Интервју со Бранко Азески - Како да се излезе од маѓепсаниот круг на низок економски раст?
Објавено во: Економија 07 Мај, 2024
Државава мора да почива на вредности, не на апсурди. Нели е апсурдно сè уште да не е законски дефиниран холдингот, да имаш градежна оператива што градела низ цел свет, а да не можеш да ја изградиш сопствената држава, да увезуваш работна сила од Непал и од Бангладеш, а да „извезуваш“ квалификувани работници во Европската Унија? Не изградивме сами ни еден километар железничка линија која поминува низ нашава држава (пругата кон Солун е градена за време на Отоманската Империја, кон Битола во време на владеење на Србите, кон Кочани за време на владеење на Бугарите). Не е реално да очекуваме брз развој на една држава ако самата не е подготвена да изгради функционална инфраструктура за бизнисот.
Ова го потенцира првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески во интервјуто за бизнис магазинот „Економија и Бизнис“ во кое тој зборува за самата комора, за нејзините постигнувања, но и за економијата во нашата земја...
Како ја оценувате Стопанската комора, нејзината работа, нејзината улога и местото што го има во нашево општество?
Б. Азески: Нашето патешествие трае 102 години. Фактот дека постоиме толку време зборува за нашата вредност и за квалитетот на коморското организирање. Тоа го докажавме и во последниве 20 години на коморски плурализам. И во услови на доброволно членство, Стопанската комора на Македонија е лидер во заштитата на интересите на бизнисот. Изминативе години дејствуваме како финансиски стабилна и моќна институција зад која стојат сите наши компании членки. Во современиот свет кон кој се стремиме, стопанските комори се на трето место по важност меѓу институциите во една држава и со своето значење и влијание се веднаш по парламентот и владата. За жал, не можам да кажам дека сме ги изградиле парламентот и владата кои треба да ги следат потребите на економските субјекти во државава и како институции кои треба да ја градат пазарната економија и правната држава со што ќе се определи и вистинското место на бизнисот во државава. Но, можам да потврдам дека тоа тешко ни оди. Накусо кажано, се соочуваме со повеќе ПР, а помалку суштина, со повеќе зборови, помалку работење. Јас ја водам комората со цел бизнисот да биде ослободен од сите административни бариери што ја попречуваат конкуренцијата на пазарот и оневозможуваат создавање на повисок профит за компаниите. Непримерно е компаниите да комуницираат директно и во лични контакти со високи претставници во извршната власт за да решат некој тековен проблем. Нашата главна цел како Комора е да бидеме гласот на компаниите. Ние сме во служба на компаниите и нашата улога е да создадеме услови и претпоставки за фирмите да имаат подобри услови за работа. Нашата основна функција е да им помогнеме на компаниите за две клучни прашања: подобрување на нивната конкурентна способност која се верификува преку поголем извоз. Второто е зголемување на профитите.
Истовремено мора да се држи чекор со трендовите што ја носат иднината. Расте свеста за потребата од тимови на луѓе за прилагодување кон новата економска реалност и употребата на нови технологии, на вештачка интелегенција, на обновливи извори на енергија, на процесот на декарбонизација итн.
Во просек, од осамостојувањето на земјава наваму македонската економија има раст кој просечно годишно е помал од 2 отсто. Кои се, според вас, клучните слабости на македонската економија кои треба да се надминат за да се оствари повисок раст? Кои се неискористените потенцијали на македонската економија?
Б. Азески: Македонија имаше исклучително лош старт од нејзиното осамостојување. Ја имавме Лисабонската декларација, српското ембарго, па грчката блокада, па војните во поранешна Југославија, имавме конфликт во сопствениот двор, ни се случи финансиска криза, економска криза, па повторно војна на европско тло. Мора да признаеме дека нискиот раст е остварен во вакво неповолно безбедносно и економско опкружување и услови. Но, вистинското прашање е зошто другите остваруваа повисоки стапки на раст. Се разбира, тоа е поради самодовербата. Во овие 32 години, самите говориме за тоа дека состојбата ни е тешка, дека не можеме сами, мали сме, не можеме да се разбереме итн. Никаде не можеме да слушнеме за позитивен пример и за работи што ни даваат оптимизам. Да ја шириме вербата дека можеме да успееме како нација и економија. Наместо тоа слушаме пароли и навреди. Тоа е нашиот амбиент во кој секој сè знае. За водењето на бизнисот има многу сезнајковци, па ги учат бизнисмените што треба да прават. Доаѓаме до одговорот на прашањето дали може во ваков општествен амбиент да се изгради систем кој ќе овозможи поголем раст. Бизнисот бара стабилност и предвидливост, мудрост, но и преземање ризик. Затоа често го истакнувам мојот став дека на македонските бизнисмени треба да им се додели орден за издржливост. И овој скромен економски развој е постигнат во крајно неповолни околности.
Се разбира, прашање над сите прашања е дали со годишни стапки на реален раст од 2 до 3 % можеме некаде да стигнеме. Одговорот е, не можеме никаде да стигнеме.
Нашите предности остануваат географската местоположба на земјава, нашата дијаспора, можностите за развој на рударството, фармацевтската дејност, индустријата, развојот на новите технологии, сточарството и младата популација...
Вие сте автор на онаа позната изрека дека „не може да има хотел со пет ѕвездички во земја со три ѕвездички“. Дали проблемите на македонската економија можат да се решат само со економски мерки или се потребни и пошироки промени во самото општество?
Б. Азески: Самодовербата, имплементацијата и одговорноста се трите волшебни збора за успешен и брз развој на едно општество и економија. За самодовербата зборував во претходното прашање. Вториот клучен збор е имплементацијата. Кој не може да го исполни тоа што е донесено како законски пропис мора и да си поднесе одговорност. Доволно ни се ветувања во стилот „ќе биде“. Мора конечно да кажеме дека нешто е завршено и имплементирано. Мора да се престане со навиката за неподнослива леснотија во давањето на ветувања кои потоа никој не ги исполнува. Не може да се даваат ветувања дека нема да се зголемуваат даноците, а потоа тие да се покачуваат. Или ќе кажеме дека недела нема да биде неработен ден, а потоа ја прогласуваме за неработен ден...
Државава мора да почива на вредности, не на апсурди. Нели е апсурдно сè уште да не е законски дефиниран холдингот, да имаш градежна оператива што градела низ цел свет, а да не можеш да ја изградиш сопствената држава, да увезуваш работна сила од Непал и од Бангладеш, а да „извезуваш“ квалификувани работници во Европската Унија? Не изградивме сами ни еден километар железничка линија која поминува низ нашава држава (пругата кон Солун е градена за време на Отоманската Империја, кон Битола во време на владеење на Србите, кон Кочани за време на владеење на Бугарите). Не е реално да очекуваме брз развој на една држава ако самата не е подготвена да изгради ни пет километри пруга.
Неодамна промовиравте неколку стратешки документи на Стопанската комора поврзани со идниот развој на македонската економија. Кои се, според вас, клучните пораки од тие документи?
Б. Азески: Веќе ми здодеа да ја слушам констатацијата дека Комората немала став за клучните економски прашања кои се во нејзината надлежност на дејствување. Нашите ставови се јасно искажани во четирите документи кои ги издаде Комората, а кои се однесуваат за стратегијата за развој и за промовирање на нов економски модел, за реиндустријализацијата на економијата... Ова не се документи направени од поединци или се наменети за еднократна употреба. Тоа се документи во кои се вградени знаењето и искуството на илјадници вработени во нашите компании членки, на научните сознанија и на разни анализи и истражувања на домашни и на странски институции. Јавноста мора да знае дека Комората има јасни ставови и има и решенија за секој наш економски проблем, но тоа не може да дојде до израз и на површина поради надвладување на партиските интереси.
Една од клучните заложби на Стопанската комора е зголемување на извозот од земјава. Што преземате на тој план?
Б. Азески: Мала економија како македонската не може да смета на забрзан раст без поголемо присуство на компаниите на меѓународните пазари. Прашањето за поголем извоз за Македонија е да се биде или не. Поради тоа посветуваме многу внимание на подобрување на извозот. Стопанската комора е единствената институција која троши средства за анализи, која прави проекти и ги промовира можностите пред компаниите за зголемување на извозот. Ниедна друга институција во Македонија не посветува поголемо внимание на извозот. За ова имаме огромна поддршка од нашите партнери како што се УСАИД и Владата на Швајцарија. Ако останеме да произведуваме само за домашниот пазар не може да очекуваме побрз раст на економијата. Едноставно тоа што ќе го произведеме дома ќе нема кој да го потроши. Затоа постојано работиме на отворање на странските пазари и подобрување на конкурентноста на македонските производи. Во тој контекст нема да отстапиме од секоја иницијатива која ќе овозможи поголема трговска размена и oд регионалнатa соработка и која на македонските компании ќе им овозможи поголеми можности за извоз. Овде би ги посочил иницијативите како Берлинскиот прoцес, Коморскиот инвестициски форум, Отворен Балкан итн.
Преку Коморскиот инвестициски форум, алатка за соработка на стопанските комори од регионот на Западен Балкан во рамките на иницијативата Берлински процес, вие сте длабоко вклучени во процесите за зголемување на економската соработка во регионов. Каква е вашата оценка за тековната регионална економска соработка и што можеме да очекуваме во иднина?
Б. Азески: Има 74 иницијативи за подобрување на економската соработка на Западен Балкан кои не успеале. Ќе успее онаа иницијатива која ќе дојде од самите нас. Работиме на тоа сите иницијативи кои се живи иницијативи за Зaпаден Балкан да се спојат на едно место и да се идентификува реалниот претставник на приватниот сектор на Западниот Балкан, кои ќе ја потпишат оваа иницијатива како изворна и која е произлезена од самите компании и бизниси и прилагодени на новиот економски раст како најважна алатка на Берлинскиот процес. Но, ние одиме и чекор напред. Ѝ даваме живот на најстарата регионална институција − Асоцијацијата на балкански комори − со нејзиното ангажирање за инфраструктурно инвестирање на целиот Балкан. На тој начин ќе му се помогне на бизнисот кој ќе ги зголеми конкурентноста и профитабилноста со помали трошоци.
По долги години кај приватниот сектор конечно е разбиена дилемата дека без владеење на правото нема никаков напредок во економијата. Ние тука градиме нова стратегија која ќе биде промовирана по изборите. Отворено ќе ги повикаме сите институции во државава да ги извршуваат своите надлежности. Во спротивно ќе преземеме мерки со кои ќе го заштитиме бизнисот и ќе ги заштитиме своите интереси. Јавно ќе ги објавуваме нашите ставови во однос на прашања од економската политика со кои не се согласуваме. Второ, ќе инсистираме на учество во конципирањето на законите пред нивното донесување, а не само да коментираме откако тие ќе бидат изготвени. Натаму, јасно ќе го повикаме новиот шеф на државава да го искористи своето право да не ги потпишува законите и потоа во рок од 30 дена да се одвива суштинска јавна дебата за прашањата за кои немаме согласност. Ако сето тоа не даде резултат нема да можеме да ги спречиме компаниите своето функционирање да го пренасочат или во други земји во регионот кои се членки на Европската Унија или во земји кои не се членки на ЕУ, но имаат подобри услови за функционирање на бизнисот.
Се наоѓаме во изборен период. Една од заложбите што ја слушаме од политичките партии во јавноста е обезбедување на национално единство. Во таа насока, Стопанската комора пред извесно време промовираше Декларација насочена кон постигнување на општествен консензус за економските политики на земјава. Можеме ли конечно да се усогласиме сите по ова прашање?
Б. Азески: Ова е најтешкото прашање за кое изгубивме најмногу време, но не е залудно. Вложивме огромен труд и знаење да ја формулираме Декларацијата и да ја понудиме на институциите. Беше целосно поддржана од сите партии. На чекор сме од прифаќање на постулатите кои ќе овозможат економијата во следниве десет години да има приоритетно значење.
Во предизборниот период имавте средби со претставници на политички партии со кои разменивте мислења за нивните планови за идните економски политики. Кој е вашиот впечаток од овие средби и кои се очекувањата на бизнис-заедницата за наредниот период? Која е вашата порака до идната влада?
Б. Азески: Средбите беа темелно подготвени од двете страни. Имавме конструктивни разговори во конструктивна атмосфера. Очекуваме позитивни поместувања по изборите. Доколку се прифатат постулатите на Декларацијата и економијата стане вистински приоритет на сите нас, полесно ќе се справиме со проблемите и ќе овозможиме услови за раст на бизнисот. Мојата порака до политичките лидери е: изгубивме 32 години за да воспоставиме ефикасен систем на владеење на правото. Мораме да го надоместиме изгубеното време за што повеќе да се приближиме кон нашата определба за интеграција во европските процеси. Потребно е да го искористиме стратешкото партнерство со најважната земја во светот, да ги усогласиме ставовите со ЕУ како наш најголем трговски партнер. И да дојдеме во состојба да одговориме на едноставното прашање: Што е проблемот со нас кога за стратешки партнер ги имаме САД, кога наш најголем трговски партнер е Германија и го имаме решено најголемиот дел од споровите со соседите? Тоа сугерира неспособност од наша страна за која ќе треба да поразговараме. Но, најважно од сè е констатацијата изнесена во Стопанската комора дека тој дијалог мора да биде суштински, а не да се користи од некои актери за „самопромоција“. Конечно, очекуваме тоа што ќе биде кажано во меѓусебните комуникации и да се исполни.
Извор и Фото: „Економија и Бизнис“
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.