ЈАВНИ НАБАВКИ: Завршува ли праксата на тендер коалициите?
Објавено во: Економија 29 Мај, 2017
Нееднаков третман на фирмите учесници, низок степен на конкуренција, нерационално искористување на јавните пари- ова се само дел од забелешките што ги нотира Државниот завод за ревизија во извештајот насловен како „Ефикасност на политиките и инструментите во системот за јавни набавки и постапката за давање согласност за одобрување за јавна набавка“. Во извештајот ревизорот упатува сериозни критики за процесот на спроведување на тендерските постапки во речиси сите сфери, од усогласеноста на институциите и законите, примена на европските регулативи, барањата за согласност од Советот за јавни набавки, до критериумите за најповолни понуди на јавните огласи.
„И покрај постигнатите резултати во поглед на зголемување на транспарентноста и овозможување поголема ефикасност во системот за јавни набавки, актуелните политики и инструменти во системот за јавни набавки не секогаш обезбедуваат задоволителен степен на конкуренција, еднаков третман на економските партнери и рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за доделување договори за јавни набавки и доведуваат до намален квалитет на набавките со што е нарушен принципот за обезбедување на соодветна вредност за дадените финансиски средства“, заклучува ревизорот.
Според извршената ревизија во 2015 година дури 37 отсто од тендерските постапки биле со една поднесена понуда. Токму овој податок според експертите сериозно го нарушува принципот на конкурентност во јавните набавки. Во истиот период 969 договори биле склучени без објавување на оглас. Оваа бројка е зголемена во споредба со 2014 година кога без објавен оглас биле склучени 826 договори, но е помала во однос на 2013 година кога по истиот принцип биле склучени 1.452 договори.
„Ако се има во предвид дека во 2014 и во 2015 година, во 36 отсто односно во 37 отсто од постапките добиена е само една понуда, може да се заклучи дека без законските измени, бројот на постапките со преговарање без претходно објавен оглас би бил поголем“, стои во извештајот.
Овластениот ревизор забележува дека најниската цена како основен критериум за најповолна понуда во комбинација со барањето согласност од Советот за јавни набавки, неповолно влијае врз квалитетот на набавките и конкуренцијата. Сугерира да се користат и други критериуми за најповолна понуда, како што се рокот за испорачување на услугата и квалитетот. Ревизијата констатирала дека расте бројот на објавени огласи каде најниската цена е основен критериум за најповолна понуда. Така во 2013 година најниската цена како критерум за доделување на понуда била во 15.926 огласи, а во 2015 година дури 18.404 огласи. Овој критериум според одговорите во испратените прашалници според договорните органи влијае негативно врз квалитетот на набавката, поради што се соочуваат со проблеми во редовното работење и имаат дополнителни трошоци за одржување.
„Овие законски решенија доведуваат и до намален интерес за учество во постапките за јавни набавки на економските оператори кои својата конкурентност ја градат преку унапредување на квалитетот на своите производи, со што се напушта основниот принцип на обезбедување на соодветна вредност за дадените пари. Со направената ревизија констатиравме дека задолжителното и генерализирано користење на критериумот најниска цена не е во согласност во директивите на Европската унија“, се наведува во извештајот.
Се забележува дека учесниците во јавните набавки се жалат на обемна документација и задоцнето плаќање за сработеното. А задолжената електронска аукција не ги дава очекуваните заштеди.
Доведена во прашање транспарентноста на набавките и трошењето на јавните пари
Ревизорот во извештајот нотира неусогласеност на Законот за јавни набавки со Законот за облигациони односи, што резултира со проблеми во тендерските постапки. Во Законот за јавни набавки предвидени се одредби кои опфаќаат изведување на градежни работи и надзор, вишоци и кусоци, како и непредвидени и дополнителни работи како основ за склучување на анекси на договори за јавни набавки, а дел од истите се веќе утврдени со Законот за градење и Законот за облигациони односи. Според Законот за облигациони односи како непредвидливи работи се сметаат оние кои нужно треба да се изведат поради спречување на настанување на штета а се предизвикани од вонредни околности. А според Законот за јавни набавки непредвидени се оние работи што со договорот не се опфатени, а мора да се изведат поради одредени пропусти и недостатоци во проектот. Во практичната примена на Законот непредвидените и непредвидливите работи се поистоветуваат. Од друга страна дополнителните работи како основ за склучување на анекс договор не се предвидени во Законот за облигациони односи, а Законот за јавни набавкиги ги дефинира како работи што не се договорени, а договорниот орган бара да се изведат.
„Несоодветниот начин на дефинирање на непредвидените и дополнителните работи во Законот за јавни набавки придонесува во текот на изведувањето на градбата тие да се на товар на договорниот орган и за истите да се спроведуваат постапки со преговарање без претхдно објавување на оглас и склучување на анекси на договори. Со извршената ревизија констатиравме дека промената на овие одредби во практика покажа многу слабости и потешкотии за договорните органи и создава можност за несоодветно разграничување на дополнителните од непредвидените работи. Поради тоа голем дел од анексите се склучуваат за непредвидени работи за кои и не е потребно барање на претходна согласност за разлика од дополнителните работи“
Ревизорот посочува дека бројот на склучени договори по спроведените постапки со преговарање без претходно објавување на оглас во 2015 и во 2014 година учествуваат со 4 отсто во вкупниот број на склучени договори. Но недостасува податок за тоа колку од од овие договори се основни а колку се анкеси на веќе склучени договори.
„Причината за ова е што ЕСЈН( електронски систем за јавни набавки), секое известување за склучен договор е евидентирано поединачно, а системот не овозможува автоматско поврзување на известувањата за склучените договори со известувањата за склучените анекси. Дотолку повеќе што не постои сигурност дека договорните органи во целост ја почитуваат законската обврска и ги објавуваат сите известувања за склучени договори и анекси по спроведените постапки за јавни набавки. Наведените состојби влијаат врз степенот на транспарентноста, рационалното и економично трошење на средствата и обезбедување конкуренција во постапките за доделување на јавни набавки“, посочува ревизорот додавајќи дека од септември 2016 година ЕСЈН е овозможено автоматско поврзување на известувањата за склучените основни договори со анексите на истите.
Нестручни и необјективни мислења за објавување на огласи
Во делот на барањето согласност од Советот за јавни набавки, ревизорот забележува дека голем дел од решенијата со кои Советот одлучува за давање на согласност за објавување оглас се базираат на недоволно квалитетни, стручни и објективни мислења, поради несоодветната стручност на надворешните лица, кои во процесот на давање согласност му помагаат на Советот со стручни мислења за соодветна област. Најголем број мислења биле побарани за областа здравство.
„Со увид во досиеата на стручните лица од кои се побарани голем број мислења од оваа област, констатиравме дека лицата со најголем број дадени стручни мислења се доктори од примарна здравствена заштита без доволна можност за стекнување на потребните знаења и вештини за давање на квалитетни стручни мислења за комплексните и специфични набавки на опрема, лекови, медицински средства за потребите на јавните здравствени установи. Освен тоа значаен дел од стручните лица кои дале мислење од областа на здравството се со завршено образование од областа на фармација, ветерина, здравствен менаџмент“, се забележува во извештајот.
При тоа се констатира дека и покрај согледаните слабости, и објавувањето на нов јавен повик од страна на Советот за упис во регистарот на нови стручни лица и запишување само на лица кои ги исполниле критериумите, сепак не се обезбедиле лица со доволен кавлитет и стручност за давање стручни мислења за конкретни области.
Во однос на решавањето на барањата за согласност од Советот, ревизорот нотирал дека има случаи кога Советот дава согласност и покрај негативните мислења од сите ангажирани стручни лица и обратно, за исти тендерски спецификации кај некои договорни органи е дадена согласност, а кај некои не, го занемарувал запазувањето на квалитет на предметот на набавката со што ги редефинирал потребите на договорните органи.
Ревизирот препорачува усогласување на законодавството со европските регулативи, преиспитување на начинот на давање можност за склучување на анекс договори, уредување на казнените одредби во Кривичниот законик, усогласување на Законот за јавни набавки со Законот за облигациони односи, заострување на условите за запишување на стручни лица во Регистарот и преиспитување на добивањето на стручно мислење, институционална соработка на сите надлежни институции во процесот на јавните набавки.
Советот за јавни набавки по Нацрт извештајот има испратено образложенија, но ревизорот речиси ништо нема прифатено. Од Бирото за јавни набавки имаат испратено допис дека го прифаќаат извештајот. Од таму велат дека ќе постапат по препораките.
„Бирото за јавни набавки детално го разгледа извештајот за извршена ревизија на успешност и смета дека истиот, заедно со нашите анализи кои се достапни на пошироката јавност, претставуваат добра основа за дефинирање на идните политики на јавни набавки кои треба да се движат кон институционални реформи и усвојување на последните директиви за јавни набавки на ЕУ од 2014 година. Бирото веќе подолго време посочува на потребата од унапредување на правната рамка, поради што и предложивме серија на мерки во итните реформски приоритети. Препораките кои се однесуваат на Бирото секако ќе бидат имплементирани“, посочуваат од Бирото за јавни набавки.
Во 2015 година се склучиле 27.392 договори што е за 25 отсто повеќе од 2013 година, но вкупната вредност е намалена за 23 отсто.
Инаку според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, државата годишно троши една милијарда евра за јавни набавки, или околу една третина од државниот Буџет. При тоа често се користи праксата на потпишување на анекс договори. Вредноста на анекс договорите во последните четири години изнесува над 37 милиони евра.
Т.С