Национален акциски план за заштита на земјиштето
Објавено во: Мои пари 05 Ноември, 2013
Национален акциски план за заштита на земјиштето во Република Македонија ќе изработува Mинистерството за животна средина и просторно планирање.
Идејата, како што истакна денеска ресорниот министер е да се вклучат сите релевантни институции во Република Македонија, кои со своето искуство ќе придонесат за изработка на документот.
Изработката на Национален план, според него, е важен чекор за државата во постигнување на целите дефинирани пред и по Светскиот самит за одржлив развој од Јоханесбург во 2002 година.
- На овој начин ќе се понудат подобри практични упатства за ублажување и намалување на причините за деградација на земјиштето и штетите предизвикани од него, а со примената на синергетски пристап со другите Рио конвенции-Конвенцијата за климатски промени и Конвенцијата за биолошка разновидност ќе се обезбеди поголема одржливост, рече Адеми.
Изработката на документот, додаде тој, ќе биде добра основа за изработка на проекти за заштита на земјиштето и подигање на свеста за важноста на заштитата од деградација и ризиците кои ги носи со себе непреземањето на конкретни акции.
Националниот акциски план за заштита на земјиштето во Република Македонија треба да биде готов за една година, ќе се изработува со финансиска поддршка на УНЕП, а ќе се имплементира од државните институции.