Johnson&Johnson мора да и плати отштета од 417 милиони долари на жена која ги тужела
Објавено во: Свет 23 Август, 2017
Johnson&Johnson ќе мора да исплати уште една отштета во износ од 417 милиони долари на жена која во тужбата наведува дека поради користење на бебешка пудра на таа светски позната компанија, која ја употребувала за лична хигиена, заболела од рак на јајници.
Се работи за досега највисоката сума која ја донесе судот во Лос Анџелес во случаи на тужби против компанија која адекватно не ги предупредила потрошувачите дека постои ризик од развој на рак при користење на талк (магнезиумов силикат).
„Благодарни сме му на судот за пресудата во корист на Ева Ечеврија“, рекол нејзиниот адвокат Марк Робинсон, додавајќи дека неговата шеесет годишна клиентка умира и дека со тужбата сакала да им помогне на сите други жени ширум земјата кај кои се развил рак на јајници како последица на употреба на производот од фирмата Johnson&Johnson во период од 20 или 30 години.
Портпаролката на компанијата Карол Гудрич најави жалба на пресудата како и во претходните случаи, бидејќи „науката и оди во прилог на компанијата“.
Во слични случаи со тужби претходно изречени се четири повеќемилионски пресуди против фирми но сите случаи уште се во жалбен рок.
Околу 2 000 жени поднеле слични тужби, а адвокатите разгледуваат уште илјадници потенцијални случаи.
Минерал талк со години се употребува во фармацевтската индустрија. Претходни истражувања покажале дека нема цврста врска помеѓу користењето на пудра и заболување од рак, а повеќето здравствени експерти сметаат дека талкот е безопасен.
Но Меѓународната агенција за истражување на рак предупредила на генитална употреба на талкот како „потенцијално канцерогена“.