МИОА: Кирацовски да се оттргне од партиските стеги и да не прави драма
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2016
Александар Кирацовски да се оттргне од партиските стеги и да даде вистински придонес во создавањето на подобра, попрофесионална и поефикасна администрација, реагираат од Министерството за информатичко општество и администрација .
Од ресорното министерство преку соопштение реагираа на изјавата на дополнителниот заменик-министер, Александар Кирацовски кој најави дека поднел иницијатива да се одложи оценувањето на администрацијата до крајот на 2017 година.
„Очекувано е дека на човек без никаква визија и идеи во однос на реформата на администрацијата, најлесно му е да прави политички проблем, да критикува и да предлага укинување на законско решение кое како светски и европски тренд во модерното управување со човечките ресурси, е воспоставено со поддршка на Европската Комисија и со учество на експертска и стручна јавност“ -стои во соопштението.
Велат дека престанок на работен однос како резултат на оценување беше за прв пат воведено во македонската државна служба на 14 септември 2005 година, односно со Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2005. Оттогаш до сега имало многу изборни циклуси, но никој никогаш од оценувањето не правел политичка драма, наведуваат од министерството.