Добивај вести на Viber
Катната гаража „Разловечко востание“ обезбедува нови 500 паркинг места во најфреквентниот дел од Скопје. Денеска ја пуштија во употрева премиерот Никола Груевски и директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов.
„Систематски го решаваме еден од најголемите проблеми кои го мачеа Скопје, а тоа е паркинг просторот и метежот по улиците. За тоа придонесуваат катните гаражи кои ги градиме, улиците и булеварите кои се проширија и изградија во овие неколку години, како и сите идни проекти кои ќе се реализираат во оваа насока“, рече Груевски на отворањето.
Ова е трета по ред катна гаража која се пушта во центарот на Скопје, а неколку други се уште се во фаза на градба. Според Груевски, ваквите објекти придонесуваат Скопје да стане модерен и функционален град.
Катната гаража „Разловечко востание“ е со вкупна површина од 23.000 метри квадратни, од кои 20.000 метри квадратни се наменети за паркинг простор распоредени на девет надземни и едно подземно ниво со што ќе се обезбедат вкупно 516 паркинг места. Останатиот простор од 3.000 метри квадратни е наменет за деловен простор.