Кој си купи рудник за 2 милиони евра?
Објавено во: Економија 21 Август, 2018
Засега не се знае кој плати 2 милиони евра за рудникот за неметали „Стрмош“ од Пробиштип. Лани оваа компанија направила приходи кои надминуваат 620.000 евра, а добивката била 2.200 евра
Пробиштипскиот рудник за неметали „Стрмош“ доби нов сопственик иако засега не се знае кој купи 99 отсто од акциите со право на глас на оваа рударска компанија. Трансакцијата со 11.535 акции со право на глас од „Стрмош“ е реализирана на 9 август при што вредноста на купопродажбата е 2 милиони евра, а цената по акција е 10.650 денари. Истргувани се 99,9 отсто од акциите со право на глас. Продавач на акциите е домашно правно лице.
„Стрмош“ е рудник за неметали и е формирано 1984 година. Основна дејност на друштвото е експлоатација и преработка на неметални минерални суровини: кварцит, опалска бреча, аморфниот бел опализиран туф и зеофит. Производствениот капацитет на „Стрмош“ е 200.000 тони годишно. Според официјалните податоци на веб страницата оваа компанија има 36 вработени. Кварцитот се користи во металургијата за производство на феро легури. Опалската бреча или пуцолан се користи во цементната индустрија. Белиот аморфен опализиран туф има широка лепеза на примена како што е: за филтрирање на отпадна и вода за пиење, огноотпорна индустрија, градежништво за термо лесни бетони и малтери, како носач на пестициди, полнител во гумарската и индустријата за хартија, индустријата за бои итн. Својот понатамошен развој друштвото го темели на развојот на новиот производ „Зеофит“ кој има широка примена. Ова е производ што има најширока примена во земјоделството и се користи за: подобрување на почвата, за прихрана и за заштита на растенијата.
Како лани работел „Стрмош“?
Официјалните податоци кои ги објави друштвото на сајтот на берзата покажуваат дека лани „Стрмош“ годината ја завршил со добивка од 2.250 евра. Приходот на компанијата за цела година бил над 620.000 евра . За разлика од лани, 2016 година била подобра за оваа компанија. Приходите надминале 1 милион евра, а добивката била над 4.000 евра.