Кој ги зема највисоките плати во Македонија?
Објавено во: Економија 21 Август, 2018
Oд податоците кои ги објави Државниот завод за статистика, најдобро платени во Македонија се компјутерските програмери. Со просечна плата за јуни, која според Државниот завод за статистика изнесува 56.587 денари тие се на врвот.
Статистичките податоци покажуваат дека платите на вработените во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности изминатава една година постојано се во пораст, па во однос на ланскиот јуни се зголемени за над 13 проценти, а последниот месец се зголемиле за дополнителни 1,3 проценти.
Зад нив се вработените во воздухопловниот транспорт, кои традиционално се на листата на вработени со највисоки плати во државата. Тие во јуни годинава земале просечна плата од 56.023 денари, која за разлика од лани истиот месец била помала за скоро три проценти, но во однос на мај годинава се зголемила за безмалку осум проценти.
Со просечна плата над 40.000 денари се фармацевтите, банкарите, вработените во телекомуникациите.
Пресметките покажуваат дека просечно во јуни сме земале 24.203 денари нето плата, додека во мај таа изнесувала 24.509 денари.