаш штетни за било која историографија и наука. Секоја личност треба да си го најде своето место во историјата. Со целиот историски багаж - негативен или позитивен и во контекст на конкретното историско време (без модернизација и вулгаризација на историјата кое се прави за дневно-политички потреби и цели). Ванчо Михајлов и Тодор Александров не се моја специјалност, но не треба да се оценуваат од позиција на анимозност која беше создадена во комунизмот – наспроти хероите на левицата да продуцираме антихерои на десницата  (или обратно по 1991).  Инаку бугарофобството беше присутно кај политичката власт по 1945 г. напроти србофилството. Таа политичка матрица презентирана во политичкиот реферат на Лазар Колишевски на Првиот конгрес на КПМ (декември 1948 г.) беше присутна со децении во нашата историографија (оценки за ВМРО, за Покраинската конференција на ПК од 8.09.1940, за задоцнетото востание во Македонија, за формирањето на КПМ, за улогата на повеќе историски личности итн.). Отворањето на архивите, надминувањето на табу-темите, пронаоѓањето на нови документи и ослободувањето од идеолошките предрасуди се патот кон историската вистина. Анти-толкувањата треба да отстапат место на непристрасноста и објективноста – какви ставови застапувале одредени историски личности, зошто ги застапувале, колку биле позитивни или негативни во однос на барање патишта за разрешување на македонското прашање итн. Притоа историчарите немаат улога на судии, туку повеќе на адвокати. Разговараше Горазд Чомовски