14 Мај, 2024
0.0284

ИНТЕРВЈУ ЉУБЕ ТРПЕСКИ: Фиксниот курс на денарот го “гуши“ стопанството!

Објавено во: Економија 02 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

“Оние банки кои навреме го увидоа тоа и ја променија својата кредитна стратегија во корист на населението денеска се попрофитабилни во споредба со другите банки кои не се “престроија“ на време“ - вели во интревју за “Фактор“  еден од поранешните гувернери Љубе Трпески. Смета дека 2017 година е економски поразителна и што поскоро треба да ја заборавиме. Очекува да заврши со економска стагнација. “Науката вели дека монетарната стратегија која ја применуваме откако ќе се постигне ценовна стабилност треба да се замени со некоја друга, зашто долгото нејзино одржување, резултира со “гушење“ на стопанството' – вели ек гувернерот на прашањето дали е потребна промена на фиксниот курс на денарот.

Економска стагнација во 2017 – кризата го заде својот данок...

Фактор: Зад нас е година во која економијата не успеа да го издржи притисокот од неизвесноста на политичката криза. Статистичките податоци покажуваат дека најверојатно 2017 ќе заврши со минимална стапка на економски раст. Како ја оценувата економската 2017 година ?

Трпески: Политичката и економската 2017 година треба што побргу да ја заборавиме. Како лош сон. Политичките случувања во последните три години, кои кулминираа во 2017 година, не можеа а да не се одразат и на економски план. Резултанта на тоа е економски раст кој се приближува кон нулата.

Фактор: Најголемо потрфлување има кај инвестициите. Имено, според податоците, има пад на Бруто инвестициите и воедно одлив на странските директни инвестиции. Дури се смета дека  2017 гдоина ќе биде една од послабите, на ниво од 2012 година, според салдото на СДИ. Очекуван ли беше ваквиот ефект и како да се врати инвестицискиот циклус?

Трпески: Секој инвеститор, било да е тоа странски или домашен бара стабилна политичка клима во земјата и стабилни макроекономски услови. Во услови на политичка нестабилност, каква што имавме во 2017, инвеститорите беа декуражирани да инвестираат во Македонија. Подеднакво и странските и домашните. Дури и оние странски инвеститори кои се присутни во Македонија, не сакаа да ги користат поволностите што им се нудат ако ја реинвестираат добивката, и таа ја префрлаа во своите матични земји. Инвестициониот циклус може да се врати во Македонија само ако инвеститорите се убедат дека политичката криза е минато.

Банките стабилни, кредитирањето забавено ..

Фактор: Судејќи според показателите за банкарскиот сектор, сепак тој успеа да остане во стабилна зона, со високо ниво на ликвидност. Дали банките ја исполнија својата функција за поддршка , особено на домашниот бизнис, во услови на неизвесност ?

Трпески: Монетарно кредитниот и банкарскиот сектор е единствената светла точка во еден подолг временски период. Дали банките ја исполнија својата функција за подршка на бизнисот? Во основа да. Но не до крај. За тоа, постојат, според мене две причини. Првата е што најголемиот дел од банкарскиот бизнис го држат трите најголеми банки, и тие со тоа се наоѓаат во една олигополска положба, па можат да ги диктираат каматните и другите услови. Втората причина е фактот што НБМ за да го одржува девизниот курс стабилен, мора да ги држи релативно на високо ниво каматните стапки на благајничките записи, и во услови кога нема инфлација, па дури и кога имавме дефлација. Тие камати се силен поттик за банките големи износи на средства да пласираат во благајнички записи. Се разбира тука треба да се додадат и обврзниците на Министерството за Финансии. Зашто банките би влегувале во поголема кредитна експанзија во стопанството ако пласманите во НБМ и Министерството за финансии им се 100% сигурни пласмани.

Фактор: Кредитирањето е со забавено темпо. Регистрирани се позитивни стапки на кредитен раст кај домаќинствата, но кај  фирмите состојбата е поразлична. Кај нив има инвестициска апстиненција.  Како се толкуваат забавените стапки на кредитен раст?

Трпески: Од гледна точка на банките свртувањето во своите кредитни активности во поголема мера спрема населението е сосема оправдано затоа што со тоа го дисперзираат и намалуваат ризикот. И оние банки кои навреме го увидоа тоа и ја променија својата кредитна стратегија во корист на населението денеска се попрофитабилни во споредба со другите банки кои не се “престроија“ на време. Владата и НБМ со својата (не)активност на полето на емисија на хартии од вредност, може да придонесат за зголемени стапки на кредитна активност во економијата.

Инфлација и фиксен курс на денарот ...

Фактор: Три години, 2014, 2015 и 2016 завршија со негартивна инфлација . Годинава, во првите три квартали таа е позитивна . НБМ информираше дека стпаката на инфлација е во рамките на проекциите со просек од 1,3 отсто. Што моѓе да се очекува во однос на цените во 2018 година и од што ќе биде детерминирана инфлацијата?

Трпески: Не очекувам поголеми промени во однос на инфлацијата во 2018 година. Висината на инфлацијата ќе зависи од инфлацијата кај нашите најголеми трговски партнери, и од монетарната политика на одржување де факто фиксен курс на денарот.

Фактор: Нема најави за можни промени во курсот на домашната валута. Дали Македонија треба да опстои на сегашната политика на фиксен курс на денарот ?

Трпески: И оваа Влада, како и НБМ во континуитет, се за продолжување на монетарната стратегија на одржување на де факто фиксен девизен курс. Дел од нив сметаат дека нема потреба од промена на стратегијата, а дел, иако сметаат дека има потреба од промена, немаат храброст да го направат тоа. Во услови кога најголемите земји преку своите валути, водат меѓусебна исцрпувачка валутна војна, со водење на политика на потценета вредност на својата валута, како би го зголемиле извозот, на тој начин, ние упорно опстојуваме на постојната монетарна стратегија. Науката вели дека монетарната стратегија која ја применуваме откако ќе се постигне ценовна стабилност треба да се замени со некоја друга, зашто долгото нејзино одржување, резултира со “гушење“ на стопанството. Затоа според мене, тешко ќе се остваруваат стапки на извоз , а со тоа и на економски раст од 7-8% со постојната стратегија. Србите велат “живи били па видели“, дали сум јас во право или оние кои се за статускво политика.

Фактор: Што очекувате на економски план во 2018 година ? Што сметате дека треба да биде или да остане приоритет ?

Трпески: Очекувам, или повеќе, посакувам, политичка стабилност во нашата земја, бизнисот на мира да работи, да завладее правната држава, во сите области од животот, тоа да го го препознаат и домашните и странските инвеститори и да се окуражат и да инвестираат во Македонија. Посакувам во текот на наредната година Република Македонија да биде примена во НАТО и да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тие два настани од корен ќе ги променат работите на подобро.

А.Д.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој направи преку 30 милиони евра добивка од изградба на станови лани?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој направи преку 30 милиони евра добивка од изградба на станови лани?

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција

НЕМА РАБОТНИЦИ: Уште една земја од соседството ќе „увезува“ Филипинци

НЕМА РАБОТНИЦИ: Уште една земја од соседството ќе „увезува“ Филипинци

РЕКОРДЕРИ ВО ЕУ: Во регионот го пијат најскапото кафе

РЕКОРДЕРИ ВО ЕУ: Во регионот го пијат најскапото кафе

ФАКТОР АНАЛИЗА: ТОП-100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2023 : Бехтел и Енка, Магна Мирорс, Протергиа и РЕС на листата

ФАКТОР АНАЛИЗА: ТОП-100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2023 : Бехтел и Енка, Магна Мирорс, Протергиа и РЕС на листата

ГОДИНАВА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НЕМА ДА ДОСТИГНЕ НИ 3 ОТСТО - НБМ со најнова намалена прогноза, БДП ќе се зголеми за само 2,6 проценти

ГОДИНАВА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НЕМА ДА ДОСТИГНЕ НИ 3 ОТСТО - НБМ со најнова намалена прогноза, БДП ќе се зголеми за само 2,6 проценти

Изборите завршија, враќање на редовните колосеци - одма, сега и веднаш

Изборите завршија, враќање на редовните колосеци - одма, сега и веднаш

„ДРАСТИЧНИ ПРОМЕНИ НА КРАТОК РОК НЕ СЕ ОЧЕКУВААТ“: еве што велат економистите по промената на власта

„ДРАСТИЧНИ ПРОМЕНИ НА КРАТОК РОК НЕ СЕ ОЧЕКУВААТ“: еве што велат економистите по промената на власта