19 Мај, 2024
0.0320

Изборен Фактор: Локални за нов премиер, што понатаму?

Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

Поразот на Заев доаѓа од неговиот двор иако тој не беше кандидат ниту за градоначалник ниту за советник. Ставањето влог all in на „прогресивноста, демократичноста и широградоста” на личноста на Зоран Заев наспроти бабарога заканите за враќање на режимското ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски не донесоа резултат.

Гајле им не само на гласачите, туку очигледно и тие што биле или се најблиску до Заев, бидејќи очигледно не сакаа да му донесат победа во општините, доволна за му овозможат да го задржи столчето на Бихаќка, а со тоа и на Илинденска.

Сдсмовска клетва стана еден нивен премиер да не може да истера цел мандат. Сетете се на Хари Костов и на Владо Бучковски кои го довршуваа прекинатиот мандат на Црвенковски кој стана претседател на државата. Сега и Заев сред мандат, се повлекува иако не изгуби на парламентарните избори туку на локалните.

Евакуација или егзалтација

Повеќе теории постојат зошто баш сега Заев си даде оставка по поразот на локалните избори. Тој влезе со персонален влог во кампањата, а неговото засилено присуство дури и им попречи и на самите кандидати.

Јасно е дека во СДСМ нема комплетна поддршка за веќе лидерот во оставка. Тоа се покажа и пред кампањата со прегрупирањата, и особено на 17 октомври со очајната излезност на провладините поддржувачи.

Но, оваа оставка не е само доблесен чин на еден достоинствен политичар. На моменти делува и како евакуација, односно ќе остане впечатокот дека Заев беше премиер само за една употреба. Го промени името на државата „ерга омнес”, не внесе во НАТО и ги начна односите со Бугарија.

Го вратија ВМРО со „фингерпринт”

Режимот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ како што велеше Заев го срушија со пенкало. Епа, тркалото се врти и сега со „фингерпринт” го вратија ВМРО на власт, засега барем на локално ниво.

И сега повторно провладините епологети кои се заглавени во офсајд го кудат народот. Демек, луѓето сами си се криви што го враќаат злото. Да, ама на овие избори не се бираше идната македонска влада или можеби и се одбра?

Разбирлив е стравот од реваншизам, медиумски мрак, гушење на граѓанските слободи и црна агенда. Но, народот покажа незадоволство од загадениот воздух, урбаниот и сообраќајниот хаос, низок квалитет на живот во општините, нечистотијата, намаленото зеленило и проблемите на локалната власт.

Да, има и големо незадоволство од справувањето со корона кризата, бегањето од одговорност за пожарот во Тетово, закочената евроинтеграција и по промена на името, како и селективноста во борбата со корупцијата, млакото демонтирање на груевизмот, истата песна со партизираност на администрацијата и немањето доверба во институциите.

Но, ова е само дел од изборниот резултат, а добар дел се должи и на тивкиот бунт на скопското крило против Заев, вртењето грб на дел од „шарените” кои беа разочарани од неисполнетите ветувања и „поздравот од папата”.

Има ли „будала” што ќе се нафати?

Без нови парламентарни избори кој и да биде премиер на местото на Заев би требало да биде доволно луд да се нафати да се справува со здравствена, енергетска и економска криза во краток период. Можно е и ново парламентарно мнозинство кое нема да владее со целиот преостанат мандат туку само ќе ја води транзицијата до изборите.

Помалку веројатно сценарио, но не и невозможно е Заев да им рече на противниците во СДСМ еве ако сте толку јаки да рушите изберете нов претседател и со тоа нов премиер па нека ја води и партијата и државата.

Но, и таму ќе се свестат дека СДСМ подолго време живее во лажна височина. Наместо решавање на проблемите брзо и ефикасно се фураа со тоа дека критичната јавност е размазена, а ќутела во време на Груевски. Дека земјата оди напред како „сидро”, ама ете не им се погодил пиарот тоа да го претстават пред сите. Имало слобода и правда, ама шарените се бунат зошто не сите добија фотелји и функции. Општините и градовите се трансформираа како никогаш досега, ама граѓаните не гледаат па треба на три месеци пред изборите да се раскопаат сите улици.

Кој и да дојде на местото на Заев ако не ги реши вистинските проблеми на СДСМ и неработењето за довербата која им беше доверба ќе биде осуден на голем неуспех.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ГИ ОДБРА ПРВИТЕ ЛУЃЕ: Гордана Силjaновска Давкова го екипира кабинетот

ГИ ОДБРА ПРВИТЕ ЛУЃЕ: Гордана Силjaновска Давкова го екипира кабинетот

ТАРАВАРИ ЗА РТК: Албанците ќе имаат претседател на Собрание и 6 министри

ТАРАВАРИ ЗА РТК: Албанците ќе имаат претседател на Собрание и 6 министри

„Ќе одговараш, страшно ќе одговараш”: 57 годишен маж од Богданци вербално ѝ се заканувал на Кацарска во сред Центар, доби кривична

„Ќе одговараш, страшно ќе одговараш”: 57 годишен маж од Богданци вербално ѝ се заканувал на Кацарска во сред Центар, доби кривична

Трагедија во Штип: Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект

Трагедија во Штип: Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект

По три часа состанчење ДУИ одлучи: Еве со кој ќе го формираат ставот за прегласувањетo на одредени избирачки места

По три часа состанчење ДУИ одлучи: Еве со кој ќе го формираат ставот за прегласувањетo на одредени избирачки места

Каде ќе се прегласува во среда, а кој колку мандати освои: ДИК официјално

Каде ќе се прегласува во среда, а кој колку мандати освои: ДИК официјално

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје