МЕПСО испорачал фактури од 55 милиони евра, снабдувачи трошеле огромни суми од системските резерви

Објавено во: Економија 19 Август, 2022 07:40
Операторот на електропреносниот систем МЕПСО конечно во годишниот извештај за работата во 2021 ги објави сумите од фактурите кои ги испорачал годинава до снабдувачите со електричната енергија кои лани направија големи отстапувања кога настапи енергетската криза. Овие фирми наместо да купуваат скапа електрична енергија навреме, количините кои им недостигаа ги надополнуваа од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем.
Во претходните години немало ваков феномен на јавно објавување на сметките за долгови кон МЕПСО поради отстапувања.
Инаку, Регулаторната комисија започна постапка за одземање на лиценците на домашните снабдувачи У-Повер и Мист Енерџи, а на тапет стави и неколку други компании кои добија предупредување.
На У-Повер му е испорачана фактура од 433.540.558 денари, или 7,1 милиони евра. За Мист Енерџи сметката е 96.867.490 денари, или 1,58 милиони евра. Но ако се види во фактурите, поголеми отстапувања направиле и други снабдувачи. ЕДС направил долг од 102.117.415 денари, додека бугарскиот Соларпро Холдинг се задолжил кај МЕПСО со 52.587.509 денари.
Косовскиот Футуре Енерџи Трејдинг направил отстапувања од 298.624.967 денари, или безмалку 5 милиони евра. Словенечкиот Енергија гас енд Пауер направил минус од 149.896.030, или речиси 2,5 милиони евра. И двете компании најголемите отстапувања ги имале во последните месеци од годината - октомври, ноември и декември.
Државните електрани АД ЕСМ направиле отстапување од 1.957.022.391 денари, или околу 32 милиони евра, а најголемиот дел го направил во месец октомври. Самиот МЕПСО бележи отстапување од 163.319.911 денари, а тука е и ЕВН Хоме со 157.741.506 денари.
Трговците значителен дел од електричната енергија за своите клиенти ја обезбедиле од системските резерви, односно ја обезбедиле како балансна енергија, а за тоа МЕПСО им фактурирал вкупно околу 3,3 милијарди денари, или 55 милиони евра.
Не е наведено колку од овие испорачани сметки за долгови се исплатени, а МЕПСО претходно на неколку пати нагласи дека ќе се наплатат ако треба и со извршители.
Вкупно претставени се билансите на 22 енергетски компании, но некои од нив имаат значително помали отстапувања.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
САКААТ ДА ЗАПРЕ ОДЛИВОТ НА РАБОТНИЦИ: Босанските синдикалци бараат минималец од околу 600 евра

Состојбата со електричната енергија под постојан надзор – Координирана акција на клучните институции

ЦАРИНИТЕ ЗА НИВ СЕ ЛУДОСТ И КАПРИЦ: Дванаесет американски држави ја тужат администрацијата на Трамп

СРПСКИ МЕДИУМИ: ДО ГРЦИЈА СЕГА ЌЕ СЕ СТИГНУВА МНОГУ ПОБРЗО - на граничниот премин Дојран отворени две нови ленти, зголемен е протокот на патници
Убави вести за акционерите на „Макпетрол“! За три месеци добивката е 2,78 милиони евра

ЕВЕ КАКО РАБОТЕЛЕ ФИРМИТЕ ЧИИ ГРАДЕЖНИ ЛИЦЕНЦИ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ГИ ОДЗЕМА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ - 49 од нив имаат актуелни договори за јавни набавки

ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА ЌЕ БИДАТ ВЛОЖЕНИ ВО НОВИ ХОТЕЛИ: Во Хрватска доаѓаат Хајат, Хилтон, Мериот, Акор...

ПРОДОЛЖИ ДА ПАЃА ПРОДАЖБАТА НА ТЕСЛА: Еве што се случува

Финансиска полиција откри „семкар“ кој затаил 200.000 евра
