26 Април, 2024
0.0287

Конкурентска способност во земјоделството

Објавено во: Агробизнис, Колумни 08 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

Конкурентска способност во земјоделството

Земјоделскиот сектор е еден од најзаштитените и силно регулирани сектори во многу земји и особено во Европската Унија и некои други развиени земји. Таквата положба е причина за искривување на трговијата со земјоделски производи на глобален план, што ја ограничува можноста за остварување економски развој во сиромашните и неразвиени земји. Тоа е една од причините во последните десетина и повеќе години за либерализација на трговијата со земјоделските производи во рамките на Светската трговска организација(СТО). Преговорите во рамките на СТО водат до значајно намалување на царините но и во однос на внатрешната подршка и елиминирање на извозните подршки. Таа либерализација има влијание врз конкурентската способност на земјите и води до значителна промена во меѓународната трговија и прераспределба на пазарите.

Определувањето на конкурентската способност во сектори и подсектори во земјоделството е сé поактуелна и важна ориентација за спроведувањето на идната политика за стимулирање и помагање на конкурентската способност.

Општа дефиниција. Конкурентската способност е широко дискутирана тема од списанија, весници, бизнисот, економистите, политичарите. Тоа е едно комплексно и противречно прашање. За жал нема општо прифатена дефиниција за конкурентската способност, како и за методите на нејзиното мерење. Една од причините е различното ниво на мерење на конкурентската способност. Тоа може да се разгледува на ниво на вкупната економија, на сектор, или одделна фирма.

Специфичноста на конкурентската способност во земјоделството. Бидејќи голем дел од производството во земјоделството стигнува на пазарите под форми на различни полуфабриканти и преработени производи, преработувачката индустрија е неделив дел од целиот процес и е важна за конкурентската способност.

Расположивоста и квалитетот на факторите за производство и состојбата на користената технологија во споредба со тие на конкурентите, може да биде решавачко за дефинирање од кои производи земјата може да очекува да има споредбена предност. Пристапот до капитал, на пример е од големо значење за развој на производството кое користи интензивен капитал, а пристапот до нови технички и трговски сознанија во фирмата е важен за развој на нови производи, подобрување на квалитетот и продуктивноста.

Постоењето (практикувањето) на стабилна, транспарентна и предвидлива државна политика е особено важно за земјоделството, кога се има во предвид, дека тоа е еден од најсилно регулираните сектори во економијата на многу земји. Поддршката на државата во областа на образованието, истражувањата и развојната дејност од своја страна е од особено значење за подобрување на продуктивноста во секторот.

Макроекономски услови

Развојот на земјоделството силно зависи од макроекономските параметри како: големината на каматниот процент и курсот на валутата. Поради сезонски карактер на земјоделството, пристапот до кредити е секој пат од особено значење за нормално функционирање на секторот.

Влијание на секторите и локалниот пазар

Постоењето на конкурентно способни производители на суровини е важен услов за обезбедување на квалитетна и условно ефективна суровина за натамошна преработка во ланецот од примарен до готов производ. Кога преработувачката индустрија е конкурентно способна, сама по себе е од значење, бидејќи повеќе од земјоделските производи доаѓаат на пазарот по извесен степен на преработка. Улогата во тие меѓусебни односи има и локалниот пазар со својата големина, раст и почитување на потрошувачите.

Инфраструктура

Состојбата на инфраструктурата во една земја под формата на транспорт и комуникација има влијание врз конкурентската способност за производи и во сектори каде што брзото доставување на производите со кус рок е од особено значење. Со намалувањето на транспортните трошоци и подобрување на инфраструктурата, се создаваат претпоставки за транспортирање на земјоделските и прехранбените производи на поголеми растојанија, чак и за такви производи кои се објект на производство и потрошувачка пред сé во регионален аспект. Тоа исто така помага во извозот и увозот.

Конкурентските предности се менуваат во времето. Едни фактори, кои се користат интензивно во земјоделството и прехранбената индустрија често се заменуваат со други. динамичните процеси, кои течат во глобален план исто така имаат свое влијание. Извозот расте во земји во кои расте обемот на вложен капитал во земјоделството и прехранбената индустрија според многуте истражувања досега. Исто така, една земја со споредбени предности во земјоделското производство може да ги пренесе предностите и во преработувачката индустрија врз основа на пониски откупни цени.

Заедничкиот Европски пазар ја интензифицира конкуренцијата. Сведоци сме на глобализацијата, новите технологии, кои го прават транспортот на прехранбените производи за долги растојанија економски оправдан, појава на нови сили на Светскиот пазар како Јапонија и Кина. Значајни промени настанаа во ланецот на прехранбената индустрија, како резултат на промена на аграрната политика, промени во системот за тргување во насока на окрупнување и ефектуирање. Барањата на потрошувачите исто така се променети. За да одговорат на тие предизвици производителите треба да осигураат потенцијал за брзи и ефективни промени.  

Проф Др. Борис Анакиев


Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади