Добивај вести на Viber
Дали и какви реакции ќе предизвика најавата за нов лик на Сити Галери? Досега архитектите неколкупати реагираа на најавите за нови фасади. Сега облекувањето на Скопје во барокна облека продолжува со несмалено темпо. По многуте фасади на околните згради, сега на ред за ново руво дојде и Сити Галери.
Тендерот за изведувач на новата фасада за објектот „Сити галери" на плоштадот „Македонија" во Скопје е распишан. За ова градот Скопје издвои околу 2,7 милиона евра. До 10 септември заинтересираните компании ќе можат да се пријават.
Идејниот проект за новата фасада на „Сити Галери“ ја изработија авторите Лазар Димов и Никола Стакинов, а основниот проект за претстојната реконструкција е дело на „Инком Инженеринг“ од Скопје.
Градската управа веќе три години најавува промена на постоечкиот препознатлив изглед на сите објекти што се протегаат околу централниот плоштад „Македонија“. Инаку, Архитектот Славко Брезовски, автор на објектот „Сити Галери“ (тогаш Стоковна куќа „НАМА“) пред шест месеци изрично се изјасни дека е против промена на изворната фасада и дека нема да даде согласност за овој потег, пишува Буилд.мк
Градоначалникот Kоце Трајановски на седница на Советот одлуката за избор на нови фасади ја објасни со член 67-а од Законот за градењето. Според овој член, на градската власт и е дозволено да избере изглед на објекти ако се утврди дека тоа е од значење за општината.