04 Мај, 2024
0.0266

Михајлова-Тикваровска:Постои опасност повеќе идни пензионери да имаат помали пензии

Објавено во: Економија 30 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

За околу десеттина дена ќе се знае точно колку идни пензионери родени пред 1967 година ќе земаат пониска пензија бидејќи доброволно се зачлениле во вториот приватен пензиски столб. Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими најави дека се испратени дописи до Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување  (ПИОМ) и до Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) од каде што се чекаат податоците за точната бројка односно дали се повеќе од оние 300 оштетни идни пензионери за кои алармираше Народниот правобранител. Станува збор за граѓани родени пред 1967 година,  вработени во 2003 година, а на денот на склучувањето на договорт имале 38 години или пак имале најмалку пет години работен стаж.Откако ќе се види која е точната бројка, Ибрахими најави измени на законите со кои ќе се овозможи обештетување на овие лица, односно нивно враќање во првиот пензиски столб со цел да можат да ја земаат целата пензија што си ја заработиле. Сепак министерот Ибрахими најави дека и одлуката за обештетување на лицата може да се одолговлечи односно дека треба да се чека формирањето на новата Влада. Во меѓувреме од министерството најавија и поголеми реформи на целиот пензиски систем.Оваа најава за реформи доаѓа откако се обелодени случајот. Овој случај ја отвори дилемата дали се бара начин за спас на државниот пензсики фонд, или пак се  заговара укинување на приватните пензиски фондови, за да остане  само државниот пензиски фонд. 

Поранешната директорка на МАПАС Олга Михајлова Тикваровска во интервју за Фактор вели дека постои опасност и други идни пензионери да имаат помали пензии, односно оние за кои пред година и пол Фондот за ПИОМ призна дека не го префрлувал задолжителниот процент од придонесите во приватните пензиски друштва. На тој начин, средствата на членовите на вториот столб со месеци не можеа да бидат оплодувани на финансиските пазари и тоа секако ќе има влијание врз висината на идните пензии на овие осигуреници, вели Михајлова-Тикваровска.

Фактор: Повеќе од 300 идни пензионери кои доброволно склучиле договори со приватните пензиски друштва се оштетени и ќе добијат помали пензии, вие бевте заменик директор на МАПАС токму во периодот кога овие луѓе станале дел од вториот пензски столб, дали тогаш некако им беше укажано дека ќе бидат оштетени?

Михајлова-Тикваровска: Тоа беше време на широка информативна и едукативна кампања што ја организираа и спроведоа МАПАС и Министерството за труд и социјална политика. Покрај исцрпното информирање за карактеристиките на реформираниот пензиски систем, на осигурениците и потенцијалните осигуреници (пред се’ на младата универзитетска и средношколска популација) им беше децидно укажувано кои старосни групи не би требало да станат дел од приватниот пензиски систем со оглед на фактот дека на тој начин директно би се влијаело врз намалување на износот на нивните идни пензии. Треба да се има предвид дека зачленувањето во приватните пензиски фондови го вршеа агенти на пензиските друштва, кои дозволата да ја вршат работата на агенти ја добиваа по опсежна обука и полагање стручен испит. Една од нивните најважни одговорности беше токму да го спречат зачленувањето во системот на лица за кои вториот столб би бил неповолен. Во случаите кога некои од агентите не ја почитуваа ваквата обврска при зачленувањето, ним им беа изрекувани казни, а со некои од нив беа раскинувани и договорите за ангажман во процесот на зачленување во приватните фондови. МАПАС, вршејќи дневна контрола врз процесот на зачленување во вториот пензиски столб, секогаш кога во базата на членство ќе идентификуваше лица за кои приватниот пензиски систем не беше препорачлив, нив лично ги контактираше и сугерираше да излезат од системот. Некои од контактираните лица излегуваа од системот, но некои инсистираа да останат членови во вториот столб и покрај сите укажувања на МАПАС.

Фактор: Во тој случај кој треба да ја понесе одговорноста, агентите, приватните друштва или надлежните институции?

Михајлова-Тикваровска: Одговорноста ќе треба да ја понесе виновникот. Јас верувам дека МАПАС и Министерството за труд и социјална политика располагаат со доволно податоци кои ќе помогнат да се утврди чија е таа вина.

Фактор: Дали постои опасност за пензиите и на останатите членови зачленети во вториот столб или опасноста е само за оние кои доброволно се зачлениле родени пред 1967 година?

Михајлова-Тикваровска: Намалувањето на стапката на пензискиот придонес што беше извршено уште пред повеќе години беше голем удар врз вториот столб, така што проекциите врз основа на кои беше воспоставен реформираниот систем паднаа во вода. Намалениот обем на средства на приватните сметки на членовите на вториот столб директно влијаат за редуцирање на нивните идни пензии. Покрај тоа, во изминатиот период се случуваше државата со месеци да не им ги префрла на приватните пензиски фондови средствата кои им припаѓаат исклучиво на осигурениците. На тој начин, средствата на членовите на вториот столб со месеци не можеа да бидат оплодувани на финансиските пазари. Тоа секако ќе има влијание врз висината на идните пензии на овие осигуреници. Што е најважно, не гледам дека за ваквото самоволие на државата некој бил повикан на одговорност.

Фактор: Дали целава оваа ситуација може да се протолкува дека се бара начин како постепено да почне решавање на проблемот со празната каса во државниот пензиски фонд или пак начин како да се укинат приватните пензиски друштва и да остане само државниот пензиски фонд?

Михајлова-Тикваровска: Јас не знам какви се намерите и плановите на надлежните. Знам само дека слабата кондиција на македонската економија, погрешните владини политики во многу области, како и енормниот одлив на работоспособна популација од земјата, извршија трајни оштетувања на и онака кревкиот пензиски систем. Овој, повеќе од сериозен проблем, ќе мора итно да се решава, најверојатно преку нови и длабоки реформи. А само да потсетам, до претходната реформа се дојде едвај, по над десет години одлагања и кочење. На крајот, таа реформа ветуваше некаква стабилност на системот на подолг рок. Упадите, кои потоа беа извршени во реформираниот систем, од корен ги изменија состојбите не само на долг, туку и на краток рок, на што сме сведоци изминативе години.

Фактор: Пред година и пол Фондот за ПИОМ доцнеше со уплатата на задолжителниот процент од придонеси во приватните друштва, сега еве се појави проблем со пензиите на дел од пензионерите, каква порака е ова за македонскиот пензиски систем?

Михајлова-Тикваровска: Ова е порака, односно сигнал дека, како и во сите останати сфери, сигурноста е целосно нарушена и во пензискиот систем.

Фактор: Од друга страна официјалните податоци покажуваат дека од година во година расте буџетската дупка во државниот пензиски фонд а владините мерки како повисоки пензии, намалени придонеси за  работодавци, притисикаат врз фондот. Дали е доведена во прашање одржливоста на Фондот за ПИОМ?

Михајлова-Тикваровска: Поради сите наведени причини, пензискиот систем ќе мора да биде подложен на ново и сериозно реформирање. Најстрашно е што најголемиот дел од пензиите веќе денес се во висина на некаква прескромна социјална помош, така што се прашувам што допрва ќе се случува во иднина и дали пензионерите и официјално ќе станат длабоко сиромашна и социјално загрозена популација. А имајќи ја предвид висината на платите што денес се исплаќаат, што друго можеме и да очекуваме?

Фактор: Министерството за труд и социјална политика деновиве најави дека се размислува за поголеми реформи во пензискиот систем во земјава, какви реформи се потребни за одржливост на државниот пензиски фонд и дали треба да остане сегашниот модел на тростолбен пензиски систем?

Михајлова-Тикваровска: Не би сакала да прејудицирам било какви решенија. Пензискиот систем на една земја треба да кореспондира со нејзините стратешки развојни насоки. Лично, сонувам за влада која конечно ќе воведе политики за стабилен и одржлив економски развој, кој ќе овозможи имплементација на достоинствен пензиски систем. Како човек, се залагам за изградба на праведна социјална држава, на уредено општество во кое секој поединец ќе може слободно да ги остварува сите човечки права, вклучувајќи го правото на ЧОВЕЧКИ живот во добата на староста.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?