ЕКСКЛУЗИВНО Лордан Зафрановиќ: Залудно врескавме против злото, луѓето не слушале
Објавено во: Македонија 14 Јули, 2020
Како главна фигура на југословенскиот црн бран (филмови од 1960-те и раните 1970-ите со различен нетрадиционален пристап, општествена критичност и црн хумор), хрватскиот режисер и сценарист Лордан Зафрановиќ е глас од претходниот живот. Ученик на Прашката филмска школа, тој е автор на некои од најзначајните дела на југословенската кинематографија, со бележит меѓународен успех.
Неговиот најпознат филм „Окупација во 26 слики“ од 1978 го реизмисли на некој начин жанрот – партизански филм, популарен во тоа време, сместувајки ја приказната во раскошната медитеранска сценографија на Дубровник и спротиставувајќи ја среќата на едно аристократско семејство со пристигнувањето на злото, фашистичката окупација и насилството, во време на колапс на моралот и општеството. Откако ја освои Златната арена на Пулскиот филмски фестивал, филмот стаса и во Кан и беше номиниран за оскар, кој не го доби зашто Зафрановиќ не ја прифати сугестијата да скрати една брутална сцена на масакар, која е практично климакс на филмот. Зафрановиќ одби и не го доби оскарот.
Режисерот, кој странската критика го споредуваше со Ангелопулос, Бертолучи и Лилиана Кавани, во сите свои филмови го истражуваше притисокот на злото врз обичните луѓе во време на екстремни историски околности. И сите негови филмови предизвикуваа контроверзии. Кога екстремните историски околности ја притиснаа поранешната Југославија, Зафрановиќ во 1991 е принуден да ја напушти земјата. Од тогаш живее во Прага. И неговите филмови, документарни, главно, и натаму се занимаваат со истите теми.
Во новобјавениот „самиздат“ роман „Улица Орце Николов бр.10“ на Наум Пановски, театарски режисер и писател, кој живее во САД, неколку пати се спомува името на Зафрановиќ. Романот е приказна за градот што веќе го нема, а и Зафрановиќ во него е далечен оддек на духовниот хоризонт кој веќе го нема.
-Би сакал од срце да ја поздравам Македонија. Ја сакам Македонија, блиска ми е и таму имам цела низа драги пријатели. Таму добив награда за животно дело за мојот севкупен придонес кон филмот, таму требаше да го работам филмот „Островот Балкан“ во Битола и поминав прекрасни денови на Пелистер. Пред неколку години Македонската кинотека уприличи една исклучителна ретроспектива на моите филмови, а благодарејќи и на Синоличка Трпкова имав и Филмска работилница на ФДУ. Длабоко сум благодарен за сето тоа и верувам дека моите длабоки врски со Македонија и филмот во Македонија и натаму ќе се продлабочуваат.
Каде сте сега?
Зафрановиќ: Повеќе од 30 години се наоѓам надвор од територијата на бивша Југославија и мојот поглед е можеби малку поинаков од оние кои се внатре. Сè следам од далечина, бидејки моите креативни корени се таму, а и речиси сè значајно што сум направил, направив на таа територија која е сега сосема поинаква. Значи, создавав во тој еден друг, исчезнат духовен простор. И тоа, се разбира, во овој север ми недостига. Јас сум јужен човек, Медитеранац, како што е и Македонија Медитеран, а тоа носи едно чувство на топлина. Таа топлина ми недостига. Од друга страна, на некој начин, многу е тешко без некоја матична земја да се работи оваа тешка, голема и скапа работа што се вика филм. И многу често чувствувам дека без тој простор и без тој јазик, сеедно дали се вика хрватски, српски или македонски, лебдеам во некој празен простор. Не сум Чех, не сум Србин, не сум Македонец, Хрватите, помалку-повеќе, ме исклучија... Живеев во Франција и Австрија, не сум ни Француз, ни Австриец... Така што тоа проклетство да бидеш никаде е нешто што сиве овие години ме следи. Но, што се однесува до духовниот простор, останав длабоко во тој простор и чекам текстови, чекам предизвици, чекам да се создадат услови кои би ми дале можност да му се вратам.
Кој е сега вашиот град, Загреб или Прага?
Зафрановиќ: Во Загреб дојдов да работам веднаш по завршувањето на академијата во Прага. Во тоа време во Загреб течеше оној фамозен политички процес наречен „Масовни Покрет“, во кој разни националистички струи тежнееа кон тоа што подоцна го остварија во 1991 и 1992 година.Таа 1971 се судрив со одредна струја националисти во Друштвото на филмските работници на Хрватска околу филмот „Терористи“ и околу прашањето дали тој треба да се прикаже во Хрватска. Тоа е филм за оној усташки терорист кој подметна бомба во белградското кино „29 ноември“ кога загинаа неколкумина. Филмот го работеше еден од најголемите документаристи кои Југославија некогаш ги имала, Крсто Шканата. Извонреден филм. Се спротиставив на наметнатото мислење за неприкажување на филмот во Хрватска. Следниот ден ме исфрлија од Друштвото. Поради тоа во еден период ништо не работев. На повик на Филип Давид и Зора Кораќ, и благодарејки им ним, влегов во снимањето на филмот „Убиство во ноќниот воз“ по сценарио на Мирко Ковач во Белград. И бев таму едно време. Потоа со Мирко го направив и „Маките по Матеј“ во Хрватска и така повторно се вратив во Згреб... И тука останав следните 20-ина години.
Во Загреб ги направив сите свои филмови кои имаа, помалку-повеќе, голем успех по светот и предизвикаа посебен интерес на поднебјето на Југославија. Загреб во тоа време кога живеев и работев таму беше идеален град. Доволно голем и доволно мал за еден интимистички живот. Беше и простор, на кој извираше голема креативна енергија, имаше голем број сликари, големи музичари, писатели, значајни луѓе, големи гостувања, изложби, атрактивни фестивали, беше близу до Европа. Едноставно, во тоа време Загреб беше идеален град. За еден филмски автор тоа беше град во кој можеше идеално да се живее и создава. Но, кога емигрирав, десет и повеќе години не доаѓав во Загреб. Се разбира, се чувствував многу нелагодно во тоа време. Денес на некој начин сите ме примаат со доза на одушевување кога ќе ме видат, ама и со некоја задршка зашто во своите филмови откривав некои состојби. Како што велат - за кои не требало да зборувам. Не беа пресреќни сите што ги отворам темите на злото и вината на сопствениот народ.
Во Прага наидов на една доста добра ситуација на почетокот. Подготвив еден голем филм за оваа последна војна, „Островот Балкан“ по романот на Видосав Стефановиќ. Требаше да се снима во Битола. Битола требаше да го игра Сараево. Но, поради недоразбирање на продуцентите филмот на крајот не беше снимен. Останав во Прага, но немав интерес да снимам чешки теми, имав низа понудени сценарија, ама јас не сум реализатор, туку автор.... И не сакав ништо од тоа да работам. Така, сè на сè, Прага, покрај Загреб, остана некоја моја трајна дестинација. Во последно време и Белград... Тоа се дестинациите на мојот креативен интерес. Се разбира, би ме интересирал и филм во Македонија, таа ми е блиска и имам своја публика таму, па би ми било драго во таа атмосфера да направиме и еден снажен урбан филм, кој зборува за болката од која боледуваат сите земји по распадот на Југославија, а тоа е разорната корупција која целосно ги ограби тие народи.
Вашите филмови секогаш занимаваа со осуда на национализмот, фашизмот и на злото, генерално. Дали е корупцијата новото зло, покрај овие кои очигледно никогаш не застаруваат?
Зафрановиќ: Тој мирис на злото, кој излегуваше од моето истражување и однос према тие национализами, кои произведоа секакви трагедии не само на поднебјето на Југославија, туку и пошироко, тој мирис кај мене има некоја предност. До мојот филм за Јасеновац, тој логор на смртта (документарецот „Крвта и пепелот на Јасеновац“ од 1985, з.н.), се занимавав со филмови кои ја истражуваа формата. И да имаше некој институт за филм јас ќе бев таму и не ќе снимав играни филмови. По „Јасеновац“ бев страшно погоден, дури и ужаснат на кој начин и како биле луѓето убивани без судење, без ништо, само според некои расни закони кои отвориле широко поле на ликвидација на цели народи, цели религиски групи или на луѓе со различен стил на живеење. Тоа зло ме стаписа. И начинот на кој било спроведувано. Тогаш си реков: одам сега да го употребам сето свое знаење и филмот во разоткривање на тоа зло. Да го употребам филмот... И почнав да правам филмови за злото. Прво, „Окупација“, па „Падот на Италија“, потоа „Вечерните ѕвона“. И мислам дека тие филмови, според мене, направија во тоа време некое придвижување, некое мало влијание врз луѓето. Но, подоцна кога емигрирав, а тоа се случи поради филмот „Залез на столетието –Тестамент“, сфатив дека не било баш така. Тоа е, инаку, филм за судењето на воениот злосторник и министер за внатрешни работи на НДХ Андрија Артуковиќ во 1986 во Загреб. Мислев дека судењето е идеален момент преку него, користејки го филмот како медиум, да дадам една слика што е националистичкото зло, што е НДХ и што всушност била. Со години подоцна кога се свртев наназад и погледав што се случило, кога ги видов тие исти слики, таа иста лексика, кога 1941 и 1942 се повторија во 1991 и 1992 година, сфатив дека нашите филмови всушност немале никакво влијание, дека нашиот крик против злото, крикот на целото тоа интелектуално и книжевно ткиво на кое му припаѓав, тоа наше врескање против злото на национализамот – луѓето не го слушнале. Ние мислевме дека со нашите филмови ќе предизвикаме некој траен отпор против злото. Но, сфатив - луѓето не ги слушнаа или не сакаа да ги чујат тие крици. И тогаш сè се повтори на истиот начин. Во еден момент дури помислив и да престанам да се занимавам со филм. За жал, не учиме од нашите горчилави искуства и дозволуваме злото да трае и да разорува сè околу нас.
Дали тоа итрите ученици и повторувачите во животното училиште создаваат нови форми на злото на актуелново време?
Зафрановиќ: Не знам што да ви кажам. Фашизмот и нацизмот се зло. Опасно зло. Подразбираат ужас и сè што се случило во Втората Светска Војна - масовни ликвидации, масовни злочини... тоа е војна што била страотна. И последиците на таа војна до денес се присутни не само на некои територии туку и во нас самите, вкомпонирани се во секој од нас. Таа проклета Втора Светска Војна како сè уште да не е завршена. Тешко е да се споредува тоа време, речиси е невозможно, со времето во кое живееме сега. Зашто и покрај тоа што мирисот на фашизмот е секаде околу нас, тој не ескалирал до таа мера да те дочекаат на аголот со некој мрачен автомобил, да те соберат и да те однесат во некој логор. Фашизмот денес е далеку посуптилен и затоа поопасен. Често е сокриен зад превезот на лажната демократија која ја диктира ЕУ. Затоа мислам дека мораме во нашите филмови и во нашите зборови да говориме за ова зло и да влијаеме на одредени состојби, ако не врз политичарите, тогаш барем врз одреден слој луѓе.
Значи, сепак, и натаму гори тој сценаристички и режисерски оган во вас....
Зафрановиќ: Да, се разбира. Се занимавам со теми и со свет, кој веќе некое време го носам во себе. Тој е доста тежок и песимистичен во однос на повторувањето на минатото и се плашам од таа некоја ревизија на минатото. Некако имам неизбежна потреба да направам филм кој ќе зборува за новото доба, за тој фашизам на новото време. А, книгата на Наум Пановски е идеална приказна за тоа што мислам за овие теми и за тие мали републики кои настанаа на пеплиштето од Југославија. Секогаш мислев дека кога тие држави ќе бидат самостојни, мали, изолирани и безначајни на светската мапа, дека ќе почне внатрешниот грабеж. Сега се сите самостојни и практично ограбени земји. Тоа се земји со изглед на пустина.
По секоја војна доаѓа до големи промени и се надевавме дека сето тоа ќе се движи напред. За жал, се вративме во 19 век, во затворена нација, во национализам, па и фашизам. Поинаку изразен, ама исти се методите. Тоа е методот на роднинските врски и начин на владеење. Се вративме во мафијашките односи и мафијашкото однесување на големите фамилии. Едноставно, за тоа треба да се сними филм, треба да се сними модерен филм за корупцијата, филм за целиот свет во кој можеби ќе се препознаат сите олигархии настанати на поднебјето на некогашна Југославија. А, ова сценарио на Наум го нуди тоа.
Мислите ли дека филмот сè уште има моќ да изврши позитивна промена?
Зафрановиќ: Да. Веќе 10-ина години влечкам неколку теми со себе низ животот. Но, финансиерите, републичките фондови за филм некако секогаш наоѓаат причина, со сите пофалби за сценариото, да најдат зошто да не добиеме поддршка за филм. Така е зашто сум надвор од тие мафијашко-политички ситуации. И тешко е така однадвор да се влијае и лобира и конкурира за пари, кои се всушност мало парче месо од тој државен фонд. Тој залак месо се фрла во волчјото дувло и кој е поблизу тој ќе го изеде, односно ќе ги добие парите, без оглед на квалитетот на сценариото. Квалитетот на сценариото е целосно небитен за луѓето кои одлучуваат. Во најголемиот дел тоа се филмски неписмени луѓе кои се таму наместени со лажната демократизација. Таков пристап кон филмот, таков состав, без еден продуцент кој заедно со авторот би бил одговорен за филмот, произведе во светот цела низа филмови кои имаа само премиера. И најголем дел од нив, речиси 80 проценти, всушност, се филмови за ништо. Тоа се приватни филмови без општествена релевантност. Едноставно една поплава од незнаење и површност што се однесува до филмот. И тие филмови се правени од луѓе, блиски на актуелната политичка елита. Ако е режисерот близок до некој политичар ќе добие пари и ќе направи неспретен, приватен филм за тоа зошто таа нема повеќе од три оргазма или зошто му е нему подолг или кренат. Тоа е некој аматеризам во лошата смисла на зборот, дилетантизам кој влезе во филмот. Тоа е небитен филм за ништо, филм без секаква општествен ангажман или критичка острица. Тоа се импотентни филмови. Тоа е состојба надвор од мене во која тешко се вклопувам, во тој аматеризам. Сега сум во Фондот на Македонија со извонредното сценарио на Наум Пановски, мислам едно од најдобрите што сум го прочитал по распадот на Јусгославија, истовремено сум и на фондот на Србија со „Децата на Козара“ за страдањето на српските деца во логорите на смртта, а во Словачка работам на сценарио за серија за јунакот на прашката пролет, претседателот Александар Дубчек, кој се обиде да ја реформира комунистичката влада во 1968. Тоа се моите интереси и теми со кои се занимавам.
Филмот треба да контактира и да и зборува на идната генерација која допрва доаѓа. Тоа значи одговорност филмот да е постојан, да опстои и кога нас ќе нè нема. Тој останува да сведочи, тој е порака за иднината, според тоа ние комуницираме со публиката што сè уште не е родена. Тие ќе го гледаат и ќе нè оценуваат според виденото. И во филмската форма и во содржината. Сите мои филмови го имаат тоа врзно ткиво, тоа е тој мој свет. И овој македонски, кој го работам со Наум, е таков. Тоа сè јас сум го поминал и сите тие филмови иамаат важна порака за современиот гледач денес и за идниот утре.
Дали е пандемијата денес, наспроти несомнено големите последици, добра можност за корекција на светот утре?
Зафрановиќ: Па, ако зборувам метафорично, мислам дека коронавирусот може да се мери со одредена револуција, какви што низ историјата има многу. Револуции кои го менувале светот. Затоа мислам дека и вирусот е една можност за промена на светот. Не само општа промена, туку и поединечна кај секого од нас. Мислам дека треба да се прашаме уште еднаш, но овој пат самите себе зошто сме на овој свет, која е нашата функција, зошто сме тука, што правиме, кого слушаме, дали можеме да се ослободиме од некои работи. Ние со раѓањето добиваме сè, мајка, татко, училиште, професори, идеологија, добиваме сè живо. Ослободувањето од сето тоа е голем процес. Минувајки два месеца во затворен простор моравме да погледаме што стои зад тоа. Од што сме направени и која е нашата функција. Каде одиме, што е смислата на таа функција. Јас таа функција ја најдов во филмот.
Јасна Франговска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.