MИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО: Се работи на реорганизација на болничките капацитети и медицинскиот кадар
Објавено во: Македонија 11 Октомври, 2020
Министерството за здравство информира дека активно се работи на реорганизација на болничките капацитети и медицинскиот кадар по системот на ротација во јавното здравство за да се одговори на претстојниот период и можното зголемување на бројот на хоспитализации кај пациенти со ковид-19.
Капацитетот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е речиси исполнет и од вчера, за хоспитализација и третман на пациенти е целосно подготвена модуларната болница со 72 болнички легла, поставена во близина на клиничката зграда.
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче потенцираше дека од денеска во функција е пуштена и модуларната болница со сосем доволен број на медицински кадар - доктори и медицински сестри од Клиниката за пулмологија и алергологија и Градската општа болница „8ми Септември“. Тој појасни дека нема да се преоптоварува капацитетот повеќе од тоа што е сега за да трпат работа останатите одделенија и тие здравствени работници.