Ќе ги видиме ли Заев и Мицкоски на дуел?
Објавено во: Македонија 15 Март, 2019
Многу скоро можно е да има дуел меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Заев синоќа изјави дека ТВ дуелот со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се случи кога ќе се подготви медиум, а како можност ја спомна ТВ Канал 5.
„Јас сум подготвен, тука сум, освен на 19 март кога патувам за Брисел заради презентацијата на успесите на нашата земја пред Советот за стабилизација и асоцијација, но тоа е само еден ден. Кој било друг ден сум тука и верувам дека на задоволство на граѓаните ќе има дуел каков што треба да има“, изјави Заев.
Мицкоски ја прифаќа понудата за дебата со претседателот на Владата Зоран Заев на телевизијата Канал 5, објави на Фејсбук. „Очигледно на власта и гори под нозе и сметките не и се такви какви што ги прикажува во јавност. Добро е што по две директни прозивки премиерот конечно прифати дебата. Ја прифаќам понудата за дебата со Зоран Заев од Канал 5 телевизија, и за разлика од него без некакви дополнителни услови и барања“, објави Мицкоски. Мицкоски го повикува Заев дебата да се случи што е можно поскоро и на неа да се разговара за актуелните теми.