Наќе Чулев: Денес сум посебно горд
Објавено во: Македонија 30 Март, 2020
Наќе Чулев, техничкиот министер за внатрешни работи, објави дека денеска е посебно горд на подигнувањето на знамето на Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел како 30-та земја-членка на Алијансата.
„Денес кога и официјално стануваме 30та земја членка на НАТО, би сакал да им честитам на сите македонски граѓани за овој историски момент.
Копнежот за членство во најмоќната воена алијанса уште од самата независност на нашата земја беше идеја која недвосмислмено беше потврдена од речиси сите политичари во изминатите години.
Оттогаш до денес десетина министри за надворешни работи и одбрана како и останатите членови на сите македонски влади се вградија во мозаикот наречен членство на Македонија во НАТО.
Лично јас како директор на службата имав десетици службени обврски од повеќегодишни Национални акциски планови за пристапување кон НАТО, а денес сум посебно горд што ја предводам една од клучните институции во државата кога е во прашање интеграцијата и членството во алијансата.
Денес најгорди од сите ќе беа нашите драги Љупчо Сталевски кој ја вршеше функцијата помошник-директор за НАТО соработка при МВР и Ристо Галевски, помошник-министер за меѓународна соработка кои за жал, со прераната смрт, не го дочекаа овој толку посакуван за нив и за сите нас историски момент за нашата држава“, напиша Чулев на својот профил на Фејсбук.
Чулев е еден од членовите од редовите на опозицијата во техничката Влада која во моментов не е познато до кога ќе функционира по одложувањето на предвремените парламентарни избори.