Либерализација на пазарот, 146 компании ќе купуваат поевтина струја?!
Објавено во: Економија 06 Јуни, 2013
На слободниот пазар за електрична енергија од 1 јули вкупно 146 компании ќе треба да купуваат електрична енергија, што е нивна обврска според Законот за либерализација на пазарот на електрична енергија.
Цената на електричната енергија што во последните неколку години константно се намалува на берзата треба како ефект да го почувствува и македонската индустрија, смета Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација.
На денешната средба на Асоцијацијата се разговараше за подготвеноста на новите квалификувани потрошувачи за вклучување на слободниот пазар на електрична енергија.
Според Анѓушев со излегувањето на слободниот пазар на електрична енергија во државава, компаниите нема да имаат дополнителни трошоци, но затоа пак ќе добијат поевтина електрична енергија.
- Очекуваме со примената на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, трошокот за енергија кај овие компании просечно да се намали за 20 до 25 проценти - појасни Анѓушев.
Тој појасни дека дека цената на електричната енергија која се договара за наредната година на Унгарската берза изнесува 41,5 евра за мегават-час .
Според него, компаниите нема потреба дополнително да се оптоваруваат со билансниот систем, бидејќи пазарот е тој што ќе направи компаниите да добијат електрична енергија, а снабдувачите да ги преземат сите други обврски. Компаниите се добро информирани и подготвени за процесот на либерализација на пазарот со електрична енергија“, додаде Анѓушев.
Во државава има регистрирано 50 компании снабдувачи со електрична енергија, но само седум до 10 компании ја исполнуваат својата обврска.
Во процесот на либерализација на пазарот со електрична енергија влегуваат 146 компании, кои имаат над 50 вработени и остваруваат над десет милиони евра годишен приход.
Со вклучувањето на 146 компании на слободниот пазар на електрична енергија, ќе се реализира втората фаза од либерализацијата на македоснкиот пазар на електрична енергија. Во првата фаза беа вклучени најголемите компании во државава, а во третата фаза и граѓаните ќе можат да изберат кој ќе ги снабдува со електрична енергија.
.