Добивај вести на Viber
Седницата за задолжување на општина Карпош со 2,5 милиони евра вчера завршила со навреди меѓу советниците, па дури и со физички инциденти.
Советниците на СДСМ се жалат дека биле насилно влечени и туркани од говорница кога се обиделе да се спротивстават на задолжувањето. Сметаат дека на овој начин градоначалникот Стевчo Јакимовски уште еднаш го повторил 24-ти декември.
Општинските власти, пак, тврдат дека инцидентите биле изрежирани токму од опозициските советници. Јакимовски најавува дека ќе формира ад хок комисија која ќе утврдува кој е виновен за „запалената“ атмосфера во општинскиот Совет.
Инцидентите започнале кога од салата бил избркан новинар кој се обидел да ги сними исказите на советниците.
„Во исклучително тензична и деструктивна атмосфера од страна на дел од советниците на СДСМ мина и одлуката за долгорочно задолжување на Општината за заем кај финансиска институција. Со лични дисквалификации, навреди и дофрлања кон градоначалникот на Општината Стевчо Јакимовски, кон колегите советници и кон стручните служби, дел од советниците на опозицијата се обидоа да направат неред и да го пореметат нормалниот тек на денешната седница, вметнувајќи во салата непознато лице, кое во неколку наврати се претставуваше како новинар на дневниот весник „Вечер“ и снимаше дел од дискусиите“, стои во соопштението од кабинетот на Јакимовски.
Со новото задолжување општина КАрпош најавува дека ќе покрива трошоци за улично осветлување, реконструкција на станбени улици, на градинки и училишта. Според опозицијата, ова се тековни трошоци за кои пари треба да има во годишниот општински буџет, заради што тврдат дека опозицијата се наоѓа во финансиска криза порадфи неодговорно менаџирање со средствата.