Кои македонски телевизии работат со добивка, а кои со загуба
Објавено во: Македонија 08 Октомври, 2016
Според податоците обезбедени од Анализата на пазарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, македонските телевизии трошат колку и што заработуваат од реклами со тоа што само три се во „позитива“, односно Сител, Алфа и Алсат-М имаат добивка за 2015-та, додека пак Телма и Канал 5 работат со загуба.
Македонската радио телевизија остварила вкупни приходи од 1,284 милиони денари, а потрошила 1,223 милиони денари со тоа што има 907 вработени во редовен работен однос.
Кај приватните или комерцијални телевизии интересно е што вкупните приходи се речиси блиску како тие на МРТ иако станува збор за резултати од десетина национални телевизии. Приходите изнесуваат 1,642 милиони денари со нешто повисоки трошоци од 1,702, додека пак истите вработуваат над 1200 вработени.
Најголема заработка има Сител со 31,81 милиони денари, следи Алфа со 14,06 милиони денари и Алсат-М со 0,10 милиони денари. Најлош финансиски резултат бележи Телма со загуба од 22.8 милиони денари.
Според анализата најмногу пари за програма потрошила ТВ Сител со инвестирани 505 милиони денари што е голем раст во однос на 2013-та кога потрошиле 315 милиони денари. За вработените најмногу потрошила ТВ Алсат-М со 67,84 милиони денари, додека пак најмногу за плати одвоиле Канал 5 со само 42.22 милиони денари иако на слична сума се и Сител и Алфа.