Могерини и Хан разочарани што албанската опозиција ќе ги бојкотира изборите
Објавено во: Свет 13 Април, 2017
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изразија жалење поради бојкотот на албанската опозиција на Парламентот и нејзиното нерегистрирање за учество на изборите.
Во заедничката изјава околу политичката криза во Албанија, Могерини и Хан наведуваат дека политичката дебата не треба да биде надвор, туку внатре во Парламентот, врз основа на демократската практика.
– Граѓаните заслужуваат одговорно лидерство. Повторно упатуваме апел до политичарите да се однесуваат одговорно, со почитување на институциите и да го отворат патот за демократски избори, во согласност со меѓународните стандарди, се наведува во заедничката изјава на двајцата високи функционери на ЕУ.
Тие посебно ја нагласуваат големата потреба на Албанија од правосудните реформи, а поради неучествувањето на парламентарната седница на опозицијата, поради бојкот, блокирано е формирањето на неопходните судски институции, кои се многу значајни за иднината на Албанија.
Сепак, Могерини и Хан се оптимисти дека албанските лидери ќе покажат одговорност и способност за да дејствуваат според законските институционални процедури.
Централната изборна комисија на Албанија, по истекот на рокот за тоа, соопшти дека за парламентарните изборите, закажани за 18 јуни, се регистрирале 45 политички субјекти,но не и партите од обединетата албанска опозиција.