15 Декември, 2025
0.0174

ИНТЕРВЈУ ЖАНЕТА ТРАЈКОСКА: Една несреќно дадена изјава не ја менува суштината на професорската битка!

Објавено во: 06 Јануари, 2015 11:55

Добивај вести на Viber

Во Македонија е позната тактиката на гледање сеир „од заседа“ и чекање некој да направи грешка за да се „распне“ по фејсбук и твитер. Но, и тоа ќе помине како сите детски болести... Она што сега е најважно, е дека се повеќе групи во општеството ја сфаќаат својата улога во партиципативната демократија и си го бараат назад местото во процесот на креирање јавни политики, место, кое и никогаш во изминатите дваесет години не им било дадено од страна на политичките елити, вели во интервју за Фактор Др. Жанета Трајкоска, член на Професорскиот пленум. Таа оценува дека вчерашниот ден медиумите се закачија на една несреќно дадена изјава, но дека таа не ја менува суштината на битката. Фактор: Како ја оценувате реакцијата на  Професорскиот пленум  кој првично се согласи  на дебата во Законодавниот дом, за подоцна да излезат со став  дека  категорично отфрлаат  разговори  затоа што законот е веќе внесен во собраниска процедура и изгласан во неговата прва фаза? Трајкоска: Ставот на Професорскиот пленум беше истиот, и пред и по одговорот што му беше даден на Премиерот – ДА СЕ ПОВЛЕЧАТ ЗАКОНИТЕ и да се почне нова сеопфатна дебата. Пред камерите, претставникот на Пленумот успеа само половично да го искаже овој став – ДА, МОЖЕ ВО СОБРАНИЕ, но прво да се повлечат предлог измените на Законот за високо образование и да се почне одново, ВО ЛЕГАЛНА И ЛЕГИТИМНА ПРОЦЕДУРА. Значи, не може да се извлекуваат работите од контекст и да се суди од едно зборче дадено во моментот на политичкото спинување. Вчера, за жал тоа се случи, медиумите се „закачија“ за една несреќно дадена изјава и многу веројатно е дека ПР тимот на Премиерот бил задоволен од тоа. Секој од нас реагира поинаку во момент кога ќе се најде во состојба кога еден од првите луѓе на државата прави обид да ви ја „киднапира“ прес конференцијата и игра на фактор изненадување за да направи импакт во јавноста. Пленумот нема зад себе тим професионалци кои се занимаваат со односи со јавност, спинување и медиумско манипулирање. Тој е составен од огромен број професори кои се собрале околу една цел – да дадат поддршка на своите студенти и да направат се да се слушне гласот на академската заедница за да се стопира процедурата на носење на пакетот закони од областа на образованието без сериозна, инклузивна и сестрана јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите чинители. А сега, медиумскиот фокус (со мала помош на медиумите) се префрли кон дебатирање и транскрибирање што точно и кои зборови биле кажани од страна на претставникот на Пленумот и зошто во моментот тој така изреагирал. Сметам дека фокусот на медиумите и на сите нас, треба да биде насочен кон она што беше поважно за демократијата во Македонија, а тоа е дека со инстант поканата на Премиерот до членовите на Пленумот се загрози уставниот статус, надлежност и дигнитет на Собранието и се прекрши неговиот Деловник за работа. Или поедноставно кажано, да парафразирам дел од јавното обраќање на Професорскиот пленум до Премиерот, дека тој не смее да кани на дебата во законодавниот дом бидејќи „таму не е домаќин, туку е гостин“. Се разбира дека, ако сте се нафатиле на некаков јавен ангажман како што е делувањето во Професорскиот пленум, подложни сте на критика од јавноста и тоа мора да си го прифатите, но, исто така, цврсто стојам на мислењето дека доколку би живееле во функционална демократија и вистинско граѓанско општество кадешто медиумите се коректор и критичар на власта и го застапуваат јавниот интерес и интересот на граѓаните, најважната вест од оваа вчерашна епизода ќе беше Премиерот и неговиот јавен однос кон Собранието, а не посочената изјава. Инаку, јасен е ставот на Професорскиот пленум дека во ниту еден момент нема да влезе во материјална расправа по овие предлог измени и со тоа да даде легитимитет на фингирана дебата и процес кој е се, но не е партиципативен. Фактор: Се  согласувате ли со впечаток  дека премиерот Груевски   успеа  да ги  пренесе „жедни преку вода“  универзитетски професори кои застанаа во одбрана на студентскиот пленум. Зарем умните луѓе не можеа да предвидат  едно ваков сценарио  кое на јавноста  е веќе видено? Трајкоска: Секој има право на свој впечаток и мислење и нема да спорам околу ниедно од мислењата на јавноста. Како што кажав и претходно, професорите немаат професионална помош за ПР кампања, кризен ПР и менаџирање на комуникација во вакви ситуации каде што, се надевам ќе се согласите со мене, „од другата страна“ го имаат целиот арсенал на инструменти и алатки за докажување дека оваа „реформа“ е вистинската. Па, ве молам, за помалку од 3 дена се снимија реклами и се започна кампања за поддршка на предлог-измените; се создаде контралиста на пленумци; се отвора и затвора Собранието на РМ по желба; се организираат конференции на Интеруниверзитетска конференција преку викенд; се удира со сите сили по поединци кои се потпишале на листата поддржувачи на Професорскиот пленум; се шиканираат, омаловажуваат, заокружуваат и медиумски плукаат професори кои до вчера им чинеа; се игнорираат одлуки на ректорски управи и универзитетски сенати за одбивање на предложените измени; се пуштаат инспекции по високо образовните институции; се упатуваат јавни закани дека приватните универзитети ќе бидат затворени; деканите и ректорите се ставени во ќош па мора да даваат „чудни“ изјави за потоа да бидат медиумски врамени и злоупотребени дека ете, и тие се согласуваат со предлог измените; целата медиумска владина десантска единица е насочена кон оние што се одважиле да кажат дека не се согласуваат со предложените измени... Да продолжам ли понатаму со набројување?! Во Македонија е позната тактиката на гледање сеир „од заседа“ и чекање некој да направи грешка за да се „распне“ по фејсбук и твитер. Но, и тоа ќе помине како сите детски болести... Она што сега е најважно, е дека се повеќе групи во општеството ја сфаќаат својата улога во партиципативната демократија и си го бараат назад местото во процесот на креирање јавни политики, место, кое и никогаш во изминатите дваесет години не им било дадено од страна на политичките елити. Фактор:  Дали воопшто има потреба делување  на овој Професорски пленум   или треба да им се остави на студентите сами да си ја водат битката која сами ја започнаа? Трајкоска: Професорскиот пленум започна како реакција на Студентскиот пленум и мора да е јасно дека тој пред се е тоа- поддршка на професорите кон своите студенти. Да не беше Студентскиот Пленум немаше да постои ни професорскиот. Едноставно, студентите ги разбудија професорите. Сепак, тие се две одвоени инцијативи. Професорскиот пленум има поширока агенда која ги допира сите ново предложени измени и нови закони од областа на образованието – од академијата за наставници до Законот за високо  образование.   Фактор: Иако најавените измени во виското образование  меѓу кои и воведувањето на државен испит за најголем дел од ректорите, деканите и универзитетските професори беа познати уште пред речиси 5 месеци, научната јавност други сега  реагира. Зошто толку долго молчевте,  зарем   требаше да реагира  академската заедница па вие пост фестум да застанете во нивна одбрана? Трајкоска: Тоа не е баш точно. Промените во Законот за високо образование беа најавени на прес конференција од страна на министерот за образование во октомври минатата година – значи нема ни три месеци. Ректорите и Интеруниверзитетската конференција на крајот од октомври побара повеќе информации за најавените измени и средба со министерот Адеми. Ректорот на УКИМ кој е и претседател на Интеруниверзитетската конференција јавно кажа дека одговор од министерот Адеми добиле на 3ти јануари годинава, денот кога Владата експресно реши да организира средба со нив, и како што тие напишаа во поканата, двата „табора“ професори. Инаку, Универзитетите првата информација од МОН ја добиле на 5-ти декември, а на интернет страницата на ЕНЕР тие беа поставени во изменета форма неколку денови подоцна... За оваа рашомонијада на делумно и селективно информирање на Универзитетите или нивно целосно игнорирање, најдобро говори фактот дека официјалниот текст на предлог измените се доставени до Универзитетите на 18-ти декември, со рок од два (и со бројка 2) дена да се изјаснат. Но, МОН и Владата не го испочитува до крај ни овој планетарно најкраток рок, туку ја започна постапката за носење на измените на законот. Институциите успеаја и да не видат и да не чујат десетици илјади студенти кои скандираат пред нивните порти „Доста беше молк“. Моето прашање е чуму ваква арогантност и покажување моќ?! Фактор: Потфрли ли ректорот Велимир Стојковски кој дозволи премиерот Груевски да му држи лекции? Трајкоска: Ректорот не зборуваше таму во свое лично име, туку во име на тие што ги претставува, пренесувајќи го ставот дека се бара одложување на донесување на законот и доволно време за суштинска дебата за потребните реформи за кои никој не спори. На крајот, секој индивидуално, во рамки на сопствените лични вредности се обидува да реагира така како што смета дека е најсоодветно на дадениот момент. Но, на сите ни е јасно дека многу бргу ќе се соочиме со сознанието што младата колешка Марија Грубор јасно го изнедри на последниот студентски протест пред Владата дека „ако сега замолчиме, засекогаш ќе не болат устите“. Фактор: Мислите ли дека претседателот Иванов  ќе  стави вето  на усвојување  на одлуката за воведување на државен испит? Трајкоска: Искрено се надевам. Горазд Чомовски