Не запираат притисоците кон Агенцијата за медиуми поради изборниот мониторинг
Објавено во: Македонија 03 Октомври, 2016
Од Агенцијата за медиуми реагираат за зачестени притисоци после првичните изречени мерки за прекршувања на Изборниот законик.
Преку соопштение до јавноста од оваа институција укажуваат на обвинувања со кои се соочуваат образложувајќи дека Агенцијата се посочува како „цензор“, „приватизирана“, „партизирана“ „непрофесионална“, институција, без притоа да се води и најмалку сметка за фактичката состојба и регулативата којашто е на сила.
Од Агенцијата велат дека им изрекуваат мерки на радиодифузерите коишто го прекршиле Изборниот законик, исклучиво по предлог на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, што значи дека Агенцијата не може да изрече мерка ако тоа не го предложи Привремената комисија.
Притоа, потенцираат дека е крајно непрофесионално радиодифузерите за коишто е покрената прекршочна постапка за изрекување мерка да ја инволвираат Агенцијата на каков било начин во процесот на одлучување за изрекување мерка, дополнувајќи дека „Агенцијата својата работа секогаш ја вршела професионално, непристрасно и принципиелно и ќе продолжи да работи на истиот начин, без оглед на притисокот што се врши и врз регулаторот и врз вработените. Истото треба да го прават и медиумите и објективно да ја информираат својата публика за тековните настани и случувања, без притоа да и натураат ставови и мислења“.
За крај од Агенцијата за медиуми потсетуваат дека цензурата во Македонија е забранета со Уставот.