Добивај вести на Viber
Министерството за внатрешни работи одговори на писмото од Здружението за заштита на животни Анима Мунди, со кое се бараше лична заложба од министерката Гордана Јанкуловска за омекнување на толкувањето на законските одредби со кои се предвидува сопствениците на кучиња задолжително да им ставаат заштитни маски на своите миленици кога ги шетаат.
Во писмото, кое го објавија од Анима Мунди, а е потпишано од помошникот-министер за односи со јавност во МВР Иво Котевски, се нагласува дека МВР исто така смета оти маските треба да бидат обврзувачки само за кучиња со непредвидлив или агресивен карактер.
„Дозволете да се согласиме со вас дека на носење маска треба да се инсистира само во случаи кога кучето е со непредвидлив, или агресивен карактер и кога може да предизвика опасност по луѓето и другите животни“, се вели во писмото.
Од Здружението најавуваат дека добиениот одговор ќе го испратат до полициската станица Аеродром и до општината Аеродром од каде од почетокот на неделава започнаа ревносно да ги казнуваат сите сопственици на домашни миленици што ги шетаат своите кучиња без заштитни маски. Казните, од кои неколку веќе биле изречени, се движат од 100 до 400 евра.