МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат
Објавено во: Економија 28 Март, 2024
Годината е добитна, ама претходната била подобра. Вака накусо може да се опише билансот на успех кој ко објави „Европа“ вчера преку Македонската берза, а во кој се презентирани резултатите од работењето за 2023 година.
Близу 600 илјади евра е позитивниот финансиски резултат односно нето добивката што во минатата година ја прикажа нашата најстара „чоколадна“ фабрика – „Европа“ Скопје.
Компанијата чија сопственичка структура ја сочинуваат главно домашни акционери и тоа фирми, покажа дека таа и лани продолжила да работи успешно, иако, профитот во претходната 2022 година бил подобар, така што минатогодишната нето добивка од 598 илјади евра всушност претставува намалување од 19 проценти.
Но, ако се погледне подетално билансот на успех на компанијата, тој говори дека неа и лани и одело одлично, бидејќи е регистрирано зголемување на оперативните приходи, а тие се всушност показател за успешноста и стабилноста на кор бизнисот на тоа акционерско друштво.
А, во „Европа“ лани биле остварени оперативни приходи од одлични 14,7 милиони евра, од кои речиси сите или 14,6 милиони отпаѓаат на приходи од продажбата, кои се зголемени за 7 проценти во однос на претходната година.
За тоа на кои пазари продава „Европа“, е многу интересно да се согледа дека приходите од домашниот и од странскиот пазар се речиси изедначени, иако малку предничат оние од извоз.
Или, на име приходи од продажба на домашен пазар компанијата наплатила 7,17 милиони евра, и она што е многу позитивно е дека кај оваа приходна ставка има зголемување од дури 18 проценти. Значи, нашите граѓани повеќе сакале да се сладат со домашните чоколадни вкусови во однос на една година претходно.
Странците, пак, и натаму се поголеми купувачи на чоколадните производи и вафли на „Европа“, и тие за нив лани платиле 7,43 милиони евра, иако, за волја на вистината, сосема малку затаиле, бидејќи кај приходите од продажба на странскиот пазар има намалување за 3 проценти.
На расходната страна, оперативните расходи се нецели 14 милиони евра, и кај нив има зголемување за 5 проценти.
Најголемиот дел од трошоците ги сочинуваат трошоците за суровини и други материјали, кои се на износ од 7,6 милиони евра, и тие во однос на една година претходно се намалени за 4 проценти.
За своите вработени, пак, од „Европа“ лани издвоиле на име на плати и придонеси сума од 3,6 милиони евра, и кај нив има пораст од 9 отсто, што значи дека или за толку пораснале платите на постојните вработени, или, пак, се реализирале и нови вработувања.
Сето ова довело до тоа компанијата да ја затвори ланската година со оперативна добивка од 638 илјади евра, што е намалување за 22 отсто во однос на една година претходно.
Кај финансиските приходи кои тежеле 90 илјади евра има пораст за 15 отсто, додека, пак, кај финансиските расходи од 38 илјади евра, има значајно намалување за 34 проценти.
И, нето добивката на „Европа“ во ланската година изнесувала 598 илјади евра, што е намалување за 19 отсто во однос на една година претходно.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.