Добивај вести на Viber
Граѓаните и компаниите кои сакаат да си ги легализираат бесправно изградените објекти не треба да го чекаат последниот момент, туку треба што поскоро да достават геодетски елаборати, препорачува министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Токму бавната подготовка на геодетските елаборати ја кочи легализацијата.
„Крајниот рок за доставување елаборати еднаш веќе го продолживме, до 31 декември 2015 година. Дотогаш има доволно време, но не треба да се чека последниот ден“, вели Јанакиески, кој денеска доделуваше решениеја за легализација во општина Ѓорче Петров.
Само до оваа општина се поднесени околу 11.000 барања за легализација. Од нив се решени 3.346 предмети, а уште 4.000 предмети се завршени, но граѓаните за нив немаат поднесено геодетски елаборати или пак не ги уплатиле потребните средства по едно евро за квадрат .
Решенија за легализација денеска се доделуваа во општина Кисела Вода. Таму од поднесени 11.874 барања, легален правен статус веќе добија 3.015 објекти, а за 3.825 и натаму се чека геодетски елаборат.