Ќе се организира студентски референдум - ќе се дефинира студентското организирање
Објавено во: Македонија 04 Октомври, 2016
„Студентски пленум“ утре од 9 до 17 часот, ќе организира референдум на кој студентите ќе треба да се изјаснат какво студентско организирање сакаат.
Гласањето ќе биде тајно, а избирачки места ќе има на сите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
За да гласаат, студентите ќе треба на комисиите да им покажат само индекс или студентска легитимација.
„Ги повикуваме сите студенти утре активно да излезат и да му кажеме едно конечно „не“ на криминалниот Студентски парламент“ – вели Ѓорѓи Рајчиноски од „Студентски пленум“.
Право на глас имаат сите студенти на додипломски и мастер-студии.
Од „Студентски пленум“ велат дека излезноста е важна, но уште поважно е сè да биде спроведено во фер и демократска атмосфера за студентите да покажат дека со висока демократска свест можат да ги користат своите можности.
„Студентскиот пленум“ ги повикува студентите да се изјаснат дали студентскиот парламент на УКИМ треба да стане тело во рамки на универзитетот, а со тоа да се зголеми контролата на парите кои оваа невладина организација ги троши, како и да има увид во начинот на кои се вршат студентските избори.