МФК со поддршка за Македонија во привлекувањето инвестиции и отворањето одржливи работни места
Објавено во: Економија 12 Март, 2020
МФК, членка на Групацијата Светска банка потпиша договор за советодавни услуги со државната Дирекција за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) за да ѝ помогне да спроведе кампања за привлекување инвестиции во напредните производствени сектори на Северна Македонија.
Кампањата има за цел да поддржи создавање на одржливи работни места, да ѝ помогне на земјата подобро да се интегрира во глобалните синџири на вредности и да се поттикне економскиот раст. Согласно договорот, МФК ќе ѝ даде поддршка на Владата на Северна Македонија да избере потенцијални сектори, да ги утврди компаниите што нудат можности за инвестирање и да направи материјали за кампања за привлекување на инвеститори.
„Нашиот клучен приоритет е поефикасно да ги услужиме инвеститорите и да привлечеме нови странски директни инвестиции на македонскиот пазар. Треба да ги преиспитаме дејностите и инвестициите што можеме да ги привлечеме за да добиеме идеална комбинација на содржината на труд и капитал“, рече Александар Младеновски, директор на ДТИРЗ.
„Оваа информативна кампања има за цел да се поддржат силните напори на Северна Македонија за привлекување инвеститори во напредните производствени сектори. Привлекувањето квалитетни инвестиции ќе придонесе за отворање нови работни места и за поголема економска интеграција на земјата во регионот и на пазарот на ЕУ“, рече Томас Лубек, регионален директор на МФК за Централна и Југоисточна Европа.
Кампањата која ќе трае до крајот на 2020 година, е дел од програма што ја спроведува МФК во партнерство со Европската Унија за охрабрување на инвестициите и за прекугранична трговија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Оваа иницијатива се надоврзува на програмата за подготовка на економиите на Западен Балкан за пристапување во ЕУ и за поддршка на економскиот развој во Југоисточна Европа, во вредност од 2,5 милиони евра.