Добивај вести на Viber
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска оствари работна средба со претставници на Кинеската меѓународна асоцијација за градежништво, предводена од заменик претседателот Чи Чангај, како и со претставници на повеќе кинески компании заинтересирани за изградба на инфраструктурни проекти во делот на патната и железничката инфраструктура.
На средбата, министерот Јанакиески ја изрази својата благодарност за соработката која Владата на Народна Република Кина ја остварува со Владата на Република Македонија во поглед кон зајакнување на билатералните односи и ја предочи нашата цврста определба за јакнење на економските односи со Кина кои се од стратешки карактер за прогресот на македонската економија во целост.
Јанкиески нагласил дека Кина е економски активна во Централна и Источна Европа, и ние како држава сме спремни да ги искористиме сите отворени можности за понатамошна соработката со оваа земја во областа на патната инфраструктурата, железницата, енергетиката, и во други области и стратешки гранки на македонското стопанство.
„Имајќи ги предвид стратешките определби на Кина кои се повеќе се насочени кон Европа, а Македонија се наоѓа на трговската патека, на логистичката патека на стока која доаѓа од Кина кон Европа, нашиот интерес е очигледен за сите круцијални проекти кои се поддржани од страна на заинтересираните кинески компании“, потенцира министерот Јанакиески.
На средбата се разменија мислења и информации за поголем број на инфраструктурни проекти и опциите и перспективите за нивна понатамошна имплементација.
„Нашата цел е во иднина да продолжиме со промовирање и јакнење на можностите за инвестирање, да бидеме целосно отворени за кинеските компании и на тој начин да го привлечеме и интензивираме максимално продуктивниот дух на стопанската соработка меѓу двете земји и во Кина целосно гледаме моќна економска држава која има големо учество во диктирање на економските текови на светско ниво“, додаде Јанакиески.