23 Април, 2024
0.0256

НАЈГОЛЕМАТА СКОПСКА ОПШТИНА САКА ДА ИЗДАДЕ ОБВРЗНИЦА ОД НАД ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА - ќе даде ли Владата зелено светло? Муцунски очекува позитивна одлука

Објавено во: Финансии 04 Мај, 2023

Добивај вести на Viber

Ќе биде ли општина Аеродром првата македонска локална власт што ќе издаде општинска обврзница и на тој начин ќе обезбеди пари за бројни проекти од интерес за граѓаните?

Овдешната јавност вообичаено не се сензибилизира на информации од типот дека една општина планира да издаде обврзница на сума од над пет милиони евра. Тоа е вообичаен начин на локалните власти низ светот за задолжување и финансирање на своите општински потреби, но во земјава општинските обврзници сеуште не се реалност.

Општина Штип е прва која се охрабри да најави издавање на ваква хартија од вредност и на тој начин да обезбеди четири милиони евра, за што уште минатата година ја доби и потребната дозвола од Комисијата за хартии од вредност. Но, Владата не го дозволи издавањето на обврзницата, а штипскиот градоначалник Иван Јорданов ја обвини власта дека го стопирала овој процес без никаква валидна аргументација.

Сега среќата да издаде општинска обврзница ќе си ја испроба најголемата скопска општина - Аеродром, а сумата на која има намера да се задолжи тамошната локална власт е 5,4 милиони евра. Комисијата за хартии од вредност неодамна ѝ издаде одобрение на општината Аеродром за општинска обврзница, откако претходно за тоа согласност издало и Министерството за финансии. Сега останува уште зелено светло да даде Владата, по што општината веднаш би стартувала со издавање на оваа хартија од вредност.

КХВ неодамна соопшти дека и одобрила на Аеродром издавање на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда - прва емисија на општински обврзници во количина од 11.000 лота, во апоени од 30.000 денари по лот по обврзница. Вкупната номинална вредност на емисијата  е 330.000.000 денари или 5,4 милиони евра. Рокот на доспевање на издадените обврзници е 10 години од денот на регистрирање на обврзниците во Централниот депозитар. Општинските обврзници се со фиксна годишна каматна стапка во износ од 5 отсто. Првата исплата на каматата ќе почне по истекот на 12 месеци од денот на нивното регистрирање, а ќе заврши во наредните 10 години исто така сметано од денот на регистрирањето на обврзницата. Главницата ќе се исплаќа во девет еднакви рати, започнувајќи од втората година од регистрирањето на обврзницата. Од КХВ информираа и дека ја одобриле оваа емисија откако Општина Аеродром добила согласност од Министерството за финансии за нејзино задолжување, и ги исполнила законски утврдените услови за издавање на општински обврзници. Постапката на запишување и уплата на понудените општински обврзници ќе почне откако во сила ќе влезе Одлуката на Владата, со која се одобрува максималниот износ на новото задолжување на издавачот, објаснија од Комисијата.

Фактор разговараше со градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, за тоа дали е оптимист дали Владата ќе го даде потребното зелено светло, дали ќе се најдат инвеститори што ќе решат своите пари да и ги позајмат на оваа општина, дали емисијата ќе биде успешна, дали тоа нема да ја презадолжи општината. Првиот човек на Аеродром е оптимист, а смета дека во прилог им оди фактот што ќе издадат зелена обврзница, и што парите ќе се наменат за конкретни, многу потребни за граѓаните проекти.

Само да споменеме дека и Муцунски, како и Јорданов, е градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, опозициска партија и ривал на владејачката СДСМ.

„Општина Аеродром издава обврзница чија цел е да се финансираат капитални проекти, односно станува збор за начин на финансирање на проекти кој е доста популарен во Европската унија и често се применува во европските земји. Планираната висина на обврзницата која ќе ја издаде општина Аеродром е 330 милион денари, средства кои општината планира да ги намени за финансирање капитални инвестиции со кои се решаваат важни инфраструктурни, образовни и социјални предизвици. Потребата од издавање на оваа обврзница произлегува од брзиот раст на општина, фактот дека станува збор за општина со најголем раст на бројот на население во последните години и потребата соодветно да се одговори на тековните проблеми и барања на граѓаните. Со други зборови, наједноставно кажано, преку зелената обврзница ќе треба да се обезбедат средства за доградба на две училишта, изградба на две детски градинки и кофинансирање на трета, хортикултурно уредување на основно училиште, изградба на улици, плоштад, паркинзи, водовод и канализација на територијата на општина Аеродром“, објаснува Муцунски во разговор за Фактор.

Нагласува дека општина Аеродром веќе ги завршила сите фази од процесот на подготовка на документацијата за издавање на зелената обврзница. Останува уште Владата, до која Муцунски апелира што поскоро да донесе позитивна одлука.

„Од страна на сите надлежни институции добивме позитивна оценка во однос на комплетноста и квалитетот на документацијата која беше изработена, и таа ги помина сите потребни филтри, вклучувајќи ги Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност. Последен и следен во низата чекори е одлуката која треба да ја донесе Владата, која практично е зелено светло за официјално издавање на обврзницата и нејзино пласирање на пазарот. Со оглед на тоа дека станува збор за средства кои ќе бидат наменети за финансирање на важни проекти, убеден сум и апелирам до Владата што поскоро да ја донесе одлуката со која ќе може обврзницата да биде издадена на пазарот“, потернцира првиот човек на општина Аеродром.

Муцунски уверува дека исплатата на обврзницата ќе се одвива без проблеми и согласно предвидениот амортизационен план, како и во рамки на проектираните приходи за следните 10 години.

„Исплатата на заемот, општина Аеродром ќе ја прави од сопствени приходи во моментот на нивното доспевање. Општината Аеродром има добра ликвидна позиција преку одржување на средно учество на ликвидна актива во вкупната актива и задоволително ниво на стапките на ликвидност, но и преку воспоставување на усогласена очекувана рочност на средствата и обврските“, објаснува Муцунски.

Тој тврди дека општината до сега не е задолжена, што подразбира дека нејзината моментална задолженост не достигнува максимален законски лимит за задолжување, и затоа не постои кредитен ризик, но, како што вели, и тоа е показател дека општината тековно ги сервисира сите обврски. Со ова задолжување, исто така нема да се достигне максималниот законски лимит, уверува Муцунски.

Спроведување на постапката за пласирањето на обврзницата на пазарот за хартии од вредност ќе случи по добивањето на Одлуката од страна на Владата, преку издавање 11 илјади лота во вредност од 30 илјади денари. Тоа значи дека номинална вредност на една обврзница е 30 илјади денари.

Каматната стапка е во висина од 5 отсто, а според Муцунски, тоа ја прави поатрактивна од сите други депозити кои комерцијалните банки ги нудат на пазарот во Македонија.

Градоначалникот на Аеродром очекува свои слободни пари во обврзницата да вложат граѓани, банки, осдигурителни компании, фондови....

„Вложувањето во ваков тип хартии од вредност е посигурно од вложувањето во акции, а сопствениците на обврзницата можат во секој момент неа да ја продадат на секундарен пазар. Со оглед на сево ова, убеден сум дека станува збор за атрактивно вложување, кое ќе биде интересно за потенцијалните купувачи кои може да бидат граѓани, комерцијални банки, приватни пензиски фондови, осигурителни компании, инвестициските фондови, и секој оној кој сака да земе учество на пазарот за хартии од вредност. Јавната понуда ќе се смета за успешна доколку се запишат најмалку 60 отсто од понудените обврзници“, вели првиот човек на Аеродром, очекувајќи дека ќе се постигне тој праг.

Уште еднаш изразува уверување дека Владата во најкус рок ќе донесе позитивна одлука.

„Со оглед на фактот дека средствата кои општината Аеродром ќе ги добие од издавањето на обврзницата ќе бидат наменети за финансирање на капитални инвестиции и проекти, кои ќе решат важни проблеми на граѓаните во Аеродром и ќе го подигнат квалитетот на живот, очекувам дека во најкраток рок Владата ќе даде зелено светло за истото, а ние како општина подготвени сме уште веднаш да започнеме со реализацијата на проектите“, дециден е Муцунски.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка

ЕВЕ КАДЕ ГИ ВЛОЖУВААТ СВОИТЕ ПАРИ 0,001 ПРОЦЕНТ ОД НАЈБОГАТИТЕ: Живеат поинаку од остатокот од светот

ЕВЕ КАДЕ ГИ ВЛОЖУВААТ СВОИТЕ ПАРИ 0,001 ПРОЦЕНТ ОД НАЈБОГАТИТЕ: Живеат поинаку од остатокот од светот

ДЕНАРОТ ГО „ПРЕТРКА“ ЕВРОТО, ИСТОРИСКИ МИГ ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ЗАШТЕДИ - колку пари чуваат македонските граѓани во банка

ДЕНАРОТ ГО „ПРЕТРКА“ ЕВРОТО, ИСТОРИСКИ МИГ ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ЗАШТЕДИ - колку пари чуваат македонските граѓани во банка

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

БЕРЗИТЕ СО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ - индексот S&P 500 падна петти ден по ред

БЕРЗИТЕ СО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ - индексот S&P 500 падна петти ден по ред

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

„Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава“: гувернерката Ангеловска-Бежоска за ВОА

„Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава“: гувернерката Ангеловска-Бежоска за ВОА