Добивај вести на Viber
Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР ЛАЈФ-Виена Иншуранс Груп Скопје доби одобрение од Комисијата за хартии од вредност (КХВ) да издаде четврта емисија на долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда. Станува збор за 1.500 обични акции со вкупен износ на емисијата од 1.500.000 евра. Четвртата емисија на акции на ВИНЕР ЛАЈФ-Виена Иншуранс Груп Скопје се врши по пат на зголемување на основната главнина на друштвото со парични влогови и е наменета за единствениот акционер-институционалниот инвеститор, Vienna Insurance Group AG Wiener Versicherung Gruppe, Австрија. Со оваа емисија, ВИНЕР ЛАЈФ-Виена Иншуранс Груп Скопје има цел да изврши усогласување на работењето на Друштвото со Законот за супервизија на осигурување.
На седницата, поради постапување спротивно на Законот за преземање на акционерските друштва, КХВ на Метал Нет ДОО Куманово, Раде Кончар ТЕП ДООЕЛ Скопје и на лицето Бобан Максимовски им ги ограничи правото на глас и правото на дивиденда на обичните акции кои ги стекнале во Агрокуманово АД Куманово без да дадат понуда за откуп на акции. Комисијата ги задолжи Бобан Максимовски, Метал Нет ДОО Куманово и Раде Кончар ТЕП ДООЕЛ Скопје во рок не подолг од шест месеци да ги оттуѓат обичните акции на кои им е ограничено правото на глас и на дивиденда.
Откако се утврди дека лицето Блаже Филиповски го прекршил Законот за преземање на акционерските друштва, на обичните акции кои ги стекнал во Технокомерц АД Скопје спротивно на законската регулатива, КХВ му ги ограничи правото на глас и на дивиденда и го задолжи истите да ги продаде.
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на седницата што се одржа денеска на 21 јули, 2014 година даде согласност лицето Емилија Брљамова да биде именувана за директор на Службата за услуги со хартии од вредност на НЛБ Тутунска банка АД Скопје со мандат од 4 години. Инаку, Емилија Брљамова и досега ја извршуваше оваа функција.