Каде ќе одмораат вработените на ЕЛЕМ, ЕВН и МЕПСО за багателни цени?
Објавено во: Економија 09 Октомври, 2018
За вработените на АД Елем - Скопје и подружниците (РЕК Битола, РЕК Осломеј, ХЕЦ Маврово и др.), ЕВН Македонија, МЕПСО, ТЕЦ Неготино и во сезоната 2018/2019 ќе имаат 30 отсто попусти во туристичките центри чии основачи се, како што се хотелот Молика на Пелистер, бунгаловите на авто-камп Ливадиште, ски центарот Попова Шапка, или вилата „Тиквеш“ во Стар Дојран.
Попустот важи и за блиските членови на семејствата, а може да му се плаќа на шест рати на ЕЛЕМ Турс, друштвото за туризам, рекреација, угостителство и спорт, под чија надлежност се овие објекти и кое го објави ценовникот на капацитетите до следната есен.
Бунгалов за четворица во „Ливадишта“ (Радожда) за вработен во овие компании во топ сезона би чинел 1.000 денари од ден, полн пансион во декември во Молика би бил околу 1.200 денари, а дневен билет за скијање на Попова Шапка би бил 600, наместо 900 денари.
- Во добра состојба се сите објекти освен двата хотели „Славија“ и „Попова Шапка“, за кои треба да се направи потемелна грижа. Инаку, голем број на вработени секоја година ги посетуваат и ги користат услугите затоа што тоа е нивно право по логика, бидејќи компаниите за кои работат некогаш биле основачи на овие туристички места. Инаку, новина во ценовникот е тоа што за следната година тој е поотворен за соработка со туристички агенции, посреднички провизии, екскурзии и групни посети - велат од ЕЛЕМ Турс.
Покрај ова ЕЛЕМ Турс го има одморалиштетот „Свети Стефан“ во Охрид, планинска куќа Маврови Анови, како и ски-центарот „Копанки“ на Пелистер.
(А.К.)