Колку војната во Украина ќе ги одржи ветото врз Македонија и Бугарија како „милениче на Западот“?
Објавено во: Македонија 11 Април, 2022 07:08
Македонија даде целосна поддршка на
западните сојузници од санкции против Русија до помош за Украина. Но, и покрај
докажаното сојузништво се уште не добиваме членство во ЕУ и сме заложници на
Бугарија. Каква надворешна политика ни е потребна во вакви услови. Дали тоа што
источниот сосед има стратешка позиција на Црното Море ги прави и натаму
„милениче“ на Западот на сметка на интересите и позициите на Македонија?
Според политикологот Виктор Јакимовски точно е дека Бугарија има одредена геостратегиска позиција во Црното Море која и претходно (во помала мера) и сега (во нешто поголема) и оди во прилог, но таа позиција не е толку уникатна колку што тие сметаат дека е.
„Дури со евентуаленото примирје помеѓу Русија и Украина, извесно е дека ќе се преуредат сферите на интерес во Црното Море помеѓу земјите кои се негови резиденти, па со тоа еуфоријата околу улогата на Бугарија ќе спласне. А, за тоа дека Бугарија е „милениче“ на Западот, мислам дека ветото кон Македонија покажа всушност чие „милениче“ е Бугарија. Македонија можеше да добие вето и во процесот на зачленување во НАТО, но таму Бугарија не се осмели, бидејќи не сакаа да застанат на патот на американските интереси. Приказната во ЕУ е друга, таму надворешно-политичките интереси главно ги „водат“ Франција и Германија, па оттука го имате одговорот чие „милениче“ е Бугарија“, вели Јакимовски во анализата за Фактор.мк.
Во поглед на позициите на македонската Влада и МНР, поради Бугарија засега не е потребна промена во надворешната политика.
„Македонската надворешена политика кон Бугарија уште од 90-те години па навака не беше ништо друго освен добрососедска, немаше никакви провокации, никакви претензии, никаква националистичка реторика - нешто што не е ситуација од бугарската страна. Таму може да се забележи дека уште пред почетокот на 2000-те години, „нео-врховистите“ и онаа поранешна комунистичка елита се согласија околу позициите кон „македонскиот впрос“. Кај нас до пред ветото постоеа поделени мислења околу односот кон Бугарија и можеби немањето на монолитност во стратегијата кон Бугарија придонесе во одредена мера да дојде до ова“ додава Јакимовски.
Македонија како безбедносно прашање на ЕУ
Министерот за надворешни работи Бујар Османи го испроба наративот за безбедносниот аспект на Македонија надвор од ЕУ со сите ризици по воената инвазија на Украина и досегот на „руското влијание“. Може ли прашањето за европска интеграција на Македонија да прерасне во „безбедносно“ и дали таква политика ќе пројде во Брисел?
Сепак, Јакимовски смета дека на Брисел се чини како да не му е толку многу важно ова прашање.
„Македонија де факто ја има усогласено својата надворешна и безбедносна политика со онаа на ЕУ, слепо (за мене на пати непотребно и сосема наивно) ги исполни и се уште ги исполнува сите барања на Брисел, а за возврат добива само „добра волја“, се доведе во потчинета положба на една соседна земја и е веројатно на пат да го стори тоа повторно за друга, се со цел да добие отпочнување на пристапни преговори. Промени уставно име дури и за домашна употреба за после неколку години да и бидат доведени во прашање јазикот, идентитетот и историјата и притоа помеѓу целокупната политичка елита во државата не постои обединетост околу клучните национални прашања“, вели тој за Фактор.мк.
Дополнителната европска изолација на Македонија на патот кон ЕУ, како на пример одвојувањето на Албанија од „пакетот“ може да предизвика опасни последици.
„Во таква ситуација само ќе се подгреат чувствата помеѓу етничките Албанци во Македонија да почнат да говорат за отцепување. Сето ова ја ослабнува и ја троши Македонија како држава и ја прави многу подлежна на дестабилизации. Преку дестабилизација на Македонија, особено ако причините за тоа по некоја „случајност“ доаѓаат од Бугарија или Србија, пред се поради значајното руско влијание кое е присутно во овие држави, нема да биде тешко да се дестабилизира Источното крило на НАТО, но и самиот Западен Балкан. Затоа, сметам дека апсолутно е оправдан наративот европската интеграција за Македонија да се третира како безбедносно прашање“, потенцира Јакимовски.
Евроскептицизам и проруско расположение
По последната посета на Џозеф Борел високиот претставник на Европската Комисија, кој изрази „волја“ за почнување преговори со Македонија, без никакви гаранции во односите со Бугарија, се повеќе се зголемува евроскептицизмот во земјава и разочараноста од евроинтеграциите.
Во тој контект и појавата на „проруското“ расположение кај дел од македонските граѓани може да се толкува како резултат на постојана разочараност од Западот. Но, има ли искрени и вистински поддржувачи на режимот на Путин?
„Ова е малку посложено прашање и се должи на повеќе испреплетени фактори. Еден од факторите е јазичната блискост со Русија, словенското потекло, православието, па преку тоа одредена група на граѓани гледаат на Русија како на „поголемиот словенски и/или православен брат“. Друг фактор е секако и руската пропаганда, и онаа која е позитивна – преку литература, уметност итн, и онаа негативната која сервира лажни вести и лажна слика. Исто така, значаен процент од македонските граѓани имаат или површно познавање или недоволно се запознаени со одредени историски факти, па имаат претстава дека Русија секогаш била на наша страна, што апсолутно не е вистина. И се разбира, како што споменав и претходно, непринципиелната политика на Западот, односно на ЕУ доведува до пораст на расположение кај македонските граѓани својата перспектива да ја бараат свртени кон Исток“, истакнува Јакимовски.
Дали Западен Балкан е следен?
До пред речиси два месеца никој не можеше да поверува дека на европско тло ќе има нова војна иако тоа не беше исклучено и нереално со долгите предупредување за руската мобилизација.
Колку Западен Балкан е ранлив на влијанија од Истокот кои може да го спречат да се интегрира во западните организации и можна ли е дополнителна дестабилизација како што војната во Украина се разгорува?
„Опцијата за дестабилизација на Западен Балкан не е исклучена. Сепак, ако се земе во предвид моменталната политичка атмосфера тешко е да се каже дека некаде ќе се случат некакви политички потреси, единствено можеби во Албанија има изгледи да се појават внатрешни политички проблеми кои би биле предизвикани од некакви протести и одредени потези на опозицијата. Во оваа насока, не може во целост да се каже дека Македонија е отпорна, но има изгледи на кооперативност помеѓу власта и опозицијата околу одредени прашања. Можеби од сите земји во Западен Балкан, најголема главоболка од одолговлекувањето на војната ќе трпи Србија, односно, Александар Вучиќ како победник на изборите, бидејќи во ваква ситуација е навистина тешко да се балансира помеѓу интересите и барањата и на Русија и на Западот“, заклучува Јакимовски.
Х. С.Можеби ќе ве интересира
Загина работник од Аллбанија, му паднала машина додека работел на трафостаница
Поднесено обвинение пртив Сашко Јанчев, пратеникот на Левица, за сообраќајка со смртни последици
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки
ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа
(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име




