ИНТЕРВЈУ Зоран Крстевски: Националниот авиопревозник ќе го зголеми бројот на патници!
Објавено во: Македонија 17 Август, 2014
ЗНАЧАЈНО НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ЛЕТОВИТЕФактор: Дали има најава за намалување на цените на авиобилетите? Крстевски: Со влегувањето на нискобуџетните авиопревозници има значајно намалување на цените на билетите. Како аеродромски оператор, ние не можеме да обезбедиме каква било информација за билетите на авионските компании бидејќи секоја компанија си има свое одредување на цените во зависност од бизнис-моделот. Фактор: Со кои дестинации Македонија има директни летови, и дали се планира воведување на нови директни авиолинии? Односно дали има преговори со нови авиокомпании? Крстевски: Од Аеродромот Александар Велики – Скопје, има директни летови до Истанбул Ататурк и Сабина Гокчен, Виена, Цирих, Лондон, Лутон, Базел Милхаус, Малме, Белград, Дортмунд, Љубљана, Загреб, Гетеборг Саеве, Минхен Меминген, Ајндховен, Милано Бергамо, Венеција Тревисо, Стокхолм Никопинг, Дубаи, Дизелдорф, Келн, Брисел Шарлерој, Франкфурт Хан, Парис Бове, Рим, Берлин и Брисел, додека од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, има директни летови до Цирих, Брисел, Амстердам (летна сезона, 2014 г.). Маркетинг-тимот на ТАВ е во постојана комуникација со авионските компании со цел да се зголеми бројот на редовните дестинации и да се олесни зголемувањето на бројот на постојните дестинации. Фактор: Дали и за кои дестинации има укинати директни авиолинии. И од кои причини? Крстевски: Во последниве две години нема укинување на постојните директни линии; продолжуваме да додаваме нови рути на веќе постојните. Фактор: Во однос на чартер летовите за летната сезона - годинава до каде има чартер летови и дали дестинациите оваа година се проретчени во споредба со други години? Ако е така од кои причини? Крстевски:Од скопскиот аеродромот „Александар Велики“ има чартер летови до Анталија, Катанија и Хургада.
ОД СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ Е ДА ИМА НАЦИОНАЛЕН АВИОПРЕВОЗНИКФактор: Владата објави дека ќе се бара национален авиопревозник, дали имате некакви контакти со одредени компании и што е со „Туркиш ерлајнс“ која пред неколку години беше во игра за национален авиопревозник? Крстевски: Имаме добра соработка со Владата на Македонија и ги споделуваме сите информации и можности со цел обезбедување подобра услуга на македонските аеродроми и развивање на воздушниот сообраќај. Фактор: Дали на Македонија и е потребен национален авиопревозник? Крстевски: Од суштинско значењее Македонија да има свој национален превозник со цел зголемување на бројот на патниците, како и за натамошно стимулирање на националната економија. Во моментов оваа улога ја има „Туркиш Ерлајнс“ (Turkish Airlines), со 14 летови во неделата на релација Скопје-Истанбул, како и нискобуџетната компанија Виз Ер (Wizz Air), која што има летови до различни европски дестинации. Сепак, национална авиоикомпанија дополнително би го засилила растот на македонските аеродроми, создавајќи нови можности за патниците и бизнисите.
ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ НА ПАТНИЦИ Е ДОКАЗ ДЕКА НАШИТЕ НАПОРИ ДАДОА РЕЗУЛТАТФактор: Колку субвенции се дадени досега од владата, а колку од „ТАВ“ за авиокомпаниите? Крстевски: Како ТАВ, ние се стремиме да ги направиме македонските аеродроми колку што е можно поатрактивни од деловна гледна точка за авионските компании. За таа цел, имаме блиска соработка со Владата и другите заинтересирани страни. Зголемувањето на бројот на патници, како и одлуката на Виз Ер да го користи Скопје како база се силни докази дека нашите напори дејствуваат. Фактор: Колкав е бројот на полетувања и слетувања на скопскиот и на охридскиот аеродром (лани и во првите шест месеци од годинава)? Како и паралела со годините пред „ТАВ“ да ги менаџира аеродромите? Крстевски: Во 2009 година, бројот на дестинации понудени од македонските аеродроми беше 15, додека во 2014 г. оваа бројка достигна 26. Во периодот од јануари до јули 2014 г. имаше 7.795 воздухопловни операции, што претставува подобрување од 9 проценти во споредба со истиот период во 2013 г., кога оваа бројка беше 7.128. Фактор: Кога ќе почне изградбата на карго аеродромот во Штип? Кој е крајниот рок, согласно концесискиот договор и дали има најава за пролонгирање, односно откажување на овој проект? Крстевски:Според концесискиот договор, наша обврска е да го изградиме карго аеродромот во Штип. Поради недостатокот од метеоролошки податоци, што се од суштинско значење за соодветно лоцирање на полетно-слетната-патека во согласност со меѓународните стандарди, започнувањето на проектот за Штип е одложен до 2020 година.
ВКУПНАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА ТАВ ВО МАКЕДОНИЈА 120 МИЛИОНИ ЕВРАФактор: Колкава е досегашната вкупна инвестиција на „ТАВ“ на аеродромите во земјава? Крстевски: Имаме инвестирано вкупно 120 милиони евра за двата аеродрома, „Александар Велики“, Скопје и „Св. Апостол Павле“, Охрид. Фактор: Каква е сопственичката структура и колкава е вредноста на „ТАВ“? Крстевски: ТАВ Аеродроми е јавна компанија заведена на Берзата во Истанбул. Од 13 август, 2014 година, пазарната вредност на „ТАВ Аеродроми“ изнесува 3 милијарди долари. Компанијата е специјализирана во аеродромски операции. „ТАВ Конструкшн“ (TAV Construction), нејзината сестринска компанија, не е јавна и е специјализирана за проекти за дизајн и изградба на аеродроми. Фактор: Во кои земји „ТАВ“ ги менаџира аеродромите, освен во Македонија и каде бизнисот е најисплатив. Односно, колкави се приходите од останатите земји и во Македонија? Крстевски: ТАВ Аеродроми оперира со аеродромите во Скопје и Охрид во Македонија, како и со аеродромите: Истанбул Ататурк, Анкара Есенбога, Измир Аднан Мендерес, Анталија Газипаша и Милас-Бодрум во Турција. Компанијата исто така оперира со аеродромите во Тбилиси и Батуми во Грузија, аеродромите Монастир и Енфидха-Хамамет во Тунис, аеродромот Медина во Саудиска Арабија, како и аеродромот Загреб во Хрватска. Холдингот исто така оперира и во други области од аеродромските операции, вклучително бесцарински продавници, храна и пијалаци, услуги за прифат и отпрема, ИТ, услуги за безбедност и работа. ТАВ Аеродроми исто така оперира со бесцарински подавници, храна и пијалаци и останати комерцијални области на Аеродромот Рига во Латвија. Фактор: На годишно ниво, колку патници минуваат низ аеродромите со кои менаџира ТАВ? Крстевски: Заедно со подружниците, компанијата опслужила околу 652,000 летови и 84 милиони патници во 2013 година. С.Н.