Добивај вести на Viber
Новините во полагањето на државната матура и најавите дека математиката ќе стане задолжителен предмет, ја разбранува јавноста. Голем дел од родителите и учениците со кои контактираше Фактор не го поддржуваат ваквото решение. Поделени се мислењата и кај директорите на средните училишта. Според дел од нив треба повеќе време и училишни часови за да се совлада математиката.
Како што појаснува директорот на средното училиште „Васил Антевски Дрен“ Александар Канурков, со оглед на тоа што математиката се изучува 2 години во правниот смер, учениците ќе имаат свежи познавања и нема да бидат тестирани на предмети од 4 години.
За директорот на СЕТУ „Михајло Пупин“ Ефтим Пејовски, математиката е добредојден предмет бидејќи се учи во текот на целото образование и смета дека тестирањето е добра мерка.
Според директорот на СУГС „Георги Димитров“ Саша Стоименов, потребен е дополнителен период за адаптирање на учениците.
„Изучувањето на математиката е од прво одделение и како заокружување на стекнатите знаења по математика би било успешно полагање на овој испит што е предвиден на крајот од образованието, во четврта година. Тоа би било и во корелација со заложбите на Владата и на министерството за студирање на технички науки и создавање на кадар кој ќе биде продуктивен. Математиката како предмет треба да заземе место кое што му припаѓа во образованието“, изјави Стоименов.
Резултатите на екстерното тестирање по математика не дадоа добри резултати. Годинава средношколците ќе успеат да ја избегнат математиката бидејќи покрај мајчиниот јазик како задолжителен, ќе можат да бираат екстерен предмет помеѓу странски јазик и математика. Сепак до година, математиката ќе стане задолжителна за државната матура.
Со новите правила за државна матура има уште една измена. Од наредната година математиката задолжително ќе ја полагаат гимназијалците. По две години ова ќе важи и за матурантите од стручните училишта, додека за уметничките насоки ќе се воведе историјата.