„Лесја Украинка“: Осуда на изјавите на Костадин Костадинов за „бугарска Бесарабија “ - манипулации кои се во спротивност со меѓународното право
Објавено во: Мои пари 13 Јануари, 2025
Длабоко загрижувачки се изјавите на лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов, во врска со јужниот дел на Одеската област во Украина, која тој ја нарече „бугарска Бесарабија“. Тој тврди дека овој регион треба да ѝ биде вратен на Бугарија од историски и етнички причини. Сепак, овие тврдења немаат никаква основа ниту во меѓународното право, ниту во модерната политичка реалност. Напротив, ваквите изјави само придонесуваат за ширење на дезинформации и провоцираат конфликти во регионот кој и онака е тензичен поради руската агресија.
Историјата не ги оправдува територијалните претензии
Костадинов спомнува за „450 години бугарско владеење“ во Бесарабија, но ова тврдење е преувеличување и манипулација. Историски гледано, територијата на Бесарабија била дел од различни држави, вклучувајќи ги Отоманската империја, Кнежевството Молдавија, Руската империја и, на крајот на краиштата, Украина. Во современиот свет, меѓународното право не се заснова на историски митови или етнички чувства, туку на признатите граници на суверените држави.
Украина, вклучувајќи ја и Одеската област, е суверена држава признаена од сите земји-членки на ОН, вклучително и од Бугарија. Претензиите засновани на етнички состав или историски настани ја отвораат Пандорината кутија, бидејќи ако се следи оваа логика, на секоја држава може да ѝ произлезат територијални претензии консвоите соседи. Тоа ќе доведе до хаос и уништување на меѓународниот безбедносен систем.
Манипулациите на Костадинов како инструмент на руската пропаганда
Изјавите на Костадинов се неверојатно слични на реториката што русија ја користи за да ја оправда својата агресија против Украина. Спомнувањата за „заедничка историја“ или „неправедни граници“ се класични пропагандни техники на кремљ чија цел е дестабилизација на регионот и поткопување на суверенитетот на независните држави.
Политичката платформа „Преродба“ е позната по својата проруска позиција, а оваа изјава повторно ја потврдува нејзината поврзаност со руските интереси. Украинскиот народ веќе ги преживеа илузиите за „заштита“ од страна на русија, што првично резултираше со окупација на Крим и војна во Донбас, а подоцна се разви во инвазија и војна од големи размери на целата територија на Украина. Слични идеи, сега искажани од Костадинов, само поттикнуваат антиукраински чувства и предизвикуваат конфликти.
Бугарската заедница во Украина е дел од украинското општество
Костадинов во своите изјави се обидува да ја претстави бугарската заедница во Украина како основа за територијални претензии. Меѓутоа, ова не издржува критики. Бугарската заедница во јужниот дел на Одеската област е важна компонента на мултикултурното украинско општество. Таа има еднакви права загарантирани со украинскиот Устав и живее во мир и соработка со другите етнички групи.
Обидите да се користи етничката карта како политички инструмент се директен пат до конфликт. Всушност, Бугарија и Украина имаат долга историја на пријателски односи засновани на меѓусебно почитување и соработка. Таквите изјави како на Костадинов само ги поткопуваат овие односи.
Европско единство против национализмот
Како граѓанин на Европската Унија, изјавите на Костадинов ги сметам за апсолутно неприфатливи. Тие се во спротивност со вредностите врз кои е изградена модерна Европа: почитување на суверенитетот на државите, мирен соживот и откажување од агресивниот национализам.
Европската унија мора да ги осуди овие изјави и да ја потврди својата поддршка за територијалниот интегритет на Украина. Сите обиди за ревидирање на границите поради историски тврдења или етнички митови претставуваат закана не само за Украина, туку и за стабилноста на целиот европски континент.
Соништата на Костадинов за „бугарска Бесарабија“ ќе останат токму тоа, соништа. Меѓународното право и европската солидарност се сигурна заштита од такви провокации. Сепак, овие изјави не смеат да се игнорираат. Тие треба да бидат осудени како опасни и деструктивни.
Бугарскиот народ како дел од европската заедница не смее да им дозволи на своите политичари да станат инструмент на руската пропаганда. Наместо да се поттикнуваат конфликти, напорите треба да се насочат кон зајакнување на пријателството меѓу нашите земји.
Украина ќе остане силна и независна држава и покрај сите провокации. Историјата веќе покажа дека обидите за поделба на украинските земји се осудени на неуспех.
ПР Објава на Здружението Лесја УкраинкаСтавовите изразени во овој текст се тврдења на Здружението и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор