Неделкова и Караџоски на семинар во Маврово пред вонредната седница на Судскиот совет
Објавено во: Македонија 21 Ноември, 2016
Претседателот на Врховниот суд, Лидија Неделкова доцна попладнево добила покана да присуствува на седницата на Судскиот совет на која ќе се прави вонредна проверка на досегашната нејзина работа како и на актуелниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје1, Скопје Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ.
Во моментов сум во Маврово каде заедно со претседателот на Судскиот совет присуствуваме на семинар. Попладнево ми јавија дека во мојот кабинет пристигната е покана за задутрешната седница на Судскиот совет која ќе биде зад затворени врати . Знам што е повод за вонредната седница, но во моментов јавно не би сакала да зборувам пред да ги видам материјалите и да ги слушнам ставовите на останатите судии“, изјави за Фактор Неделкова.
Вонредното испитување на работата на судиите го предвидува Законот за судски совет, а проверката ќе ги опфати кандидатите за претседатели на Кривичниот, Врховниот и судовите во Тетово и Штип. Седницата ќе биде затворена за јавност бидејќи самото оценување на судии не се врши јавно. Зад затворени врати членовите на судскиот совет ќе дискутираат и за состојбите во Основниот суд еден во Скопје. Повод за ваква невообичаена точка на дневен ред се кривичната пријава и контра кривичната на судијата Иван Џолев и неговиот шеф Владимир Панчевски. Посебно интересна се очекува да биде дискусијата за пријавата против Панчевски од дел од судиите во Кривичен која Советот ја третира како анонимна , бидејќи има само кратки потписи.
Изборите за претседател ќе бидат веднаш по парламентарните избори. Најмногу интерес меѓу судиите има за кандидатите во Кривичниот суд и Врховниот.
„Сметам дека кандидатот за претседател треба пред се со својот авторитет и кредбилитет да ужива доверба на мнозинството судии и судски службеници,односно да ја има довербата во Кривичниот суд. Со претседателот Панчевски немам никаква лична конфронтација. На професионален план можеби имаме различни ставови по одредени прашања, но никако не можат да се наречат конфронтации. Со оглед на новонастанатите околности со кои дополнително се усложнуваат состојбите во Кривичниот суд, а во кои се директно инволвирани двајцата мои противкандидати, размислувам да ја повлечам кандидатурата за прв човек на Кривичниот суд. Зависно од понатамошниот развој на настаните би било логично Судскиот совет да ја поништи одлуката за избор на претседател на Кривичниот суд и да објави нов оглас за избор, кога ќе се создадат услови. Очекувам В.Д претседателот да ја врати работната атмосфера, толеранцијата, да ги нормализира и релаксира меѓучовечките односи внатре во Кривичниот суд со уважување на професионалниот и личен интегритет“ рече во интервју за Фактор Владимир Туфегџиќ, судија и канидатат за претседател на Кривичниот суд.
Во врховниот суд не се очекува промена, а во другиот суд се лицитира со имиња на скоро избрани судии кои добиваат поддршка од македонскиот блок, но и од албанските партии. Актуелната заменичка на претседателот на кривичниот суд се споменува како можен наследник на Панчевски. Овие судови одлучуваат за најтешките форми на криминал и се единствено кои постапуваат по предметите на Специјалното јавно обвинителство.
Горазд ЧОМОВСКИ