Мијалков не дојде на судење поради наводни болки во желудникот
Објавено во: Македонија 27 Септември, 2019
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, денеска претпладне не дојде на судското рочиште за предметот „Трезор“, поради како што наведе неговиот адвокат Љупчо Шврговски, болки во желудникот.
До судот беше доставен извештај од специјалист за здравствената состојба на неговиот клиент дека имал нагон на повраќање, покачување на телесна температура и хернија, дека имал отворено боледување од 25 септември со препорака да направи контрола за една недела.
Предметот го води Судијката Џенета Бектовиќ а застапник на обвинението е јавниот обвинител Артан Ајро.
Обвинети во овој предмет, покрај Мијалков, се и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.
Според обвинението им се суди за Злоупотреба на службената положба и овластување за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на УБК со што нанеле штета на Буџетот во висина од 862.045 евра.