„Макпетрол“ јако нагази: за три месеци профитот е 4 милиони евра!
Објавено во: Економија 08 Ноември, 2019
Најголемиот малопродажен ланец за нафтени деривати во периодот јули –септеври (во екот на сезоната за летни одмори кога најмногу се вози н.з.) правел дневен просечен профит од 65.000 евра (што е на ниво на големите домашни банки)
Најголемиот дистрибутер на нафтени деривати во земјава „Макпетрол“ во последниве три месеци има добивка од 4 милиони евра, покажуваат најновите финансиски показатели од неревидираниот неконсолидиран биланс на успех на таа компанија. Вкупната добивка на „Макпетрол“ за првите девет месеци годинава е речиси на исто ниво како и истиот период лани и изнесува 9,56 милиони евра.
За првите девет месеци гигантот продал нафтени деривати и други стоки во вредност од 274 милиони евра и тоа е раст од 4 отсто во споредба со истиот период лани. Најзначајно учество во продажбата има домашниот пазар на кој отпаѓа 258,4 милиони евра. И тоа е раст за 4 отсто во споредба со истиот период лани. Во последните три месеци (јули-септември) во екот на летната сезона во која најмногу се патува приходите од продажба изнесуваат 108,1 милиони евра. Тоа значи дека на пумпите на „Макпетрол“ за 90 дена се направени 65 отсто од приходот што претходно компанијата го направила за првите 180 дена.
Оперативните расходи за првите девет месеци изнесуваат 266,4 милиони евра, а од тоа во периодот јули – септември 102,8 милиони евра. За првите девет месеци најголем трошок е набавната вредност на трговски стоки и услуги и тој изнесува 238,5 милиони евра.
Оперативната добивка до крај на септември е 9,25 милиони евра и е за 10 отсто пониска од истиот период лани. Оперативната добивка за периодот јули-септември во тоа учествува со 4,1 милиони евра.
Нето добивката во последниот квартал е 4 милиони евра. Во претходните 180 дена (двојно подолг период) нето добивката на „Макпетрол“ изнесува 5,5 милиони евра. Агрегатот за првите девет месеци е 9,56 милиони евра.
Р.Ф.