Многу малку претприемачки и работнички истовремено
Објавено во: Економија 09 Август, 2018
Малку повеќе од 2 отсто од вработените жени се јавуваат во улога на работодавци, а платите на жените се и до една петина помали во споредба со тие на нивните машки колеги.
Податоците од публикацијата „Мажите и жените во Република Македонија“ на Државниот завод за статистика јасно покажуват дека се уште има големи разлики во приходите и во статусот меѓу вработените мажи и жени, без оглед колку тешка и одговорна работа вршат, од текстилна работничка до директорка во банка. Според публикацијата, од вкупно 270.599 вработени жени, само 6.300 се работодавци. Во однос на приходите, во земјава речиси е еднаков бројот на мажите и жените што земаат плата од 8.000 до 10.000 денари. Но, анализата на статистичките податоци покажува дека повисоките раководни позиции во јавниот и во приватниот сектор, кои значат и повисоки плати, се зафатени од мажите. Така, плата повисока од 30.000 денари заработувале 4.633 жени и 9.935 мажи, а плата од 40.000 денари и повеќе земале 6.069 мажи наспроти 1.899 жени.
Вработеноста во Република Македонија се карактеризира со многу неповолна полова структура. Оваа структура е непроменета во еден подолг временски период, пред се, поради нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд. Поради тоа, стапката на вработеност во земјава во 2017 година кај жените изнесува 34,6 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите, која изнесува 53,6.
Но, родова нерамноправност во приходите има и во поразвиените земји. Така, жените во Европската Унија се уште имаат во просек 16 отсто помала плата од мажите, а дури 39 отсто пониски пензии, покажуваат податоците на Евростат.
Споредувајќи ја годишната плата на мажите и жените, произлегува дека жените работат 59 дена во годината подолго од мажите за иста плата. Сепак, разликите во платите во ЕУ се намалуваат, но бавно и недоволно. Со сегашниот ритам, платите меѓу мажите и жените би се изедначиле за 70 години.
Разлики во платите меѓу двата пола има во сите земји-членки на ЕУ, а притоа во Словенија има најмала разлика од само 0,9 проценти. Следува Полска со 4,5 отсто, Италија со 5,3 отсто и Луксембург со 8 отсто. Најголемата разлика од 27,7 проценти е забележана во Естонија, во Австрија разликата е 24 отсто, Германија 22,3 отсто и Грција 22 отсто.
(М.Б.)