14 Декември, 2025
0.0499

Кој стои зад „плакатите на револтот“ - Натпартиски симболи на народниот отпор

Објавено во: Македонија 08 Јули, 2022 09:46

Добивај вести на Viber

Една од димензиите на народните протести против „францускиот предлог“ е и визуелниот идентитет, силно изразени преку зборот „НЕ“. Зад повеќето од нив стои македонскиот дизајнер Ласко Џуровски, кој е инспириран од новите неправди со кои се соочува Македонија. Тој редовно објавува илустрации кои ја претставуваат состојбата со негациите, но се и израз на револт и достоинство. 

Голем дел од илустрациите станаа дел од протестите, граѓаните ги користат на социјалните мрежи, а други ги носат на маици и плакати. Џуровски вели дека ова не се партиски симболи и дека се израз на искрениот револт на народот. 

Во изминатиот период дадовте максимален придонес за илустрирање на повторните обиди за омаловажување на македонскиот народ, преку недостоинствениот „француски предлог“ и диктатот наметнат од Бугарија. Што ве мотивира и инспирира секојдневно да ја илустрирате реалноста со која се соочуваме?

Џуровски: Ме мотивира она што ни се случува на сите нас. Неправдата, лагите, понижувањата, потценувањата, ме мотивира отпорот, солзите, насмевките, ехото на нашето свето име МАКЕДОНИЈА кога ќе го слушнам истовремено изговорено од илјадници усти.

Дел од илустрациите се доживуваат како „плакати на револтот“, а многумина веќе ги споделуваат на нивните профили, изразувајќи незадоволство од актуелната состојба. Дали и вие ги доживувате овие илустрации како неформални плакати на бунтот и демонстрациите?

Џуровски: Илустрациите се реакција на настаните кои не тераат да ги држиме очите широко отворени и ги координираат нашите срца да чукаат во ист ритам - ритамот на Македонија, обединета, горда, НЕПОКОРНА! Мило ми е што илјадници Македонци се согласуваат со моите „плакати на револтот“, како што вие ги нарековте, тоа значи дека во нив ја препознаваат вистината, маката, која го натера македонскиот народ да се излее на улиците и громогласно да каже „НЕ!“ за асимилација и бугаризација на нашата татковина, нашиот јазик, нашиот идентитет, нашето постоење.

Колку пораките испратени на визуелен начин може да послужат во мобилизирање на граѓаните, и продолжување на актуелните протести за кои се прават многу обиди да се задржат вон партиско и политичко влијание и да останат искрени и граѓански?

Џуровски: Одговорот на ова прашање можете да го најдете на протестите, само погледнете околу вас, илјадници Македонци се идентификуваат со двете црвени букви и извичникот кој во точката го содржи македонскиот национален симбол - сонцето. Тоа „НЕ!“ не е партиско обележје, луѓето со него се согласуваат и го носат на постери, маици, налепници, затоа што тие две црвени букви го содржат одговорот на македонскиот народ на сето она што му се прави, брутално, насилно, секојдневно се идентификуваат со тоа „НЕ!“ не затоа што така им рекле партиите туку затоа што така им вели срцето. 

Има ли можеби негативни коментарии и реакции за вашата работа, ве обвинуваат ли дека сте „хушкач“, па дури и дека можеби поттикнувате говор на омраза преку испратените визуелни пораки?

Џуровски: Не, до сега не сум добил негативен коментар на ниедна моја илустрација, ниту пак некакво обвинување. Моите илустрации ја зборуваат вистината, како што велат, сликата кажува повеќе од илјада зборови. Според коментарите, приметувам дека моите илустрации предизвикуваат различни емоции кај народот, реакциии на состојбите за кои многумина се плашат да проговорат. Тоа ми причинува задоволство затоа што кога ги споделуваат илустрациите со нив го кажуваат она што не го кажале со збор, со моите илустрации се трудам да ја поттикнам љубовта и никако омразата, впрочем, колку и да се трудиме ние да се европеизираме Европа сѐ повеќе нѐ балканизира, одново и одново оставајќи нѐ пред затворена врата на која пишува „WELCOME!“.

Голем број уметници, артисти, актери, се вклучија во народниот протест, одбивајќи да прифатат ултиматуми и уцени, но и натаму има многу поделби, себенегирање и потчинетост во јавноста, што би им порачале вие како некој кој „гласно“ и јавно ги изразува своите ставови?

Џуровски: Да не молчиме, да излеземе, гласно и јасно да го кажеме нашето „НЕ!“ против сето зло што ни се прави на нас како нација и народ, да го зачуваме она кое ни го оставиле нашите предци кои пролеале многу крв за ова парче земја да биде убаво место за живеење за нашите деца, внуци, за идните генерации. Нашата воља ќе ја победи индиферентноста на оние кои не разбираат дека МАКЕДОНИЈА не е само збор напишан на парче хартија на кое можете да ѝ пишувате додавки, МАКЕДОНИЈА е сонце, воздух, месечина, вода, земја, МАКЕДОНИЈА е зборот кој на светот му кажува кои сме, зошто сме и што сакаме да бидеме. За жал, дојде време да се запрашаме: - Дали ние ѝ требаме на Европа и дали ваква Европа ни треба нам?

Х.С.


Можеби ќе ве интересира

Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески

Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески

ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро

ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро

ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца

ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца

Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија

Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија

Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено

Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено

Контрола во угостителски објекти во Куманово, затекнати малолетници после 24:00 часот

Контрола во угостителски објекти во Куманово, затекнати малолетници после 24:00 часот

Од 9 часот не работи радарот за контрола, полетувањата и слетувањата ќе доцнат по час и половина

Од 9 часот не работи радарот за контрола, полетувањата и слетувањата ќе доцнат по час и половина

„Сејф сити“ го „закочи“ Тетово

„Сејф сити“ го „закочи“ Тетово

Осум повредени завршија во болница по сообраќајна незгода на патот Гостивар-Тетово

Осум повредени завршија во болница по сообраќајна незгода на патот Гостивар-Тетово