НЕКОЛКУ ЗАГИНАТИ И НАД 100 ПОВРЕДЕНИ: Во регионот има поплавени домови, откорнати покриви, соборени дрвја

Објавено во: Балкан 20 Јули, 2023 14:42
Невреме ги погоди Хрватска, Србија, Словенија и БиХ, а има и неколку жртви.
Службите за итна помош ги расчистуваат патиштата, ги отстрануваат остатоците од дрвјата и ја испумпуваат водата која поплави стотици објекти. Има повеќе од 100 повредени и предизвикана е голема материјална штета. Невремето прво ја зафати Словенија. Едно лице загина во Блед откако врз него паднало дрво, а двајца се сериозно повредени по удар на гром во камп на северот на државата. Голем број луѓе останале „заглавени“ на планината Триглав.
„Најмалку 90 лица се заробени во долината Крма на Триглав. Меѓу нив има 35 лица со оштетен вид и 35 придружници. Патот до нив е затворен бидејќи паднаа огромен број на дрва. Дел од нив беа отстранети но пожарникарите и шумарите мораа да ја прекинат работата поради безбедносни причини“, изјави Сречко Шестан командант на Цивилната заштита на Словенија.
Во Загреб за само 20 минути, ветер со брзина на ураган остави пустош во градот. Има откорнати дрвја и покриви, поплавени домови и улици. Четири лица загинаа од кои две во Загреб, еден во Славонија, а пријавена е смрт и на еден пожарникар. Повеќе од 100 лица побарале медицинска помош. Оштетени се преку 2.000 објекти, а поплавена била и една болница во Загреб.
Бурата потоа се префрли во Босна и Херцеговина која исто така пријави штети, но и смртен случај. Една жена починала на северот на државата додека десетина се повредени. Најлоша е состојбата во градот Брчко, а проблеми има и во Бања Лука, Бјелина и Тузла.
„Има штета во сите локални заедници во Кантонот Тузла. Од паднати дрва до урнати кровови на училишта. Според првичните извештаи, најтешко е погодена Грачаница каде има големи штети“, изјави Зоран Јовановиќ директор на управата за цивилна заштита на кантонот Тузла.
Невремето на крајот ја погоди Србија. Припадниците на одделот за вонредни состојби имале преку 200 интервенции и успеале безбедно да евакуираат четириесетина лица. Пожарникарските служби гаснеле преку 20 пожари предизвикани од удар на гром. Откорнати дрвја, паднати кранови, оштетени кровови и улици под вода се само дел од последиците.
Ветрот дувал со брзина од 180 км/ч во вчерашното невреме во Загреб. Податоците за брзината на ветрот од автоматската станица на Државниот хидрометеоролошки завод ДХМЗ покажуваат дека во Градиште кај Жупања, во периодот од 18 до 19 часот е забележан најсилен налет на ветер во тоа подрачје – дури 180 км/ч. Во Славонски Брод некаде по 18 часот е регистриран најсилниот налет од над 120 км/ч.
Можеби ќе ве интересира
КОЈ Е ЃУРО МАЦУТ? - Ендокринолог на чело на новата Влада на Србија

ВУЧИЌ ОТКРИ КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВИОТ МАНДАТАР: Ѓуро Мацут ќе раководи со Владата во Србија - изборот треба да заврши до Велики петок

ХАОС ВО ДАЛМАЦИЈА ПОРАДИ НЕВРЕМЕТО - дел од патишата се затворени, авионите принудно слетуваат во Бари
СНЕГ ВО СОСЕДСТВОТО - Портокалова метеоролошка тревога во Србија, за утре се најавуваат мраз и температури под нулата
ВУЧИЌ СЕ ПОФАЛИ СО СВОЈАТА МАИЦА: Каква порака испраќа?

(ВИДЕО) БРОДСКА НЕСРЕЌА ВО ГРЦИЈА: Загинаа седум луѓе меѓу кои и три деца

СЕ УРНА ТАВАН НА ГРАДИНКА: Три деца се повредени во Босна
