Караџовски навреден од Јанева, изјавите и биле нецивилизирани
Јанева кажа за некои судии дека можеби не се ни луѓе, а да не разговараме за нивниот морал. Тоа е недозволиво за еден обвинител, постои кодекс на судска етика и кодекс на јавнообвинителска етика, рече денеска Караџовски.
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2016
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски денеска, по седницата на која беше распишан оглас за избор на претседатели на Врховниот суд на РМ и на Основниот суд Скопје 1, изјави дека e незадоволен поради честите напади кон судиите од страна на Специјалната обвинителка, Катица Јанева, особено тоа важи за судиите од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.
- За време на едно интервју, Јанева кажа за некои судии дека можеби не се ни луѓе, а да не разговараме за нивниот морал. Тоа е недозволиво за еден обвинител, постои кодекс на судска етика и кодекс на јавнообвинителска етика, рече денеска Караџовски.
„Особено иритира изјавата на Јанева дека се води постапка за судии од Управниот суд. Тоа е конкретно напаѓање на еден суд и директно е рушење на угледот на тој суд и на целото судство. Многу граѓани имаат предмети пред тој суд. Да кажете за некои судии се води постапка, без да кажете за кои, за колкумина, дали за сите се води, имајќи го предвид функционалниот имунитет што го имаат судиите, е крајно неетичко, нецивилизирано и некултурно така да се изјави, забележува Караџовски.
Караџовски вели дека тој како кривичен судија одбивал обвиненија, одбивал барања за определување на притвор, донесувал ослободителни пресуди во текот на својата кариера, но никогаш не бил лично нападнат од ниту еден јавен обвинител дека е неморален.
- Доколку некој го прекршил законот, ќе си одговара дисциплински или законски. Тоа важи за сите обвинителства и за судовите. Мојата намера е да има соработка и понатаму, и за секое обвинение за кое постојат докази да има и осуда, но преку почитување на ЗКП и на правата на сите обвинети лица во постапката“, изјави Караџовски.