НАЈДОБАР ЗА РАБОТНИЦИТЕ ЗА ОВАА НЕДЕЛА - „Макпетрол“ е изборот на синдикатот
Објавено во: Економија 24 Април, 2020
Нафтениот дистрибутер „Макпетрол“ за неделава што измина е најдобра компанија од аспект на работниците.
Овој избор го направи Сојузот на синдикатите на Македонија, најбројниот синдикат во земјава, кој со изборот стартуваше од претходната недела, кога како позитивен пример беше издвоена фармацевтската компанија „Алкалоид“.
Имено, ССМ спроведува кампања на прогласување на најдобра компанија на неделата, односно еднаш неделно на крајот на неделата, изготвува соопштение со кое ќе споделува со јавноста за компаниите кои се пример и кои треба да ги следат сите работодавачи во овој период.
„Во услови на здравствена криза која не смееме да дозволиме да се претвори во криза на пазарот на трудот, кога голем број на несовесни работодавачи најавуваат отпуштање на работниците, праќање на принуден одмор, намалување на платите, подметнување на спогодби за престанок на работниот однос за кои ССМ континуирано во изминатиот период предупредуваше, сметаме дека е важно да се информира за компаниите кои се пример и кои треба да ги следат сите работодавачи во овој период. Согласно информациите со кои располага ССМ, најдобра компанија оваа недела е МАКПЕТРОЛ“, соопштија од Сојузот на синдикатите на македонија, потенцирајќи дека ова е примерот што треба да се следи.